Театарот „Војдан Чернодрински“ на 7 и 8 октомври, среда и четврток, во два термини, на камерната сцена во ЦК „Марко Цепенков“ премиерно ќе ја изведе претставата „Животинска фарма“ според делото на Џорџ Орвел, во режија на Ќендрим Ријани.
По тој повод денеска во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп се одржа прес-конференција, на која раководителот на театарот Михајло Миленкоски посочи дека „Животинска фарма“ е едно од најпоставуваните дела во светот, кое ги споило ансамблот на прилепскиот театар и режисерот.
Режисерот Ќендрим Ријани истакна дека благодарение на ансамблот од театарот стигнале до успешна премиера.
– Направив претстава каде се изјаснив за сите мои прашања и одговори, кои публиката ќе ги добие преку еден концепт што дава одговор зошто театарот е важен и зошто е неопходен. „Животинска фарма“ е еден од најдраматизираните текстови во светот. Во претставата главна тема ни е уметноста. Се зборува за сите линии, за секоја пора во општеството – рече Ријани.
Тој додаде дека претставата има можност да стане „огледало“ за сите професии, за сите маки и за сите недостигнати целини што луѓето се обидуваат да ги достигнат.
– Ваква претстава можеше да се постави само во прилепскиот театар, кој нема театар – рече режисерот Ријани, кој заедно со Лидија Митоска Ѓорѓиевска е потписник на драматизацијата.
Актерите изразија задоволство што играат заедно во колективна претстава и што имале можност да соработуваат со режисерот, оценувајќи дека публиката ќе ужива во „Животинска фарма“.
Сценографијата за претставата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Марија Папучевска, а музиката е на Томе Темелкоски.
Во претставата играат Зоран Иваносски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески, Илија Волчески, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Марија Спиркоска Илијеска, Јасмина Мицовска-Станкоска, Михајло Миленкоски, Александар Тодески и Томе Темелкоски.
Ка.М.
































