Македонија и Македонците се неуништливи

Отворено писмо до Урсула фон дер Лајен

Почитувана (колку што заслужувате почит од Македонците), мадам Фон дер Лајен. Еве, по вторпат ви пишувам по вашата нова посета на Македонија, која вие ја нарекувате со смртоносната придавка „Северна“ како подарок од бриселовашингтонската цивилизација. Моето ново писмо до вас е варијација на тема. А Пол Валери велеше дека колку повеќе еден поет умее да варира еден и ист мотив толку е поинвентивен, па така, сега и јас ја испитувам мојата инвенција на вас, поет на мал народ, или на „смачкано племе“ (Б. Конески), кое вашата бриселска Европа го досмачкува. Ќе ви објаснам. Само пред тоа да ви кажам, за да не бидете изненадена, дека моите варијации на основниот мотив во овој текст-писмо се малку поинакви од ведрите и екстатични варијации на тој модел на музичкото „Болеро“ на Морис Равел. Впрочем, извинете за тоа, Фон дер Лајен, бидејќи јазикот на моите варијации на мотивот и темата на ова писмо е дијагностички. Тој сега, во вашиот случај, ја дијагностицира болеста на цивилизацијата и институцијата (ЕУ) чиј челник, за жал или не, веќе подолго време сте токму вие, мадам.
Да почнеме со Европа, која за нас Македонците, па и за Западнобалканците и другите југоисточни народи на континентот, е олицетворение на европските колонијалистички нации. Тие, како што добро знаете, посебно по Колумбо, ограбија и уништија цели цивилизации (Маи, Ацтеки, Инки, Толтеци и Индијанци во Јужна и Северна Америка), па и цели континенти (Африка и Австралија), како и некои региони во Азиско-пацифичкиот Регион итн. Толку. Сега истото тоа се прави и со Македонија и Македонците. Е, тоа е таа Европа на која мислам, колонизаторска, која и денес вешто скриена зад маската ЕУ го тера новиот либерален концепт на колонизација кај што ќе стаса и кај што ќе може.
Туку сега in concreto, мадам Фон дер Лајен, ајде да преминеме на Македонија, вашата омилена Северна. Првин, дали можете да ни го објасните вашиот знаменит франкоевропски правник Робер Бадинтер кому и ние наивни му се израдувавме мислејќи дека ни носи демократска светлина. Објаснете што е тоа што се случи во неговата беневолентна експертиза, која кажа дека од распадната Југославија само Македонија и Словенија ја исполнуваат нормата за влез во Унијата? Објаснете како тоа Словенија потоа влезе во неа, а Македонија сè уште чека пред портата на бриселската со вавилонски политборделски мирис ЕУ на која стои за нас натписот од „Пеколот“ на Дантеовата „Божествена комедија“, леле, „Оставете секаква надеж“. Така, оти тамам се одушевивме од вашиот правен демократ Бадинтер, мадам Фон дер Лајен, видовме како тој ни го зачука неговиот „Бадинтеров закон“ за доминација и владеење на малцинството со мнозинството (Македонците) без трошка срам, доведувајќи го него во состојба на апартхејд. Вие добро го знаете тоа, мадам, а го знаат и нашите политички ЕУ-зомбирани политички елити. Но и вие и тие молчите.
Точка. А сега прилично трауматично прашање на колонизаторска и постмодерна Европа. Дали во неа по Втората светска војна е обновен во некои облици фашизмот за што сè почесто отворено се зборува? И дали и во Брисел нешто не мириса на тоа: оти впрочем фашизмот во западна колонијалистичка Европа постои во континуитет од времето на крстоносците и темпларите во 11 век до денес, со извесни во него просветлени епохи, осамени острови како што се тоа италијанската и северноевропската ренесанса, а потоа и кусата просветителска епоха по Француската револуција, обезбедена со гилотината што сече глави на Бастилја. Така. Но Европа не извлече позитивно искуство и остана со доминација на мрачниот дел во нејзината психа, за што сведочат нејзините две, за кусо време, светски војни, а кобниот европски парадокс продолжи и по нив. Имено, само што беше извојувана победата над „оската на злото“ една држава од победничката страна, Америка, молскавично ја презеде штафетата на фашизмот обновувајќи го него со атомските бомби на Хирошима и Нагасаки во август 1945 година. Е, а Европа, влечка, задоцни малку. Таа го обнови него три години подоцна од Американците во 1948 г., и тоа врз грбот на Македонците со англиските бомбардери од американско потекло полни со смрт и со напалм-бомби, кои ги убиваа нив и нивните деца. Тоа беше идеја на нобеловецот (тој ја доби, а не Толстој, Нобеловата награда за литература) Черчил, за Македонците поголем фашист од Хитлер.

