Фото: МИА

Шеесет и шестгодишна пациентка од Росоман починала на Клиниката за инфективни болести во Скопје, откако кај неа лабораториски бил потврден тежок облик на западно-нилска треска со зафаќање на централниот нервен систем.

Директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, информираше дека пациентката имала повеќе придружни хронични заболувања, а клиничката слика била исклучително тешка, што довело до смртен исход.

Со овој случај, бројот на починати од западно-нилска треска достигна 11, соопшти Цана.

На Клиниката и натаму се лекува уште една пациентка со тешка форма на болеста. Таа речиси еден месец е хоспитализирана на одделот за интензивно лекување и е приклучена на механичка вентилација.

Како позитивен сигнал, директорот го посочи фактот дека од 25 септември нема нови хоспитализирани пациенти со западно-нилска треска.