Европската комисија денеска треба да објави четири патокази за Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија, како земји кои во последните години постигнале значителен напредок во реформите и процесот на пристапување во Европската Унија.
Комисијата треба да усвои и документ со кој ќе се процени влијанието на идното проширување врз политиките, буџетот и институциите на ЕУ, како и врз заштитата на европските вредности и владеењето на правото.
Предлогот за политика пред проширувањето има за цел да ги намали стравувањата кај сегашните членки дека приемот на нови земји би можел негативно да влијае врз нивните економски интереси или дека новите членки би можеле да го користат правото на вето за блокирање на одлуките на Унијата.
Во документот се разгледува поголемо потпирање на гласањето со мнозинство наместо на консензус, вклучително и во чувствителни области како одбраната, санкциите, човековите права и проширувањето.
Сепак, според информации од црногорската агенција МИНА, Црна Гора по евентуалното членство во ЕУ нема да биде лишена од правото на вето.
Според извори на агенцијата од ЕУ, клучната политичка порака за Црна Гора е дека Унијата сериозно ја сфаќа перспективата за нејзино членство, дека проширувањето се приближува и дека ЕУ мора да се подготви за прием на нови членки и последователната ратификација на договорите за пристапување.
Европски дипломат за МИНА изјавил дека Црна Гора, како членка на ЕУ, ќе го има истото право на вето како и останатите земји-членки, вклучително и во политиката на проширување.
Од Подгорица, сепак, се очекува воздржаност од користење на ветото во билатерални спорови со земји кои би пристапиле кон Унијата. Тоа би значело дека билатерален спор меѓу нова членка и кандидат за членство не би требало да се користи како причина за блокирање на пристапниот процес.
Во предлогот на Комисијата се разгледува и можноста новите членки да потпишат политичка изјава со која би се обврзале да не се спротивставуваат на одлуките што сегашните членки ги донеле со консензус.
Се разгледува и заштитна клаузула со која, во одреден период по пристапувањето, би можеле да се суспендираат одредени права на нова членка, вклучително и правото на глас. За тоа би била потребна одлука со квалификувано мнозинство од 15 од 27 земји-членки.
Кога станува збор за Црна Гора, патоказот би требало да биде релативно краток, имајќи предвид дека земјата е во завршната фаза од пристапните преговори.
Според европскиот дипломат, на Европската комисија ѝ се потребни уште околу три до четири недели за да ја заврши својата работа во преговорите со Црна Гора и да ги достави конечните оценки за сите преговарачки поглавја до Советот на ЕУ.
По тоа, одлуките за нивно затворање и формалното завршување на преговорите ќе бидат во рацете на земјите-членки.
