Така е тоа, ако не знаете мадам Фон дер Лајен: продолжение на македонските голготи од 1913 г. наваму сè до денес, а тоа продолжува и потаму. Затоа, имено, и на чесните Македонци им се смачи од таквата Европа, кои уште пред едно столетие ја испеаја дијагностичката песна по однос на нејзиниот морален карактер „Европо, блуднице вавилонска проклета да си“! Па и на многу просветлени европски умови им е смачено од неа таква. Така и авангардниот уметник Марсел ди Шамп по Првата светска војна ја изложи во еден париски салон својата клозетска шолја како уметнички артефакт, кој го сугерира и одразува (анти)моралното лице на катастрофична Европа. Итн.
Така, но Европа не се задоволи со поморијата над Македонците од 1948 година. Нејзиниот континуитет пак се засили по македонското таканаречено осамостојување во 1990 година. Сега од цивилизацијата на запад, сместена во палатите на Брисел (но и на Вашингтон), беше смислен планот за нивен идентитетски геноцид, според антрополозите најстрашната од сите видови смрт што може да им се случи на еден колектив и индивидуа. Така, мадам Фон дер Лајен, веднаш дојде онаа првична деноминација на нашето генеричко име со она франкенштајновско БЈРМ. Тоа беше тестот на Брисел за нашата идентитетска отпорност, кој не го положивме во наша корист. Претседателот Глигоров не го сфати тоа, како да не знаеше што е тоа идентитет, па како доказ за тоа и на Грците им изјави јавно дека „неговите“ Македонци немаат ништо заедничко со Античка Македонија и со Александар Македонски. Итн.
Тоа и така, мадам Фон дер Лајен, која секогаш сте елегантно со префинет стил облечена во светло обоени импресионистички костимчиња и здолништа. И во претходното писмо до вас се навраќав на ова. Но вреди и сега. Вашите светли костимчиња во префинети нијанси потсетуваат на изнијансираните светлосни варијации во различни мигови од денот на „Нотр дам“ на сликите од светлосно најексплозивниот импресионист Моне. Вам, мадам, по ставата ви прилега францускиот импресионизам (иако Реноар нуди и нешто пополн, рубенсовски тип става), кој всушност е далечен одраз на импресионистичкото, осветлено сликарство на венецијанските мајстори (Тицијан, Џорџоне, Тинторето, Веронезе…) од италијанската ренесанса.. Дотаму оди вашиот префинет моден стил. Нема што. А тој е инспиративен и за една психоанализа. Имено, психолозите тврдат дека луѓето што носат светли бои зрачат со внатрешно озарение и ведрина. Но тука имаат и една контрахипотеза на таа: дека нивните светли бои кај некои личности се и свесна или несвесна маска за скривање на темната страна на нивната душа, која Јунг ја дефинира со поимот сенка. А според сè изгледа, имено, дека за вас психолошки е поверодостојна оваа втората (со маската) психохипотеза, мадам Фон дер Лајен.
