Фото: Пиксабеј

Ученичка почина во болница по напад со нож во училиште во Истанбул, при што беа повредени уште седум ученици, соопшти турското Министерство за внатрешни работи.

Од Министерството наведоа дека девојчето починало и покрај напорите на лекарите да го спасат. Останатите седум повредени ученици се на болничко лекување.

Безбедносните сили ја привеле осомничената за нападот, а против неа е започната правна постапка. Турските власти засега не соопштија детали за нејзината возраст, ниту за можниот мотив за нападот.

Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, претходно изјави дека осомничената е ученичка во друго училиште во близина. Според него, таа влегла во училиштето во областа Башакшехир облечена во училишна униформа и ги нападнала учениците со нож.

Нападот се случил околу 8.40 часот по локално време во училиште во населбата Кајабаши, објави турската новинска агенција „Анадолија“. По нападот, пред училиштето биле забележани возила на итната медицинска помош, додека на снимките објавени на социјалните мрежи се гледаат вознемирени ученици.

Насилството во училиштата во последниот период е во зголемен фокус во Турција по неколку инциденти. Во април, во источната провинција Кахраманмараш се случи смртоносен напад со огнено оружје во училиште, во кој загинаа 11 лица, меѓу кои наставник и ученикот кој го извршил нападот.