Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши учествуваше на конференција во Будва и на министерски состанок во Цетиње, во рамки на Берлинскиот процес, каде што во фокусот биле зајакнувањето на Заедничкиот регионален пазар и забрзувањето на економското приближување на Западен Балкан кон Европската Унија.
Како што денеска соопшти Министерството за економија и труд, на двата настана се разговарало за можностите за продлабочување на регионалната економска соработка и за создавање услови компаниите од регионот да бидат поактивно вклучени во европските синџири на вредност.
Дурмиши истакнал дека земјите од регионот веќе располагаат со индустриски капацитети, квалификувана работна сила и компании кои се поврзани со европските производители. Сепак, според него, соработката меѓу регионалните економии сè уште не го достигнува својот потенцијал.
Како следен чекор, тој ја посочил потребата домашните компании да се поврзуваат во регионални синџири на снабдување и да развиваат производи и услуги со поголема додадена вредност.
-Нашата цел не е Северна Македонија да биде само локација за производство. Сакаме домашните компании да станат посилни добавувачи, да развиваат сопствени производи и технологии и да имаат поголемо учество во европските синџири на вредност – нагласил Дурмиши.
Тој додал дека за постигнување на оваа цел се потребни подобро поврзан регионален пазар, квалификувана работна сила и поголеми инвестиции во иновации.
































