Многу пропуштени шанси за развој и за општествена благосостојба меѓу многу гладни за провизии

  • Но и покрај сѐ и по сѐ, да се надеваме – Македонија има Македонци по род и државјанство што сакаат да ја водат оваа земја кон демократија и развој. Тие се стремат таа да биде правна држава, во која законите и Уставот ќе гарантираат еднакви права, слободи и правда за сите, а земјата ќе остане отворена за целиот свет!

Ајде нешто и за економијата, историјата не ни бега. Пoради политички реваншизам, по првиот мандат како независен пратеник во Собранието на Македонија 1990-1994, дури во 2009 година се вработив во Општина Гази Баба на работното место помошник на раководителот на Секторот за поддршка на градоначалникот. Од моето вработување, во два мандата на ВМРО-ДПМНЕ и еден на СДСМ, Општина Гази Баба беше без секретар. Конкурирав, ама веројатно за јас да не бидам, градоначалниците не именуваа секретар на општината, иако извршував работи и задачи за неколкумина. Во согласност со Законот за административни службеници, градоначалникот е должен да именува секретар на општината од редот на раководните административни службеници во рок од два месеца од денот на неговиот избор на функцијата, во спротивно е пропишана глоба од 7.500 до 15.000 евра. Но градоначалниците ниту платија мандатна глоба, ниту именуваа секретар на општината. Сепак, Гази Баба не е селска општина. Нејсе…
Како помошник на раководителот на Секторот за поддршка на градоначалникот на Општина Гази Баба, развив одлични односи со кинеската амбасада во Македонија. Речиси станавме пријатели со поранешниот кинески амбасадор Џанг Ѕуо. Ја збратимивме Општина Гази Баба со јужната кинеска провинција Јунан – ние 75 илјади, тие 57 милиони жители. Неколкупати кинеската амбасада донираше во Општина Гази Баба, неколкупати донесоа стопански делегации за директни кинески инвестиции.
По вработувањето во Општина Гази Баба почнав со решавање на поголеми проекти што беа заборавени или заглавени…
Развојот на стопанството во градот Скопје, Владата го осмислила во три индустриски зони по 300 хектари околу обиколницата, сите на подрачјето на општината Гази Баба. Првата индустриска зона именувана „Обиколница“ била од клучката кај Хиподром до патот кон Арачиново, по 150 хектари од двете страни на сообраќајницата. За жал, се наишло на многу нерасчистени имотни и наследни права и македонската влада се откажала од неа, се ориентирала на индустриските зони „Бунарџик“ 1 и 2, бидејќи таму земјиштето е во државна сопственост.
Му предложив на градоначалникот на Општина Гази Баба во 2010 година да ја уредиме индустриската зона „Обиколница“, одговорот беше, Владата се откажа, општината нема пари да ја уреди и стопанисува. Сепак со Секторот за урбанизам се нафативме и за две-три години извршивме пренамена на земјоделското во градежно земјиште, ефектуиравме индустриска зона, најголема по површина во државата Македонија. Преку зоната проаѓа главниот гасовод во Македонија за метрополата Скопје, може да има евтини енергенти, зоната со дополнителна инвестиција може да се врзе со Македонски железници, близу е и аеродромот Петровец… Се разбира, за голема зона треба и голем инвеститор. Имајќи предвид дека Кина ги откупи пристаништата во Солун и Пиреа до Атина во Грција, а ја гради и брзата железница од Будимпешта до Атина, финансирајќи ја нејзината изградба во Унгарија, Србија и Грција, со Секторот за економска дипломатија при Министерството за надворешни работи решивме индустриската зона „Обиколница“ да ѝ се понуди на Кина, како пристаниште на суво (драј порт) – кинески логистички центар за Југоисточна Европа. Во Европа ги има десетина пристаништа на суво, лежарината на контејнерите на земја до испорака со товарен прекуокеански брод е многу мала во однос на лежарината на контејнерите на пристаниште на море додека се наполни прекуокеанскиот товарен брод за да исплови. Имено, идејата беше, сѐ што оди за Кина од регионот на Југоисточна Европа да се собира во пристаништето на суво „Обиколница“ во Гази Баба, со железница да се депортира до пристаништето во Атина или во Солун, оттаму со прекуокеански товарни бродови до Кина. Сѐ што доаѓа од Кина за регионот на Југоисточна Европа преку пристаништето во Атина или Солун да се депортира до пристаништето на суво „Обиколница“ во Гази Баба и оттука да се дистрибуира до крајните дестинации во регионот на Југоисточна Европа. Имавме добри конекции со кинеската амбасада во Македонија.

