Евроинтеграциите и билатералните спорови
- Притисокот врз Хрватска да не ги претвора отворените прашања со Црна Гора во пречки за нејзиното членство повторно го отвора прашањето за европските двојни стандарди. Зошто она што денес се преиспитува во случајот на Подгорица не беше спречено во случајот на Македонија?
Европската Унија повторно се соочува со прашањето што досега упорно го одбегнуваше кога станува збор за Македонија, а тоа е до каде може една земја членка да оди во условувањето на кандидатот за членство и кога билатералниот спор престанува да биде прашање на добрососедски односи, а станува инструмент за блокирање на европската перспектива на друга држава?
Несогласувањата меѓу Хрватска и Црна Гора, за што неодамна пишуваше и загрепски „Вечерњи лист“, се добар пример за она што ни се случува. Имено, нонпејперот на Австрија, Чешка и Словачка, како и предлозите на Европската комисија за одвојување на билатералните прашања од пристапните преговори, покажуваат дека во Унијата сè погласно се бара начин да се спречи билатералните недоразбирања да ја попречуваат динамиката на проширувањето.
Според весникот, иницијативата се случувала во пресрет на последната нова меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Црна Гора, на која Подгорица ја продолжува завршната фаза од пристапните преговори. Притисокот врз Хрватска како земја членка не застанува тука, се наведува во текстот на „Вечерњи лист“, бидејќи речиси истовремено и Европската комисија предлага билатералните прашања што не се дел од пристапните критериуми да се решаваат надвор од преговорите. Дополнително, комисијата ја отвора и можноста во одредени меѓучекори да се отстапи од принципот на едногласност на сите земји членки.
Но ако денес се бараат механизми со кои би се спречила Хрватска преку отворените прашања со Црна Гора да го забавува нејзиното пристапување, зошто таков механизам не беше воспоставен кога Бугарија го условуваше почетокот на македонските преговори? Дополнително, зошто во нашиот случај билатералниот спор не беше задржан надвор од преговарачката рамка, туку беше европеизиран, иако нема допирни точки со Копенхашките критериуми.
Добрососедството не може да биде критериум само кога тоа ѝ одговара на членката
Никој не може да оспори дека добрососедските односи се важен елемент на европската интеграција, уште помалку да се очекува дека една држава ќе стане членка на Унијата без да ги почитува преземените меѓународни обврски, без да ги решава отворените прашања со соседите и без да ги почитува човековите права. Но токму затоа е важно да се знае што конкретно се бара од кандидатот, врз која правна основа и дали истите правила се применуваат еднакво кон сите.
Хрватска и Црна Гора имаат отворени прашања што произлегуваат од распадот на поранешна Југославија и од воените настани во деведесеттите години на минатиот век. Меѓу нив се прашањата за исчезнатите лица, судбината на жртвите, одговорноста за воените злосторства и именувањето објекти по личности чии дејствувања се поврзани со контроверзни историски настани. За Загреб овие прашања не се само обични билатерални несогласувања туку и прашања на историска одговорност и почитување на жртвите.
Секако, не може автоматски да се изедначат сите хрватски барања со формалните пристапни критериуми и токму околу тоа и се води расправата во ЕУ. Но суштината е дека врз Хрватска сега се врши дипломатски притисок да се направи разлика меѓу обврските што произлегуваат од европското право и прашањата што треба да се решаваат преку билатерални разговори или други меѓународни механизми. Клучното прашање е зошто истата логика не беше применета и во односите меѓу Македонија и Бугарија?
Имено, Софија со години ги претвораше прашањата за историјата, јазикот и за националниот идентитет во главни точки на спорот со Македонија. Откако не успеа да го наметне своето барање за историско толкување како доволна основа за трајно условување на македонската европска перспектива, спорот доби нова политичка и институционална рамка, во која преку прашањето за човековите права се трансформираше во прашање за внесување на Бугарите во македонскиот устав.
Во меѓувреме, европските институции не успеаја да воспостават јасна граница меѓу легитимното барање за добрососедски односи и условувањето што навлегува во чувствителни прашања за јазикот, историјата и идентитетот. Напротив, со прифаќањето на договорениот механизам за почеток на преговорите, билатералниот спор доби место во пристапната рамка, а со тоа и можност да влијае врз понатамошниот процес.
Токму тука се наоѓа најголемата разлика. Во случајот на Црна Гора се отвора дебата како да се отстранат пречките што произлегуваат од билатералните несогласувања, додека во македонскиот случај, самото отстранување на таквите пречки не беше поставено како предуслов за почеток на преговорите. Наместо тоа, од Македонија се очекува да ја прифати рамката во која спорните прашања веќе се вградени.
