Едно е сигурно, немирите се застрашувачко европско јаве и прикриена закана од зголемена масовност. Во секој случај, континентот на демократијата, културата и можеби декларираните вредности, кои се разголени и се чинат како безвредни, гори во сопствениот егоизам, односно во состојба на доволен „самиот на себе“. Начинот на кој се стигна до состојба на хаос и дезориентација, протежирањето на саможивноста да се постави во центарот на вниманието како начин на контрола на масите, ја достигна својата кулминација. Веројатно дека зад сето ова стои тивкото распаѓање на системот, истиот оној што претпоставува регулирање на односите во општеството. Во моментов, како да попушта по сите шевови и изгледа истрошено. Тој повеќе како да не е способен да се бори со нараснатите спротивставени односи во општеството со каков било идеолошки предзнак. Дека протестите се масовни и сѐ повеќе надвор од контрола сведочат грдите слики од поголемите градови на демократска Европа. Франција „гори“, популистичка Италија мака мачи со средините што претставуваа џинови на економијата како Милано и Торино, а од слични притисоци не се имуни ниту соседна Тирана или големиот Брисел, средиштето на европската администрација, бирократската реплика на социјалистичките инструменти на управување. Европската Унија во овој момент како да заличи на едно веќе одамна исчезнато општество на Балканот. Егоизмот на прикриените елити од СФРЈ и нивните потреби да го разиграат украдениот капитал од државниот трезор, ја направија таа држава претесна за нивните планови. Зарем сето ова е можно да се повтори и кај економски џин како ЕУ? Како и да е, Европа гори, а учесници се речиси од сите профили од општествениот слој. Загрижувачки е што младоста сè погласно бара неизвесноста – која ѝ се пакува како иднина – да ја симне својата кју-клакс-клановска руба или маската на егоизмот, за да ѝ се вратат надежта и вербата во животот и неговите вредности. Европа е олицетворение на вредности од кои за миг исчекори, но таа секако има капацитет и вредносен потенцијал да се врати на патот што води кон подобра иднина за сите.
„Ај да ми бидеш здраво и живо, детуле. Грлото бисер да ти рони, а гласот да ти биде како на славејче. И кога еден ден ќе погледнеш во големото сино небо и ќе слушнеш пој на славеј, спомни си за четата во која си се родило, четата на Јане Сандански. Таа чета се бори за твојата слобода и слободата на овој напатен народ…“ Оваа беседа на Стефан Мандалов-Манданата на славната Пирин Планина уметнички издекларирана од страна на нашиот глумечки бард Петре Прличко треба да биде потсетник за целите на просперитетна заедничка Македонија, која во своите топли пазуви знае како да ги прибере сите оние што со достојна почит се однесуваат кон нејзината исконска добрина. Долниот инсерт ќе нѐ потсети на насловот од колумната што овој пат е видно изменета заради празнувањето.
„Се гледаа очи во очи. Добро се познаваа, но сепак правеа обиди да откријат уште нешто што беше скриено длабоко во нивните души.
– Што абер ми носиш, Бабаиту?
Именуваниот не одговори. Тромо се истегна и се упати кон аголот од одајата. Таму имаше вреќа од коњски влакна. Околу неа, засирена крв. Тој ја зграпчи вреќата и ја истури пред нозете на миралемот (полковник или албај) Исмет Доган. Понесени од инерција, на подот се стркалаа три човечки глави. Челните коски им беа расцутени. Некој стрелал од нагант-револвер во нив од непосредна близина. Гавазите на Доган беа навикнати на вакви глетки, но овој пат, сѐ беше некако пострашно. Адем не можеше да издржи, па излета од одајата и поврати во ходникот. Полковникот и самиот беше потресен од она што го виде. Но тој успеа да се воздржи. Подголтна. Во ниту еден миг не посака Бабаитот да му биде противник.
– Каква е оваа ограма (магија), Бабаиту?
– Глави сакаше, глави носам, полковнику. Ова се главите на војводите!
Беше очигледно дека овие двајца луѓе ги поврзува заемен интерес.
– Од каде на каде толкава омраза кон луѓето од твојот народ, Бабаиту?
– Да се припаѓа на еден народ за мене е чиста демагогија и налудничавост. Волкот самиот си ја врши работата и затоа е дебел во вратот. За да си ги остварам соништата, јас станав волк. Немам стопан, но имам силен заштитник. Тој ме научи да го следам само мирисот на добивката. Идеал, што е тоа, Исмет? За мене тоа се неотсонети соништа на копуци што немаат врска со јавето. Што ќе ти е касметот на Отоманската Империја ако тебе животот ти е пекол?
Полковникот го испразни филџанот со кафето.
– Крвнината со која ги честиш твоите, сигурно има дебела заднина?
– Кога удирам кама, јас сосема ги исклучувам моите сетива, мојата свест. Воопшто не ми значи нивната болка и сјајот во очите што преколнуваат и молат за живот.
– Мојот заштитник е многу посилен од твојот, Бабаиту. Се разбира ако зад тебе не стои самиот Шејтан. Мојот Падишах е миленик на Алах и јас сум свесен дека не смеам да му скршнам од волјата. Но едно ќе ти речам. Кај мене сѐ уште има намуз (срам) и почит дури и кон душманот. Сега се чудам како никој досега не ти дошол до глава?
Доган стана и му ја стисна дланката. Длабоко во себе, секој од овие двајца силни мажи не негуваше надеж за долгорочна соработка. Природно, тие беа големи непријатели…“
Секако дека нѐ има секакви. Впрочем, како и во сите народи. Човекот е роб на сопствените потреби и слабости. Злото знае како да ја наметне својата доминација и да предизвика проблеми со големи последици. Не велам дека нашите гревови се дел од причина за проблемите на сите оние што оставиле печат врз нашите маки, но секако дека се наметнува потреба големите да имаат разбирање за вредностите на оние за кои сметаат дека се безначајни. Убаво е да се празнува кога омразата од минатото се прелева во љубов во сегашноста и надеж за заедничка иднина во која сите ќе бидат насмеани и среќни. Луѓето се социјални суштества и тие треба да ја почитуваат поврзаноста за заемен просперитет. Се надевам дека една вака испомешана колумна, ќе даде свој мал придонес за еден подобар свет.
































