Донев номиниран за „Астрид Линдгрен“

Еминентниот македонски писател Киро Донев, еден од најплодните македонски автори за деца, е номиниран за Меѓународната меморијална награда „Астрид Линдгрен“ (Astrid Lindgren Memorial Award – ALMA) за 2027 година, која претставува едно од најзначајните светски признанија во областа на литературата за деца и млади.
За наградата „Астрид Линдгрен“ за 2027 година се номинирани вкупно 277 кандидати од 80 земји и региони, соопшти организаторот на 14 октомври 2026 година. Од нив, 85 се нови на листата. Киро Донев е ексклузивен автор на издавачката куќа „Македоника литера“, која ја соопшти веста за неговата номинација. Донев е предложен од страна на Институтот за детска книжевност од Белград. Тој е првиот македонски писател номиниран за една од двете најпрестижни меѓународни награди во оваа област: „Астрид Линдгрен“ и наградата „Ханс Кристијан Андерсен“.
Наградата „Астрид Линдгрен“ е востановена во 2002 година од шведската влада, во чест на славната шведска писателка Астрид Линдгрен, авторка на незаборавните приказни за Пипи Долгиот Чорап и други ликови што оставија траен белег во светската литература за деца. Добитникот на наградата за 2027 година ќе биде објавен на прес-конференција во Стокхолм, на 6 април 2027.


Нов прирачник

Неодамна во просториите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, пред многубројна публика, беше промовиран прирачникот „Језик и култура завичаја 2“ („Јазик и култура на родниот крај 2“) на авторката м-р Славица Петровиќ Тодорова. Станува збор за учебно помагало за изучување српски јазик на децата од Македонија.
– Нашиот роден крај, родниот крај на нашите родители или предци е наше наследство. Со чувањето на роднокрајниот јазик и на културата, го чуваме својот идентитет. Каде и да се наоѓате не смеете да ги заборавите своето потекло и своите корени, затоа што иднината се гради само на здрави корени -пишува авторката Петровиќ-Тодорова во воведот кон прирачникот.
Прирачникот опфаќа методолошко изучување на латиничните и кириличните букви во српската азбука, како и прилози од литературата од избрани српски, македонски и светски писатели.


Кошарка за секое дете

Децата на возраст од 10 до 14 години од Пробиштип ќе можат бесплатно да тренираат кошарка во својот град и да ги развиваат спортските вештини и спортскиот дух, подготвувајќи се за учество на младинските натпреварувања. Уписите се отворени до 30 октомври 2026 година. Проектот е на компанијата „Булмак 2016“, во соработка со градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски.
Со цел проектот да биде достапен за сите, родителите ќе бидат ослободени од сите трошоци за учество. Со проектот ќе бидат обезбедени топки за кошарка и реквизити за работа, а за натпреварувачите во селекциите и кошаркарска опрема. Предвидено е момчињата и девојчињата да се натпреваруваат во категориите М12 и М14 во системот на Македонската кошаркарска федерација.


Учество во Романија

Претставници на повеќе европски земји учествуваа на тренингот „Учење во акција“ (Leatning in action), кој од крајот на септември до почетокот на октомври се случуваше во градот Кристусу Секуеск во Република Романија. На овој проект, кој е во рамките на програмата „Еразмус+“, претставници на Македонија, преку невладината организација „Порака нова“, беа Николче Јакимовски од Куманово и Владимир Голабоски од Струга. Тренингот беше наменет за едукатори, младински работници, лица што работат со млади во формално и неформално образование.
– Најголем впечаток од тренингот ми оставија работилниците за креативно размислување, вклучување учесници и инклузија, работа со млади со различни можности, социјализација, развивање емпатија и работа во групи, креирање активности (часови), наставни и воннаставни активности на различни теми, игри за загревање и вовед во активности, елементи на дебата и креирање на правила за демократско однесување, подготовка на младите за демократско учество и можности за ги искажат својот став, преговарачки вештини и решавање конфликти – вели Николче Јакимовски, наставник во ООУ „Вук Караџиќ“ во Куманово.
Јакимовски, кој е наставник-ментор и магистер во менаџмент на човечките ресурси од областа на образованието, смета дека стекнатите вештини во рамките на овој тренинг може да најдат примена и во македонското образование.
Подготвил: Ф.Д.