Дополнително мотивирачки – за кинески инвеститор, нѐ поттикнуваше и фактот дека Македонија е член на кинеската иницијатива за Југоисточна Европа 16+1 по Патот на свилата, плус Кина во наредниот плански период обезбедила околу 150 милијарди евра инвестиции во земјите членки на кинеската иницијатива за Југоисточна Европа.
И проекцијата за кинески регионален логистички центар ѝ ја понудивме на кинеската амбасада во Македонија. Кинескиот амбасадор, бидејќи претходно бил бизнисмен, а не амбасадор од кариера, ни донесе кинеска стопанска делегација од јужната кинеска провинција Јунан. Разговори одржавме во хотелот „Камник“, ги пречекавме како добри домаќини. Нѐ прашаа кои проекти ги нудиме, им понудивме четири: кинески регионален логистички центар, регионален саем бидејќи стариот Скопски саем повеќе не постои, градски кинески трговски центар на местото на стариот Скопски саем и локација над селото Брњарци на Скопска Црна Гора за изградба на населба кинески град за вработените Кинези во кинеските инвестиции во Македонија. На прашањето колку чинат проектите што ги нудиме, одговоривме приближно од 70 до 100 милиони евра во индустриската зона „Обиколница“ за: експропријација на приватното земјиште, бидејќи соодносот беше 60 отсто државно – 40 отсто приватно земјиште; изградба на подземни инсталации; изградба на патна инфраструктура и оградување на зоната; железничко поврзување на зоната со Македонски железници; изградба на логистички центар за опслужување на зоната со деловни простории за инвеститори, банки и складишта… Инвеститорите ни рекоа дека четирите проекти се одлични инвестиции, да работиме на нив, и чинат 13 милијарди евра, што е неколку државни буџети на Македонија. Дополнија, за инвестиции во странство, во Кина согласност дава кинескиот претседател, наша обврска беше ние да обезбедиме согласност од македонскиот претседател или влада.
Бевме пријатно изненадени од кинеската понуда, бидејќи 13 милијарди евра инвестиции за четири проекти значат развој на целата држава Македонија, а не само на Општина Гази Баба.
За жал, иако кинеската амбасада ни понуди учество на вработени од Општина Гази Баба на саемот „Кина-Азија Експо“ во јужната кинеска провинција Јунан на нивна сметка, за и таму да ги понудиме четирите проекти, надлежните не пројавија интерес. Заврши мандатот на кинескиот амбасадор, јас се пензионирав и повеќе никој не ги активира овие проекти. Штета!
Важно, македонските медиокритети и натаму ја „штитат“ Македонија од „кинеското и руското влијание“.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на 24 јули 2025 година ја посетија Кина по повод 25-от самит ЕУ–Кина и 50-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу ЕУ и Кина, се сретнаа со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг. На средбата разговарале за трговијата, економските односи и за глобалните политички прашања. Претходно, на 6 април 2023 година, Урсула фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, се сретнаа со кинескиот претседател Си Џинпинг.
Од 23 до 25 септември 2026 година кинескиот претседател Си Џинпинг ги посети САД. На средбата, кинескиот претседател Си Џинпинг и американскиот претседател Доналд Трамп разговарале за односите меѓу САД и Кина, трговијата и за меѓународните прашања.

И додека македонските власти „ловат“ кинеско влијание во Македонија, Си Џинпинг во Србија беше на 17 јуни 2016 и на 7 мај 2024 година. Александар Вучиќ на гости во Кина беше од 24 до 28 мај 2024 година и од 2 до 5 септември 2025 година, со главни теми – стопанската соработка меѓу Кина и Србија.
На 19 октомври 2026 година, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји се сретна со бугарскиот премиер Румен Радев во Бугарија. Средбата се одржала во Софија, а главните теми биле: економската соработка помеѓу Кина и Бугарија; кинеските инвестиции во електрични возила, енергетика, земјоделство и високи технологии; поврзувањето на Европа и Азија, отворање директна авионска линија меѓу Софија и Пекинг; и продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу двете земји. Ванг Ји му пренел на Радев покана да ја посети Кина. Ванг Ји се сретнал и со бугарската претседателка Илијана Јотова.
Претходно, поради енергетските политики на Брисел, Македонија се откажа од рускиот гасовод „Јужен тек“. Наместо Македонија да биде главна трансверзала во регионот и да наплаќа транзитна такса, рускиот гасовод го лапна Бугарија. „Нашиве“ уште ловат „руско влијание“ во Македонија.
На 9 октомври 2026 година, американскиот претседател Доналд Трамп објави договор со рускиот претседател Владимир Путин за испорака на руски дизел на американскиот и светскиот пазар: над 300.000 тони дизел веднаш; дополнителни 500.000 тони во ноември; уште еден милион тони потоа; и дополнителни три милиони тони во краток период, зависно од состојбата на руските рафинерии. На 16 октомври 2026 година следуваше и американска одлука за привремено суспендирање на дел од санкциите и царините кон Русија. Американската администрација привремено ги олесни санкциите за овие испораки, со цел да се овозможи трговијата со руско дизел-гориво. Трамп го направи тоа заради: прво, намалување на цените на горивата, дизелот е неопходен за камионскиот транспорт, земјоделството, индустријата и греењето, поголемата понуда на светскиот пазар може да помогне во намалувањето на цените; второ, економските интереси на САД, повисоките цени на горивата ги оптоваруваат американските граѓани и компаниите; трето, преговорите со Русија може да послужат и како економски поттик за Москва да соработува со Вашингтон. Со овој договор со САД, Русија добива можност да продава повеќе енергенти и да остварува повеќе приходи од нивниот извоз.
Македонија треба да биде отворена за сите инвеститори во светот, да лови инвеститори во целиот свет, бидејќи е раскрсница на Балканот со одлична геополитичка положба во регионот. Македонија не смее да остане ничија колонија! Македонија не смее да се претвора во слепо црево на Балканот.
САД ќе купуваат руски дизел, ама Македонија финансира во интерконекторот во Александропулос, во кој нема ни сопственост туку загуби, за да увезува поскап течен гас од САД наместо поевтин од рускиот гасовод, кој требаше да минува низ Македонија! САД договараат стопанска соработка со Кина, македонската влада и Собранието бегаат од кинески инвеститори во Македонија. Наместо да склучиме јавно-приватно партнерство со Кина, тие да ја изградат железницата од нивниот проект Будимпешта-Атина, а концесијата да биде организација и финансирање на патничкиот железнички сообраќај, Владата најави британски кредит за изградба на брзата железница низ Македонија. А за волја на вистината, товарниот железнички сообраќај во Македонија го користи само кинеската корпорација КОСКО! Апсурди невидени!
Не е спорно во Македонија да има инвеститори и од САД и од ЕУ, ама Македонија треба да биде отворена за секоја инвестиција од странство и од Кина, и од Русија, и од Индија, и од Јужноафриканската Република…

