Фото: ОФМ

АРТУРО ДИ ЏАКОМО, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕВРОПСКАТА СУДИСКА КОМИСИЈА ПРИ ЦЕВ

  • Пред националните и меѓународните судии и делегати, како и пред тренерите и другите претставници на ОФМ, Ди Џакомо ја презентираше својата визија за модерното судење, кое треба да ја следи модерната одбојка. Тој зборуваше за еволуцијата на судиите во тој процес, како и за промените во перцепцијата на улогата на делетелите на правдата во еден меч што треба да ја донесат новите правила на ФИВБ. „Новата визија е дека судијата мора да биде повеќе менаџер во натпреварот“, вели Ди Џакомо во интервју за ОФМ

Претставниците на македонската одбојкарска заедница што присуствуваа на редовниот годишен семинар за судии и делегати во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, во организацијата на Судиската организација на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), имаа привилегија да го следат предавањето на еден од визионерите на модерното судење, претседателот на Европската судиска комисија при Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), Белгиецот Артуро ди Џакомо, пишува ОФМ. Пред националните и меѓународните судии и делегати, како и пред тренерите и другите претставници на ОФМ, првиот човек на комисијата ја презентираше својата визија за модерното судење, кое треба да ја следи модерната одбојка. Тој зборуваше за еволуцијата на судиите во тој процес и за промените во перцепцијата на улогата на делителите на правдата во еден меч што треба да ја донесат новите правила на Светската одбојкарска федерација (ФИВБ). Правилата воведени во почетокот на годинава и кои се тестираа низ натпреварувањата летово, официјално стапуваат во сила во новата сезона, а нивното разбирање и имплементација се важни за сите чинители на еден одбојкарски меч. ЦЕВ и ФИВБ засилено работат на промена на филозофијата на одбојката и на имплементацијата на многу помодерна визија на одбојката, како за играчите така и за судиите, но и за публиката. Ди Џакомо детално го објасни процесот одвојувајќи време за интервју за сајтот на ОФМ.

