Македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски оствари успешно гостување во Сицилија, каде што настапи на две концертни вечери во рамките на меѓународниот музички фестивал „Due Siciliae“. Со арии од „Тоска“ и „Турандот“ на Џакомо Пучини и „Вертер“ на Жил Масне, Цуцковски пред италијанската публика го претстави својот вокален и уметнички потенцијал.
Концертите се одржаа на 2 и 3 октомври, во завршниот викенд од второто издание на фестивалот. Првата вечер македонскиот тенор настапи во аудиториумот „Анџело Муско“ во Гравина ди Катанија, а втората во црквата „Сант’Андреа“ во Мило, во областа Катанија.
Двата настапа беа проследени со бурни овации, а Цуцковски беше повикан на бис и во двете концертни вечери.

– Среќен сум и задоволен од овие настапи. Приемот кај публиката ми даде чувство на признание и потврда за мојата работа пред европска публика со високи критериуми и длабоко познавање на операта – вели Цуцковски.
Тој додава дека настапите во странство имаат посебно значење бидејќи му овозможуваат да ја претставува Македонија пред публика со богата оперска традиција.
– Секогаш е големо задоволство да ја претставуваш својата држава како уметник надвор од нејзините граници, особено кога настапуваш на престижни сцени и пред публика за која операта е дел од културниот идентитет. Кога за изведбата ќе бидеш награден со бурни овации, тоа е потврда дека македонските уметници се рамноправни со светските и дека навистина имаме со што да се гордееме – истакнува македонскиот тенор.
На двете вечери Цуцковски настапи со оркестарот „Винченцо Сконтрино“, под диригентската палка на маестро Давиде Галаверна. Како солист во продукцијата учествуваше и саксофонистот Џанфранко Брундо.
Концертната програма ги спои оперскиот глас, оркестарскиот звук и саксофонот, создавајќи разновидна музичка атмосфера. Изборот на дела од Пучини и Масне му овозможи на Цуцковски да ја покаже и лирската чувствителност и драмската сила на својот тенор.
Неговото учество беше најавено и во фестивалските материјали, каде што организаторите го истакнаа како еден од солистите со значајно присуство на европската сцена, нагласувајќи ги моќта и топлината на неговиот глас.
Второто издание на фестивалот „Due Siciliae“ се одржа од 29 август до 4 октомври во организација на „AreaSud“, под уметничко раководство на Кети Теријака и Џанфранко Брундо. Програмата опфати концерти во Гравина ди Катанија, Катанија и Мило, со настапи од областа на класичната и камерната музика, џезот, традиционалните звуци и современите музички жанрови.
Со двата настапа во Сицилија, Цуцковски ја продолжува својата меѓународна уметничка активност и придонесува за промоција на македонската оперска уметност пред европската публика.






























