фото: Архива

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство интензивно ги следи откупот и пласманот на земјоделските производи, а паралелно работи на обезбедување финансиска поддршка за лозарите, оризопроизводителите и останатите производители, како и на системски измени во организираниот откуп, истакна денеска министерот Борче Серафимовски.

На прес-конференцијата во Министерството тој информираше дека откупот на винското грозје е во завршна фаза, дека се зголемува откупната цена на црвената пиперка, а во тек е и подготовка на кредитна линија во вредност од 794 милиони денари за поддршка на ликвидноста на преработувачите и навремена исплата кон производителите.

Серафимовски оцени дека земјоделството се наоѓа во еден од најинтензивните периоди во годината и оти институциите активно ги следат состојбите на терен.

– Земјоделството се наоѓа во еден од најинтензивните периоди во годината. Бербата и откупот на повеќе земјоделски производи се одвиваат истовремено, а земјоделците веќе се подготвуваат и за новиот производствен циклус. Оваа динамика бара постојано присуство на институциите, навремено следење на состојбите и конкретно постапување таму каде што се појавуваат проблеми. Министерството е активно, комуникацијата со производителите, откупувачите и преработувачите е секојдневна, а Државниот инспекторат за земјоделство постапува на терен – рече министерот.

Во однос на годинашниот гроздобер, министерот посочи дека најголемиот дел од реколтата веќе е откупен и преработен.

– Откупот на винското грозје е во завршна фаза. Досега винариите во своите визби прифатија и преработија речиси 80 милиони килограми грозје, вклучувајќи го и сопственото производство. Дополнително, извезени се околу 13 милиони килограми грозје, со што вкупната количина на грозје од досегашната берба достигна околу 93 милиони килограми – рече Серафимовски.

Тој нагласи дека навремената исплата на лозарите останува институционален приоритет.

– Навремената исплата на лозарите е наш институционален приоритет. Затоа, во завршна фаза се административните постапки за кредитната линија што ќе се реализира преку Развојната банка, со која винариите ќе имаат пристап до 794 милиони денари, односно околу 12,8 милиони евра. Оваа финансиска поддршка ќе ја зајакне нивната ликвидност и ќе создаде услови за навремено исполнување на обврските кон лозарите за откупеното грозје – нагласи Серафимовски.

Во однос на црвената пиперка, тој информираше дека се бележи раст на откупната цена и континуитет во откупот и извозот.

– Според последните информации, во Прилепскиот регион просечната откупна цена на црвената пиперка од сортата „Куртовска капија“ е зголемена и моментално изнесува околу 25 денари за килограм при предавање во откупен центар. Во двата најголеми производствени региони за оваа сорта, досега се откупени вкупно 44 милиони килограми пиперка, и тоа 11 милиони килограми во откупните центри во Кривогаштани и 33 милиони килограми во откупните центри во Струмица – рече министерот.

Паралелно, како што соопшти, извозот на пиперка веќе се приближува до минатогодишното ниво, кога беа извезени 15,5 милиони килограми пиперка.

– Од досегашната реколта на црвена пиперка, досега се извезени 15 милиони килограми, при што откупот сè уште трае и ќе продолжи – додаде Серафимовски.

Осврнувајќи се на контролите во откупните центри, тој рече дека Комисијата за заштита на конкуренцијата веќе утврдила индиции за можни прекршувања.

– Министерството го активираше и законскиот механизам пред Комисијата за заштита на конкуренцијата. Комисијата, како независен орган и во рамките на своите законски овластувања, како што веќе е соопштено во јавноста, изврши контроли во повеќе од 30 откупни центри во Гевгелија, Струмица, Кривогаштани и Ресен. Предмет на проверка беа откупот на пиперката и јаболкото, начинот на формирање и менување на цените и условите за откуп. Комисијата информираше дека се утврдени индиции за можни прекршувања и дека анализата продолжува. Министерството нема да се меша во нејзиното одлучување, но ќе продолжи да ги користи сите законски механизми за заштита на законитоста и фер пазарните односи – рече министерот.