Како ја гледате улогата на одбојкарскиот судија во однос на барањата/потребите на современата одбојка?
– Модерната одбојка е тесно поврзана со модерното судење. Тоа значи дека судијата мора да ги знае правилата, секако, но новата визија е дека судијата мора да биде повеќе менаџер во натпреварот. Прво тој мора да ја разбира динамиката на мечот, односно дека судијата е учесник во целокупната акција, а тоа значи дека мора да ја разбере играта и да биде дел од играта. Второ, не треба непотребно да интервенира и да предизвика несакани проблеми со мали детали. Најважна е превенцијата и да најде начин како да го продолжи мечот. Затоа ги тестиравме новите правила што треба да донесат подобрување. Најважната порака што мора да се пренесе е дека целта е да се заштити и интегритетот на судиите, а за тоа ни треба и компетенција и да се разбере уметноста на судењето, што беше и моја цел на семинарот во Скопје.
Технологијата станува сѐ поважен дел од современата одбојка, од системот за „челенџ“ и видеоанализата до новите дигитални алатки.
Како гледате на влијанието на технологијата врз иднината на судењето?
– Технологијата денес има многу важна улога во модерната одбојка, но најважното е што таа е алат за поддршка на судиите и истовремено да ја покаже вистината, да ги подобри ферплејот и транспарентноста на играта. Технологијата не ја презема улогата на судијата, туку таа е алат за да помогне и во тоа сме согласни и во ЦЕВ и во ФИВБ. Системот „челенџ“ е особено ефикасен и ја редуцира нервозата во случај на недоразбирање меѓу играчите, тренерите, судиите и публиката… Технологијата ни нуди можност што мора да ја прифатиме. Имаме можност да ја користиме и за едукација на судиите, за анализа на натпреварите, ова важи и за тренерите и можеме да ги надгледуваме настапот и комуникацијата и интеракцијата меѓу сите чинителите на играта, но и меѓу публиката за да се има појасна слика за она што се случува на теренот. Технологијата треба да ја гледаме како асистент.
Како Европската судиска комисија може дополнително да ја зајакне соработката со националните федерации и каква е нивната улога во подготовката на следната генерација меѓународни судии?
– Многу години сум дел од ЦЕВ и сега како прв човек на Судиската комисија одржувам контакти со сите национални федерации затоа што развојот на судиите во Европа не може да биде постигнат само преку ЦЕВ, нам ни се потребни федерациите што ни се партнери во процесот. Затоа мора да имаме константна комуникација и заеднички семинари, активности, работилници и размена на искуства за да создаваме услови да имаме најдобра пракса. На пример, може да поканиме судии од помалите земји да судат во вторите лиги во Турција или во Италија, каде што квалитетот е на многу повисоко ниво, а искуството што ќе го добијат тие судии е сосема различно од нивото на кое се навикнати. Тоа е некој мој проект, визија. Потоа и нивото на развој на некои земји е различен, видовте и годинава на ЕП, Финска, Романија, Грција, Белгија…, тие дојдоа како убаво освежување. Мислам дека ЦЕВ мора да биде близок до своите федерации, да слуша, да објаснува и да поддржува, оти тоа е единствениот начин да се овозможи новата генерација судии да стигнат до едно високо ниво.
Постојан развој на судиите и создавање што поквалитетна следна генерација се во фокусот на ЦЕВ и националните федерации. Што е она што е потребно, кои квалитети се најважни за идните судии?
– Јас сум повозрасен, но со богато искуство, кое ми дозволува да креирам и нови визии за судењето. Менуваме многу нешта и воведуваме „тренер на судии“, тоа ќе значи дека наша задача ќе биде да ја научиме новата генерација судии да бидат повеќе психолози. Пораката што треба да ја испрати „тренерот на судии“ на новата генерација е дека мора да бидете мудри, вие сте дел од играта, вие сте менаџерите, вие не сте повеќе „полицаец“ и насочете го вниманието кон тоа. Не двоумете се да ја објасните вашата одлука со вашиот говор на телото, личноста што сте, харизмата… Тоа е товарот за новата генерација судии и нашата цел е да им го објасниме тоа. Понекогаш новата генерација сака да оди побрзо, но такво е општеството во кое функционира, имаме ајфон, социјални медиуми, сѐ. Еден мој совет за новата генерација, не бидете егоистични и арогантни и оставете ги социјалните медиуми, тоа е негативност за нашата професија.
Големи се разликите меѓу националните федерации што функционираат на европската мапа. Како ЕСК може да им помогне на помалите федерации да изградат одржливи програми за развој и напредок на судиите?
– Претседателот на ЦЕВ, Роко Сикириќ, е посветен кон поддршката на малите федерации. Зошто? Затоа што одбојката е еден спорт насекаде. Секако и за судиите е многу важно да се создаваат услови, да се создаваат квалитетни судии во сите земји и така и тимот ќе расте. Ќе се повторам, Финска направи добар резултат на ЕП, но нејзините играчи играа со срце, а не со пари и тоа прави разлика. Истото тоа се однесува и на Романија и на Грција… И ние мора да го препознаеме тој прогрес и на талентираните судии да им овозможиме да добијат меѓународно искуство и да им покажеме кои се вредностите. Затоа даваме поддршка и работиме на нова програма, која треба да ја развиеме во следните две години, и со која, на пример, ќе им овозможиме на двајца талентирани судии од Ирска да судат во Белгија или во Франција во Втората лига, а потоа како „тренери на судии“ ќе се вратат дома и ќе им го пренесат своето искуство на своите национални колеги.
Кое е вашето мислење за квалитетот на македонските судии?
– Имам одлични контакти и соработка со моите колеги во Македонија. Најважна е комуникацијата и, секако, самонабљудувањето. Ние се трудиме да ги надгледување сите судии, но важна е и нивната свесност за новото што го имаат, како и комуникацијата што ја имаме за тие да се надградат и да растат. Во Македонија видовме дека има млади судии што доаѓаат, има нова генерација, па дури и жени судии, што радува. И тоа е една од визиите на ЦЕВ и на ФИВБ, што повеќе женски судии, и поради тоа им се даде можност и на жените судии да делат правда на сите натпревари што го отворија машкото ЕП 2026. Ние ја даваме можноста, но судиите се тие што мора да ја искористат.
Која е визијата што Европската судиска комисија и вие како нејзин претседател ја имате за иднината на судењето? Како би сакале да изгледа европското судење за пет години од сега?
– Визијата е дека мора да се создадат можности и да се мотивираат младите судии. Тоа е проблем што го имаме во сите земји, да ги привлечеме судиите да се приклучат и сега пробуваме да го направиме тоа со различни проекти. ЦЕВ ги штити судиите, ние не сме против нив, ние сме за нив. Работиме на академски кампуси, семинари, курсеви и работилници. Визијата е да се испрати порака дека судиите мора да имаат отворен ум и дека тие не се повеќе во мечот за да го контролираат, туку тие треба да се адаптираат на мечот. Тоа е најважната работа за нас и не е лесно да се спроведе тоа затоа што зависи и од одговорот што ќе го добиете од судиите. Тоа, пак, е во тесна врска со личноста на судијата, чувството што го имаат, затоа што сега дефиницијата е менаџер, а менаџирањето на мечот станува слично како и улогата што ја има играчот во мечот. И затоа ја менуваме филозофијата за да ѝ дадеме поголема визија на новата генерација во однос на менаџирањето на натпреварите, рече Ди Џакомо во интервјуто за ОФМ. Г.И.