Фото: Маја Јаневска-Илиева

Политичка илузија е дека македонскиот јазик е заштитен со преговарачката рамка

  • Самото споменување на македонскиот јазик во преговарачката рамка не е безусловна гаранција дека тој ќе стане службен јазик на Европската Унија. За тоа е потребна едногласност на земјите членки, а едностраната декларација на официјална Софија од 2022 година покажува дека јазичното прашање и натаму е предмет на политички спор. Граѓаните не смеат да бидат доведени во заблуда. Постојат правни и политички механизми за нови условувања. Државата и сите граѓани мора да ги препознаат и заедно да се побара начин да се отстранат слабостите во преговарачката позиција

Пораката на премиерот Христијан Мицкоски дека земја членка на Европската Унија апсолутно може да го блокира македонскиот јазик како службен јазик на Унијата е еден директен политички „бекхенд“ на јавна сцена на една цела конструкција од уверувања од политичко-медиумска машинерија дека „преговарачката рамка е безусловна гаранција дека македонскиот јазик има гаранции дека тој ќе стане службен јазик на Европската Унија“.

Ниту има гаранции на хартија ниту сигурност во реалноста

Од највисокиот државен функционер јавноста доби порака и предупредување дека македонската јавност мора да направи разлика меѓу нешто што е наведено во еден европски документ и нешто што е во јавноста декларирано, што всушност е правна и политичка заблуда за внатрешна употреба, при што граѓаните постојано се ставаат во заблуда дека македонскиот јазик е загарантиран во евроинтеграциите.
– Со години се наметнуваше впечаток дека употребата на називот „македонски јазик“ во преговарачката рамка е доволна гаранција дека прашањето е затворено, дека таа формулација не може повторно да биде оспорена, дека европскиот пат, и покрај сите политички пречки, веќе обезбедил неповратно признавање на идниот службен статус на македонскиот јазик во институциите на Унијата. Но меѓу политичкото уверување и правната сигурност постои суштинска разлика. А токму таа разлика денес мора гласно да се објасни пред граѓаните. Нема основа дека постои безусловна гаранција дека македонскиот јазик автоматски ќе стане службен јазик на ЕУ само затоа што е именуван во преговарачката рамка. Тоа не значи дека има „црно на бело“ дека некој однапред донел одлука да го блокира, иако и за тоа има и видливи индикатори, ама и постојната правна рамка не го исклучува таквиот ризик – вели наш соговорник, долгогодишен амбасадор и носител на високи одговорни позиции во македонската дипломатија, сега пензионер.
Според наши новинарски извори од Брисел, кои имале увид во стратегијата за проширување што ќе ја презентира Марта Кос, наводно, постои и член во стратегијата со кој се овозможува „блокада и на официјалниот јазик на земјата кандидат“.

Едногласност – правниот механизам што не смее да се игнорира

Нашиот соговорник нагласува дека клучот за разбирање на проблемот се наоѓа во сржта на европските договори. Тој потсетува дека членот 342 од Договорот за функционирањето на Европската Унија предвидува Европскиот совет (ЕС), одлучувајќи едногласно, „да го утврдува јазичниот режим на институциите на Унијата“. Имено, во таа рамка се вклопува и Регулативата бр. 1/1958, која ги уредува службените јазици и се приспособува при проширувањата. Тоа е правниот механизам што не смее да се занемари кога се зборува за идниот статус на македонскиот јазик.
– Пристапувањето на нова членка не значи дека секој дел од процесот е автоматски завршен однапред, ниту дека политичките несогласувања исчезнуваат со самото отворање на преговорите. Кога за некоја одлука е потребна едногласност, секоја членка располага со можност да НЕ даде согласност. Оттука, тврдењето дека македонскиот јазик е целосно заштитен од какво било идно оспорување НЕ може да се прифати како неспорен правен факт. И тука е суштината на проблемот што треба да допре јасно и гласно до граѓаните на Македонија. Не е доволно да се повикуваме на формулацијата во европскиот документ, а да го премолчуваме механизмот преку кој таа треба да добие целосна практична примена. Рака на срце, европската регулатива не кажува дека Бугарија нужно ќе стави вето. Но таа не ја отстранува ниту можноста за несогласување при одлучувањето за службените јазици. А кога веќе постои спор што директно го засега македонскиот јазик, граѓаните мора да го знаат тоа, а не да бидат, како до скоро, ставани во заблуда, а некои од нив и сѐ уште се… – вели нашиот соговорник, дипломат и аналитичар.