За јаболкопроизводителите, како што посочи, приоритет е исплатата на поддршката за предаденото јаболко.

– Во однос на јаболкото, откупната цена е пазарна категорија и Министерството не ја определува административно. Нашата улога е да обезбедиме законско постапување и контрола на откупот, а конкретен приоритет е исплатата на финансиската поддршка од два денари за килограм јаболко од бербата во 2024 година, кое е предадено до 30 јуни 2025 година. Станува збор за средства во висина од околу 150 милиони денари, за чија исплата веќе се подготвени сите производители што навремено поднеле барања и ги исполнуваат условите ќе бидат исплатени – рече Серафимовски.

Министерот информираше и за текот на жетвата на оризот и разговорите со производителите и преработувачите.

– На средбата што ја имавме минатата недела со оризопроизводителите и оризопреработувачите ги приближивме ставовите околу откупната цена на оризовата арпа. Очекуваме цената да се движи во рамките на барањата на производителите. Паралелно со разговорите за цената, работиме и на обезбедување финансиска поддршка за откупот, за што предложивме интензивна комуникација со оризопреработувачите – посочи министерот.

Тој додаде дека кредитната линија ќе биде достапна и за откуп на оризова арпа и грозје вранец.

– Во рамки на кредитната линија преку Развојната банка, се наменети 794 милиони денари, односно 12,8 милиони евра, за откуп на оризова арпа и грозје вранец. Со оваа поддршка ќе се зајакне нивната ликвидност и ќе се создадат услови за непречен откуп и навремена исплата на оризопроизводителите. Воедно, за земјоделците се подготвува и мерка за дополнителна финансиска поддршка за реколтата од 2025 година за произведената оризова арпа – рече Серафимовски.

Во пресрет на есенските земјоделски активности, тој најави почеток на распределбата на картичките за зелена нафта.

– Во пресрет на есенската обработка и подготовката на нивите, во текот на оваа недела започнуваме со доделување на првите картички за зелена нафта. За оваа мерка обезбедивме 584 милиони денари. Поддршката ја зголемивме за 12,3 проценти, со што директно го намалуваме трошокот за гориво во периодот кога земјоделците повторно се активни на нивите – рече министерот.

Серафимовски се осврна и на измените во млечниот сектор при што нагласи дека правилникот за квалитетот на млекото и млечните производи е изменет со цел да се ограничи употребата на млеко во прав, реконституирано млеко и палмина маст во производството.

– Максимално дозволеното количество на овие состојки треба да биде од еден до два процента. На овој начин создаваме поголем простор домашното сурово млеко да биде откупувано од млекарниците, ја зајакнуваме заштитата на потрошувачите и воспоставуваме повисоки стандарди за производите што се пласираат на пазарот – рече министерот.

Во обраќањето тој ги образложи и предложените законски измени за уредување на пазарите на земјоделски производи и упати повик за активно учество во јавната расправа.

– Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи е во процес на јавна расправа и воведува појасни правила за организираниот откуп, писмени договори пред испораката, регистрирани откупувачи, однапред утврдени услови, точна евиденција и рокови за плаќање. Целта што сакаме да ја постигнеме е одговорноста поправедно да се распореди меѓу производителите, откупувачите и преработувачите, а земјоделецот да не ги дознава условите дури откако производот е набран или предаден – рече Серафимовски.

Тој ги повика земјоделците, здруженијата и иницијативните групи активно да се вклучат во јавната расправа и да достават предлози и забелешки преку ЕНЕР или во подрачните единици на Министерството.

– Овој повик особено го упатувам до оние што протестираа и укажуваа на слабостите на постојниот систем. Тие имаат можност своите идеи и предлози да ги достават и да дадат конкретен придонес за подобрување на системот – порача министерот Серафимовски, пренесува МИА.