Томас Вајц / Фото: Принтскрин

Напредокот ѝ е потребен на Македонија пред сè за да изгради модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед на тоа дали еден ден ќе стане членка на Европската Унија, порача австрискиот европратеник Томас Вајц на Граѓанскиот форум „Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“.

Форумот, кој од 25 до 27 септември се одржува во Скопје, е посветен на директниот дијалог меѓу граѓаните и носителите на одлуки, а во него учествуваат 50 граѓани, европратеници, пратеници и експерти.

Вајц истакна дека реформите и напредокот на земјата не треба да се гледаат исклучиво низ призмата на членството во ЕУ, туку како процес што треба да обезбеди подобри услови за живот.

 – Мислам дека напредокот ви е потребен вам, за вашата земја, да се движите понатаму, да се развиете во модерно, демократско и добро организирано општество, без оглед дали сакате да се приклучите на Европската Унија еден ден или не – порача Вајц.

Тој предупреди дека доколку државата не успее да создаде подобри услови за живот, граѓаните ќе ги бараат на друго место. Како клучни области за кои, според него, треба отворено да се разговара ги посочи животната средина, квалитетот на воздухот, дивите депонии, рециклирањето, пречистителните станици, рударството и шумарството.

Посебно внимание посвети и на владеењето на правото и демократските процеси, оценувајќи дека тие се основа за функционирањето на државата.

 – Јас верувам дека единствено земја којашто се грижи за основните работи – чист воздух, вода, за добри услови на живот, исто така напредува и економски. Сето тоа има директно економско влијание – рече Вајц.

Претседателот на Собранието Африм Гаши истакна дека полноправното членство во ЕУ е стратешка определба на Македонија, која, според него, треба да биде надпартиска и долгорочна.

Гаши нагласи дека европскиот пат не може да биде успешен доколку се води исклучиво од институциите, туку граѓаните треба активно да учествуваат во креирањето на политиките и да бараат одговорност од институциите.

 – Партиципативната демократија не значи граѓаните да бидат прашани за мислење само во изборен период. Тоа значи дека граѓаните постојано да имаат можност да учествуваат во креирањето на политиките, да поставуваат прашања, да предлагаат решенија и да бараат одговорност од институциите – порача Гаши.

Тој додаде дека европската агенда треба да стане граѓанска агенда, а европските стандарди да станат реалност во секојдневниот живот.

Словачкиот европратеник Бранислав Ондруш говореше за потребата од поголемо учество на граѓаните во политичките процеси. Тој ја посочи промената на слоганот на Делегацијата на ЕУ во земјава од „ЕУ за Вас“ во „ЕУ со Вас“ како симбол на пристапот кон поголемо вклучување на граѓаните.

Ондруш нагласи дека податоците и анализите се важни при креирањето политики, но оти тие не се доволни за целосно разбирање на потребите на луѓето.

 – Важно е да се води политика не само за луѓето, туку и со луѓето – рече Ондруш.

Тој се осврна и на влијанието на корпорациите врз политиката, нагласувајќи дека нивните интереси треба да бидат балансирани со интересите на јавноста.

Граѓанскиот форум „Република Северна Македонија и иднината на Европа: Граѓаните во срцето на проширувањето на ЕУ“ е организиран од Групата за демократска поддршка и изборна координација на Европскиот парламент, во соработка со Собранието на Македонија. Предвидено е учесниците на крајот од форумот да усвојат финални препораки преку гласање.