Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека во Министерството се анализираат можностите и се прават нови пресметки за подобрување на студентскиот стандард, пренесе МИА.
По пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, Јаневска одговараше на новинарски прашања во врска со студентскиот стандард и капацитетите за сместување во студентските домови. Таа потврди дека до Министерството се доставени две иницијативи за подобрување на студентскиот стандард.
-Ние ги анализираме и правиме пресметки и јас се надевам дека ќе изнајдеме решение во рамките на нашите буџетски можности и тоа ќе им биде соопштено на студентите. Јас исто така повеќепати сум рекла дека ќе има приоритети и еве, ова е приоритет – нивното живеење и нивните услови за учење се приоритет – изјави Јаневска.
Таа најави дека за околу еден до еден и пол месец се очекува повторно да се разговара за состојбата во студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“, посочувајќи дека средствата што се трошат за студентскиот стандард се предмет на тековни анализи.
Јаневска истакна и дека Министерството минатата година инвестирало во опремување на лабораториите на факултетите, односно во нагледните средства и условите во кои студентите учат и работат.
– Верувам дека и сите нивни барања со тек на време ќе ги исполниме, повторувам, во рамките на буџетските можности – рече министерката.
Во однос на барањата на студентите за подобрување на стандардот, Јаневска рече дека пресметките сè уште се во тек и дека се очекува решение да биде усогласено и со студентите.
– Сè уште анализираме, ќе видиме и заедно со студентите се надевам ќе изнајдеме некакво заедничко решение, кое ќе биде прифатливо за сите нас, повторно во рамките на буџетските можности – истакна Јаневска.
Таа информираше и дека студентите кои ги исполнуваат условите за сместување веќе се распоредени во студентските домови во Скопје, меѓу кои „Гоце Делчев“ и „Стив Наумов“.
Според Јаневска, во „Стив Наумов“ сè уште има неколку слободни соби, вклучително и за сместување на бруцошите. Таа уверува дека по завршувањето на сместувањето на бруцошите, студентите кои ги исполнуваат условите нема да останат без место во студентски дом.


































