Фото: Пиксабеј

Во Србија се регистрирани вкупно 60 случаи на западнонилска треска од почетокот на сезоната на надзор, на 1 јуни, до 18 октомври 2026 година. Од заболените, 49 лица развиле невроинвазивна форма на болеста, соопшти Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“.

Меѓу заболените се 35 мажи и 25 жени, а просечната возраст изнесува 63,6 години. Случаи се евидентирани во 13 окрузи, од кои најмногу во Белград — вкупно 23.

На европско ниво, заклучно со 14 октомври, вирусот на Западен Нил е идентификуван во 208 подрачја во 16 европски земји.

Во Европската Унија и Европскиот економски простор, случаи кај луѓе се регистрирани во Италија, Грција, Романија, Шпанија, Франција, Германија, Австрија, Холандија, Хрватска, Кипар, Унгарија, Белгија, Бугарија и Словенија.

Најголем број зафатени подрачја се регистрирани во Италија — 70, Франција — 28, Грција — 25 и Романија — 24.

Во регионот, покрај Србија, случаи на заразени со вирусот на Западен Нил се регистрирани и во Македонија и Албанија.