Фото: Пиксабеј
  • Академијата на есперанто во 1999 година воспостави комисија наречена Совет на Академијата, на која може да ѝ се обрати секој корисник на есперанто за одредени јазични прашања, за да добие совет или препорака

Академијата на есперанто е независна јазична институција, чија задача е да ги чува и заштити јазичните фундаментални принципи на јазикот есперанто и да го контролира неговиот развој, исто како другите национални академии. Академијата е основана во 1905 година, за време на одржувањето на првиот универзален конгрес на есперанто, по предлог од Лудвик Лејзер Заменхоф, но тогаш под името Јазичен комитет. Вишата комисија на јазичниот комитет на почетокот го носеше името „Академио де есперанто“. Во 1948 година, јазичниот комитет и неговата академија се соединија во единствено тело наречено Академија на есперанто.
Академијата има секции што се грижат за различни јазични области на академската работа. Секциите не се фиксни, туку се формираат по потреба. Секоја секција ја води назначен директор. Секој член на Академијата може да припаѓа на многу секции, според своите интереси. Постојат следните секции: стручен јазик, граматика, генерален речник, литература, изговор, контрола на учебници и советодавно тело. Академијата исто така има и комисии, кои исполнуваат разни нејазични задачи. Секоја комисија ја води директор.
Академијата на есперанто во 1999 година воспостави комисија наречена Совет на Академијата, на која може да ѝ се обрати секој корисник на есперанто за одредени јазични прашања, за да добие совет или препорака. Академијата се состои од 45 члена, номинирани за период од девет години. Нови членови треба да бидат предложени од пет постојни академци. Вообичаено, тоа се реномирани есперантолози, есперанто-педагози или писатели. Еминентни личности може да бидат номинирани како дописен член на Академијата.

Превод од есперанто: Татјана Шошолчева Ропајкова