Така, изгледа дека за вас, мадам Фон дер Лајен, е неочекувана и разочарувачка оваа de profundis психоаналитичка дигресија. Неочекувана и за мене дури како слика на цивилизацијата што ја претставувате како еден од нејзините постмодерни челници вие, фрапантно поклопувачка со вашиот импресионистички гардеробен стил, кој ја користи светлината во сите нејзини варијанти и варијации за маскирање на темната страна, или јунговски речено сенка на својата психа. Поклопувачки со цивилизацијата што нè ништи нас. А Пол Валери екстатично еднаш крикна: „И цивилизациите еднаш умираат, зарем не!“ Тука тој веројатно мислеше и на западната, чиј мртовечки залез пророчки го предвиде и сјајниот малку подзаборавен германски филозоф Освалд Шпенглер во своето дело „Пропаста на Западот“.

Но за тоа друг пат. Колонијалистичка Западна Европа, сега маскирана со маската ЕУ, е директна наследничка на менталната слика на Римската Империја, импозантна цивилизација компонирана од голема култура и големо варварство како елементи на секоја цивилизација. Таква е менталната слика на колонизаторска Европа, која не може да ја спаси и да ѝ го обели варварскиот образ ни Шекспир (и сличните), кој говори остро како просветлен ум за англосаксонската ксенофобија карактеристична до денес на западната цивилизација.
Така, мадам Фон дер Лајен, а што се однесува до Македонците, тие ѝ припаѓаат на една друга цивилизација, која е со радикално поразлична ментална етноцентрична слика од менталната слика на римската цивилизација што ја наследи како ментален имот колонистичка Европа. Нивната ментална психа е космополитска. Француската лозинка остварена со гилотина „egalitè, liberte, fraterniè“ (еднаквост, слобода, братство) со која сега се кити и бриселска Европа всушност е преземена од Античките Македонци на Александар Македонски, кои освојуваа не колонизаторски и корпоративно како Западот, туку со љубов. Посебно за тој македонски космополитски духовен и визионерски проект на македонската колективна душа, мадам Фон дер Лајен, екстатично симболички е сведок, единствена од таков вид и обем, и свадбата во персискиот град Суза на која Александар Македонски во име на сеопфатната љубов и братско мешање на народите венчал десет илјади македонски војници за десет илјади Персијки, притоа венчавајќи се и самиот тој со прекрасната ќерка, наша снаа, на поразениот персиски цар Дариј. Таа величествена свадба генијално ја насликал на едно монументално платно (колку еден голем ѕид од бриселската палата на ЕУ изградена со крвавите белгиски дијаманти од Конго) сликарот на италијанската ренесанса Веронезе. И, имено, таа како симболичка порака треба да се стави во Обединетите нации, но и во лицемерната ЕУ-палата во Брисел, па и на Бриселскиот ЕУ-плоштад на кој се топори статуата на оној мал мочко, чиј пенис сега ги симболизира импотентноста и енергетскиот демократски дефицит на бриселска ЕУ, мадам Фон дер Лајен.
Така, а космополитизмот на македонската душа, која вие бриселци ја трупате како и сè друго, како што вели Х. Д. Лоренс, по инерција во „грчка вреќа“, трупајќи ја во неа и Античка Македонија, ја има забележано и Христос. Чудно, но вистинито, за што говори и Библијата во делата апостолски. Имено, таму се вели дека токму духот на Христос по Светиот Дух му го насочил патот на својот најревносен апостол Павле кон Македонија и Македонците. А вие се прашувате, мадам, зошто. Затоа што Македонците со својот космополитски концепт на психата за апсолутна Слобода и Љубов биле најблиску до принципите за сечовечко братство до Христовите принципи. Затоа, оти и според Синот Божји, имено, токму од Македонија и Македонците како христолики требаше да тргне новата цивилизација со Радосната вест на новозаветното евангелие на запад кон Европа. Но, за жал, таа не го сфати, како и нејзините омилени Грци (да не зборуваме и за Бугарите) него, па останаа празни и без Бог во нив нејзините прекрасни готски катедрали.

