Фото: Стефан Андоновски/Фејсбук

Нацрт-верзијата на Стратегијата за вештачка интелигенција се очекува да биде објавена следната недела, по што ќе следува период на консултации со засегнатите страни и прибирање забелешки и предлози. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, очекува документот да биде усвоен до крајот на годинава.

Андоновски посочи дека еден од важните аспекти на стратегијата ќе биде зајакнувањето на отпорноста кон злоупотребите на вештачката интелигенција од страна на злонамерни актери.

– Очекувам дека наредната недела за првпат ќе ја објавиме Стратегијата за вештачка интелигенција во нацрт-верзија, за да прибереме коментари и мислења од засегнатите страни. Очекувам дека до крајот на годината ќе ја донесеме – изјави министерот.

Тој нагласи дека целта не е да се елиминира секој ризик, туку да се изградат механизми за полесно препознавање и спречување на злоупотребите, како и за навремена реакција при евентуални инциденти.

Според Андоновски, клучни се знаењето, развивањето вештини за препознавање на заканите и превенцијата, односно подготвеноста за соодветно справување со можните напади.

– Не можам да кажам дека ќе успееме, никој не успева, туку треба да градиме отпорност, како да се справуваме со тоа што може да се случува во периодот што следи – истакна Андоновски.

Министерот ја даде изјавата на конференцијата „Бизнис Арена 2026“, каде што учествуваше во дискусиите за актуелните предизвици поврзани со дигиталната трансформација и примената на новите технологии.