И така, погрешните политики и слепа послушност кон секој третокласен државен службеник од странство наместо активен мултилатерализам – од пријатели никогаш доста и соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес врз основа на основните принципи на меѓународното право на суверена еднаквост и неделива безбедност, Македонија да излезе од „сива зона“, „слепо црево“ или „црна дупка“ во просторот и времето, да не стане реплика на темниот вилает на Отоманската Империја во кој владеел башибозукот…
Во времето на Груевски и Јанакиески, со наш Македонец од Холандија ја донесов француската корпорација „Аккор“ за изградба на хотелите „Ибис“ и „Новотел“ како директна инвестиција од 120 милиони евра на местото на хотелот „Мериот“, на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, премиерот не се согласи, очекувал изградба на хотел „Кемпински“, но тоа не се случи. Донесов германска инвестиција, со наш Македонец од Холандија, од 150 милиони евра преку Светска банка за изградба на заборавениот Сончев Град кај Сопиште на Водно, министерот за транспорт и врски ги избрка. Донесов 100 милиони бескаматен кредит од државната Австриска контролна банка за финансирање примарна фекална канализација во 16 општини во Македонија (Сопиште, Гази Баба, Гевгелија, Крива Паланка, Прилеп, Битола, Кочани, Гостивар, Штип, Струмица, Петровец, Скопје, Арачиново, Куманово, Чаир, и Кисела Вода) под најповолни услови – неповратен грант од 15 отсто, од 1,5 до 10 милиони евра по општина, со грејс-период до шест години и рок на отплата до 15 години, министерот за финансии не го одобри кредитот. Донесов инвеститор со средства од Лондонски инвестициски фонд преку компанијата „Енергопроект“ од Србија за изградба на голема фотонапонска електроцентрала (соларен парк) на 500 хектари земјиште лоцирано на најсончевата страна на Скопје, на падините на Скопска Црна Гора над селото Брњарци, од 500 милиони евра, градоначалникот ги испушти…
И така, многу пропуштени шанси за развој и општествена благосостојба меѓу многу гладни за провизии и елиминација на поединци макар да нема за сите!
Но и покрај сѐ и по сѐ, да се надеваме – Македонија има Македонци по род и државјанство што сакаат да ја водат оваа земја кон демократија и развој. Тие се стремат таа да биде правна држава, во која законите и Уставот ќе гарантираат еднакви права, слободи и правда за сите, а земјата ќе остане отворена за целиот свет!
Белким некогаш тие од власта ќе научат дека: Македонија нема вечни пријатели, Македонија нема вечни непријатели, Македонија има вечни интереси, како и сите други во светот! Конечно, светот не може повеќе да биде банкомат за Зеленски да води војна во која не може да ја порази Русија. На светот му требаат крај на војната во Украина, руско-украинско помирување и траен мир и добрососедство меѓу Русија и Украина! Крајно, престанете да работите за НАТО и ЕУ, не чекајте милостина од овие сојузи! Почнете да работите за Македонците по род и државјанство, одработете за Македонија, така ќе нѐ сакаат сите – и ЕУ и НАТО и БРИКС. Сите! Господ овде веќе сѐ дал, фали само власт и опозиција што со срце и душа ќе работат за Македонците по род и државјанство и за Македонија! Македонија, наместо буре барут, да биде фактор на мирот, стабилноста и развојот на Балканот, во Европа и во светот! Никогаш северна, само Македонија вечна од исконот до бескрајот!

Тодор Петров