Софија испрати порака уште во 2022 година

За да се разбере зошто ова прашање не е само теоретско, треба да се потсетиме на едностраната декларација што Бугарија ја достави до Советот на Европската Унија во јули 2022 година. Со неа официјална Софија го изрази сопственото толкување на употребата на терминот „македонски јазик“ во европските документи, нагласувајќи дека тоа за бугарската страна не претставува признавање на јазикот во смислата што ја прифаќа македонската држава. Оваа декларација не е одлука на Европската Унија со која се негира македонскиот јазик. Но нејзиното постоење е сериозен политички сигнал дека Бугарија НЕ се откажала од сопствените позиции и оставила јасно забележан став во европскиот контекст. Токму затоа не може од јавноста да се бара граѓаните едноставно да веруваат дека прашањето е дефинитивно затворено само затоа што во преговарачката рамка е употребен називот „македонски јазик“.
– Не е одговорно некои поединци, интелектуалци, невладини организации, па и политички партии да создаваат чувство на целосна сигурност таму каде што постои простор за нови политички условувања. Уште помалку е одговорно прашањето за јазикот да се сведе на некаква граѓанска расправија и дополнително да се шират некакви квазианализи за „гарантирањето на македонскиот јазик со преговарачката рамка“ кога тоа ниту де факто ниту де јуре не е точно. И сметам дека конечно оваа расправа во јавноста треба да заврши, за да можеме граѓански и натпартиски да се консолидираме за нашата натамошна позиција за евроинтеграциите – вели дипломатот. П.Р.


Јазикот не е административна ставка

За Македонија, македонскиот јазик не е обичен елемент во некоја европска регулатива. Тој е темел на националниот идентитет, на културната самобитност и на историскиот континуитет на македонскиот народ. Затоа секое оспорување на неговиот статус, секоја можност за ново условување и секој обид за наметнување туѓо толкување се доживуваат како прашања што ја надминуваат дипломатската техника.
Но токму затоа е неопходно да се говори прецизно. Тоа значи дека постојат правни и политички предизвици што мора да се адресираат со сериозна дипломатија, аргументи и државничка одговорност. Како да се направи „враќање во поранешната состојба“? Штетата е направена, но таа може и да се поправи. Две се полињата што се фундамент за реституцијата. Прво, неспорниот факт дека македонскиот јазик е реалност и посебен јазик со своја кодификација, книжевност и институционална традиција и, второ, прашањето за неговото идно формално вклучување меѓу службените јазици на Европската Унија. Првото не зависи од нечие политичко одобрение. Второто е дел од европската институционална постапка, во која едногласноста не боже да биде алатка за стравотниот противправен политички притисок, институционализиран во процедурите на ЕУ. Токму таа разлика треба да им биде јасна на граѓаните. П.Р.


Дипломатијата да мине во контраофанзива

Колумнистот, аналитичар и дипломат Ристо Никовски предупредува дека бугарската политика кон македонскиот јазик е долгорочна и дека Македонија не треба да очекува спорот да исчезне само со напредувањето во евроинтеграциите. Неговите оценки за мотивите на Софија и за можниот исход се децидни и недвосмислени политички процени, при што тие укажуваат дека државата не смее да ја игнорира веќе востановената долгогодишна практика дека официјална Софија ќе продолжи на ист начин и во следните фази од процесот. Тој смета дека Македонија мора да ја засили дипломатската активност, да ги анализира правните можности и да изгради стратегија што ќе ја анулира позицијата на Софија, а официјално Скопје ќе го штити во својата преговарачка позиција. Тоа подразбира разговор со европските институции и со земјите членки, барање јасни толкувања на преземените обврски и настојување прашањето за јазикот да не биде претворено во инструмент за дополнителни билатерални условувања.
Повеќе дипломати во врска со ова прашање велат дека е потребна сериозна анализа на досегашните договори и протоколи, вклучувајќи ја и можностите за нивно преиспитување во согласност со правните процедури. Секој предлог, вклучувајќи го и барањето за промена на досегашниот пристап кон вториот протокол, мора да биде разгледан врз основа на правните последици, дипломатската изводливост и реалните интереси на државата. П.Р.


Да не го повториме истото по вторпат

Најголемата опасност за Македонија не е само во можноста некоја членка на Унијата да го оспори идниот службен статус на македонскиот јазик. Опасноста е и во тоа државата повторно да влезе во следната фаза од преговорите без јасна процена на ризиците, без цврста стратегија и без прецизно дефинирани позиции.
– Македонија мора да ги извлече поуките од досегашниот тек на преговорите. Пораката до граѓаните треба да биде јасна. Да не се верува во тврдењето дека прашањето за македонскиот јазик е засекогаш затворено само затоа што неговото име е внесено во преговарачката рамка. Тоа е заблуда. Таквата формулација не е исто што и безусловна гаранција за неговиот службен статус во Европската Унија. Нашата задача не е да се откажеме од Европа, туку да престанеме да ги мешаме европските перспективи со неоснованите уверувања. Не е да создаваме страв, туку да бараме сигурност. Не е да го жртвуваме националниот интерес во име на политичка удобност, туку да го браниме со аргументи, право и дипломатија. Македонскиот јазик не е предмет за пазарење. А неговата заштита не смее да остане само прашање на политички изјави и декларативни уверувања – велат наши соговорници, универзитетски професори и академици, при што порачуваат дека е време за вистината, за одговорност и за заедничка и широка државна стратегија.
Пред следната пречка да стане нова свршена состојба, Македонија мора да направи сè што е правно и дипломатски возможно за да ги отстрани слабостите од претходниот процес и да спречи идентитетот и јазикот да станат цена за европската перспектива. П.Р.