Тропскиот бран во Европа ова лето ја покажа недоволната подготвеност на европските музеи за екстремни климатски услови, освен одредени исклучоци, кои служеа како острови на свежина, додека другите мораа да го скратат работното време или да ги затворат вратите за посетителите. Германскиот музеј на архитектурата во Франкфурт отвори изложба што се покажа како можеби најрелевантна во историјата. Насловена „Премногу жешко: Жешки градови, нови идеи“, изложбата ја истражува централната тензија со која архитектите и урбанистите се соочуваат сè повеќе, а тоа е потребата да создадат ладни простори без спирално зголемување на трошоците за енергија.
Во Брисел, Амстердам и во Женева, како што пишува „Арт њузпејпер“, помалите музеи летово го затворија својот изложбен простор или го ограничија влезот, наведувајќи дека температурата во нивните простории достигнала 30 степени. А во Париз, Музејот на карневалот затвори сè, освен просториите за привремени изложби, единствените со климатизација. Градските власти не можеа да коментираат за ситуацијата, наведувајќи дека самите се во состојба на „управување со кризи“. Директорите на музеите и експертите за наследство истакнуваат дека видот на зградата, возраста и структурната подготвеност се фактори што придонесуваат за ситуацијата.
Мрежата на европски музејски организации спроведе анкета на 578 музеи во 38 европски земји помеѓу април и јуни 2022 година, при што беше откриено дека, иако климатските промени и одржливоста се препознаваат како „важни стратешки теми“ и нешто што јавните активности и програми мора да го решат, помалку од еден од десет музеи ги анализирале предизвиците поврзани со климатските промени во нивниот регион, а само три од десет музеи ги анализирале климатските влијанија со кои тие, конкретно, би можеле да се соочат. „Недостигот од средства“, заедно со недостигот од специфично знаење, се наведува како главната причина. Повеќе од 50 проценти од анкетираните институции изјавиле дека немаат „климатски пријателска градба“.
Кураторите во Германскиот музеј на архитектурата, од друга страна, веруваат дека цената е главниот проблем, а не староста на зградата.
– Ова е помалку прашање на возраста на зградата отколку на недостигот од ресурси и стратегии за инвестирање во климатизација, бидејќи постарите згради не се нужно помалку подготвени од поновите – изјавија кураторите на Германскиот музеј на архитектурата.
