Сеедно, Македонците го посеаја семето со новата христолика цивилизација, кое негде даде плод, а негде како кај колонијалистичка Европа падна на камен (да се послужиме со сликата на една библиска парабола) и не заврза плод. Така стојат работите, мадам Фон дер Лајен. А по Павле, осум столетија потоа, се појавува уште една голема културно-цивилизациска светлина на двајца Македонци, кои вие намерно ги ставате во „бугарска вреќа“, Кирил и Методиј, прогласени од папата Јован Павле Втори за заштитници на европското небо. Тие. Тие го ослободуваат од тријазичното ропство и го описменуваат со Словото Божјо и македонско целиот словенски род. А по нив доаѓа и нивниот ингениозен ученик Климент Охридски, кој и пред Болоња го основа со, за тоа време, јасни знаци првиот европски универзитет со Охридската книжевна школа. Тоа и така. Долга, и покрај што е трагична, културолошки и духовно богата и раскошна, е македонската културно-цивилизациска и идентитетска слика мадам, Фон дер Лајен, но вие од Брисел немате поим за тоа, ниту сакате да знаете нешто за неа. Едноставно не ја сакате. Тврдите дека Античките Македонци се Грци, а не сте се запрашале зошто немаат ни една народна песна за Филип и Александар, за разлика од Македонците, кои ги имаат стотина, колку што се собрани. И тоа, мадам, се вика генеричка меморија, ако не знаете. По таа аналогија прашајте ги и вашите омилени Бугари (заради гибелта на Македонците) зошто немаат ни една народна песна за Гоце, кој варварски и со ваша сега помош (и на она постмодерно наполеонче Макрон) го крадат, а Македонците имаат безброј песни за него и ги пеат и на крштевки и на свадби. И тоа пак се вика генеричка меморија, мадам Фон дер Лајен, која вие ја задушувате и нè ништите.
Да, мадам, имено токму и затоа е многу перверзна вашата изјава кај нас, речена без чувство на срам и грев: „Ние ѝ посакуваме добредојде на Северна (а таа смртоносна ваша придавка немојте друг пат да ја изговарате во Македонија!) Македонија со нејзиниот идентитет и нејзиниот јазик“.
Каква бесрамност, каква морална атрофија, мадам Фон дер Лајен. Вие ни посакувате добредојде со она што го закопавте, ставајќи нè во идентитетски мртовечки ковчег, првин со вашата нацифашистичка Лисабонска декларација (1992) со која се забранува постоење на држава во Европа со име Македонија, а со тоа и со постоење на Македонци. Логички. Картезијански. А потоа тука е и геноцидниот Преспански договор. И немојте да се вадите перверзно дека тој е според волјата на Македонците затоа што се послуживте за него со нашите велепредавници, пред сè со Заев и Димитров. Не! No pasaran. Фауст, ако сте ги читале Гете и старогерманската легенда, според кој Шпенглер ја нарекува вашата европска, каква што е, цивилизација фаустовска, склопи чесен договор со Мефистофел (ѓаволот). Му ја продаде душата во замена за наука и сензуална наслада, за што ја доби невината Маргарита. И тоа беше чесно во однос на вас и сите вие во ЕУ-палатата во ЕУ-политборделот во Брисел, кои не ве интересира ни духот на науката, па ни здравата еротска сензуалност на Фауст, туку правите геј-паради и лезбејски кабареа, презаситени од натрпаното опљачкано колонијалистичко богатство. Во таа смисла вас и таквата ваша цивилизација генијално во една само куса реченица ја опиша францускиот парнасовски поет Готје, инспирација и на Бодлер: „Поарно варварство отколку досада“.
На крајот сме од нашето писмо, мадам Фон дер Лајен. Крај. Ама и бескрај. Крајот е за расипаната цивилизација што нè ништи и физички и идентитетски. Нека на нејзините урнатини и гробишта изникне, како што би рекол Његош, цвеќе за некое далечно поколение што ќе изгради една похумана и космополитска цивилизација според моделот на Македонците. А бескрајот е за Македонија и Македонците, мадам Фон дер Лајен. Тие се неуништливи, запаметете го тоа и кажете им го тоа на синовите, ќерката и внуците. Сè најубаво и не морате веќе никогаш да доаѓате во Македонија. Nocturno.