Фото: Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

Реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје, со капацитет од 1.150 легла, е пуштен во употреба, а според премиерот Христијан Мицкоски, студентите во него ќе имаат услови споредливи со европските.

Мицкоски, кој заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска присуствуваше на пуштањето во употреба на домот, порача дека студентите треба да ги искористат подобрените услови за учење и завршување на студиите.

-Овде 1.150 студенти ќе ја градат својата студентска иднина. Практично, условите кои што денеска ги имаат се навистина, како што кажаа некои од претходните говорници, најдобри во регионот, можеби и пошироко. Навистина имаме европски услови, тоа што тие треба да го прават е само да се посветат на учењето, да ги завршат студиите – рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека Владата, како што рече, наследила голем број проблеми, но дека тие се решаваат постепено.

-Проблеми има, наследивме многу, би рекол илјадници, но секој ден решаваме по некој проблем – истакна тој.

Мицкоски додаде дека Владата работи според приоритетите и во рамки на расположливите можности, при што изрази благодарност до партнерите, меѓу кои Германската развојна банка и Европската Унија, како и до вработените во студентскиот центар и студентскиот дом за нивното трпение и ангажман.

Со реконструкцијата, според премиерот, студентите добиваат 1.150 нови легла, односно капацитет кој досега не бил достапен.

Мицкоски најави дека до крајот на овој или во текот на следниот месец се очекува да биде пуштен во употреба и вториот реконструиран студентски дом. Со тоа, во одреден период би биле обезбедени повеќе од 1.500 дополнителни легла за студентите.

Тој посочи дека условите во домовите ќе бидат на европско ниво, повикувајќи се и на оценката на амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, кој ги опишал како „state of the art“.