Кога Унијата ги менува правилата, кој ги штити кандидатите?
Нонпејперот на Австрија, Чешка и Словачка е важен затоа што покажува дека дел од земјите членки се свесни оти проширувањето не може бесконечно да зависи од нерешени билатерални спорови. Предлогот на Европската комисија, пак, отвора можност одредени одлуки во пристапниот процес да се носат со квалификувано мнозинство наместо со едногласност.
Но тука треба да се направи една важна разлика. Промената на начинот на одлучување не значи автоматски дека Македонија ќе биде ослободена од условите што веќе се дел од нејзината преговарачка рамка, ниту, пак, предлогот за одвојување на билатералните прашања сам по себе гарантира дека ќе се преиспитаат веќе прифатените обврски во македонскиот случај.
Затоа, за Македонија не е доволно само да ја поздрави секоја европска иницијатива за забрзување на проширувањето, туку таа мора да го отвори прашањето за сопствениот случај и да побара јасно образложение зошто принципите што сега се предлагаат за идните пристапувања не беа применети и кога се утврдуваше нејзината преговарачка рамка.
Ако ЕУ смета дека билатералните прашања што не се поврзани со европското право треба да се решаваат надвор од пристапните преговори, тогаш треба да објасни и како ова начело се однесува на Македонија. Ако, пак, добрососедските односи се суштински критериум, Унијата треба да ги дефинира нивните граници за да не се претворат во отворена можност за наметнување дополнителни услови низ целиот тек на преговорите.
Во спротивно, ќе се создаде впечаток дека европските правила не се исти за сите, туку се приспособуваат според политичката тежина на земјата членка и моменталните интереси на Унијата.
Секако, Хрватска не е безгласна во оваа расправа, ниту Македонија може да очекува дека секој спор со соседите автоматски ќе биде прогласен за неважен. Но токму затоа е неопходно да се воспостави принцип што ќе важи за сите: она што не е европски критериум не смее да се претвора во дополнителна пречка за членство, а она што е европски критериум мора да се применува според јасни, мерливи и еднакви правила.
Македонија не смее да остане само набљудувач
Клучната дилема сега е што треба да направи Македонија во вакви околности за да не остане вечно блокирана. Пред сè, да престане да ја третира расправата за проширувањето како нешто што се случува надвор од нејзиниот непосреден интерес. Секое ново европско решение за билатералните спорови може да има директни последици врз нејзиниот пристапен процес, дури и кога земјава директно не се спомнува.
– Потребна е дипломатска иницијатива насочена кон земјите што бараат одвојување на билатералните спорови од пристапните преговори, но и кон оние што се скептични кон таквиот пристап. Наместо само декларативно да се повикува на неправдата што ѝ е нанесена, Македонија треба да побара од ЕУ да го разгледа нејзиниот случај во светлината на новите предлози и да одговори дали и под кои услови е можно преиспитување на постојниот механизам. Паралелно, треба да се инсистира на правна и политичка јасност околу обврските што произлегуваат од преговарачката рамка, нивниот опфат и начинот на кој ќе се оценува нивното исполнување. Тоа не значи бегање од реформите, од европските стандарди или од обврските што легитимно произлегуваат од меѓународните договори. Напротив, значи разграничување на реформската агенда од прашањата што можат да станат предмет на бескрајно политичко условување – посочуваат наши соговорници, дипломати.
Според нив, примерот со Црна Гора покажува дека во ЕУ не постои само еден можен пристап кон билатералните спорови.
– Кога се појавува политичка волја, се отвораат и дебати за нови механизми, за поинакво одлучување и за ограничување на можностите за блокада. Затоа Македонија има основа да бара истите принципи да се разгледаат и во нејзиниот случај. Прашањето веќе не е само дали Македонија ги исполнува условите за членство. Прашањето е и дали Европската Унија е подготвена да гарантира дека условите што ги поставува ќе бидат јасни, предвидливи и еднакви за сите кандидати. Зашто, ако Унијата денес бара начин да спречи билатералните спорови да го блокираат патот на Црна Гора, не може да очекува Македонија да се однесува како нејзиниот сопствен случај да не постои. Европа има право да бара реформи од кандидатите, но Македонија има право да бара европските правила да важат и за неа – порачуваат соговорниците.
































