Безживотното тело на едно лице е пронајдено и извлечено од урнатините по силната експлозија што вчераутро урна двокатна зграда во атинската населба Плака. Спасувачките екипи повеќе од 24 часа непрекинато трагаат по уште пет лица кои се водат како исчезнати, пренесе дописничката на МИА од Атина.
Експлозијата се случи во петокот околу 7.45 часот, а првичните сомнежи се дека била предизвикана од истекување на природен гас. Зградата целосно се урна, а според последните неофицијални информации, во неа во моментот на несреќата се наоѓале шест лица – повозрасен брачен пар кој живеел на вториот кат и четворица туристи кои престојувале на првиот кат, во апартман што функционирал како „Ер-Би-Ен-Би“.
Во текот на ноќта, грчката противпожарна служба го пронашла и извлекла телото на едно лице од првиот кат. Неофицијално, станува збор за жена.
Потрагата продолжува со несмален интензитет. Во акцијата се ангажирани 30 пожарникари со шест возила, од кои две специјализирани спасувачки возила, како и три специјално обучени кучиња за пребарување и спасување.
Спасувачите работеа цела ноќ, а операцијата продолжува и денеска со внимателно отстранување на урнатините. Во текот на вчерашниот ден, работата и пренесувањето на материјалот повремено беа прекинувани, како и секоја бучава, за да им се овозможи на спасувачите полесно да детектираат евентуални звуци под урнатините.
За пребарувањето се користеа специјални геофони, камери за детектирање и лоцирање лица, како и спасувачки кучиња. Противпожарната служба активираше протокол за пребарување и спасување што се применува при земјотреси.
Засега нема официјални информации за идентитетот на исчезнатите. Во текот на вчерашниот ден се споменуваше дека станува збор за пет лица – брачниот пар и тројца туристи. Постоеше и можност туристите навреме да го напуштиле апартманот и да заминале кон аеродромот, бидејќи вчера требало да го завршат престојот во Атина.
Според грчките медиуми, најверојатно станува збор за американски туристи, кои не се појавиле на вчерашниот лет од Атина кон САД. Подоцна, бројот на лица за кои се стравува дека се под урнатините беше зголемен на шест, што го потврди и градоначалникот на Атина, Харис Дукас, при неговата посета на местото на несреќата.
Силната експлозија предизвика паника во околните улици. Жители на населбата велат дека детонацијата била толку силна што во прв момент помислиле дека станува збор за бомбашки напад.
Очевидецот Абдул, кој со автомобил поминувал покрај зградата во моментот на експлозијата, за МИА раскажа дека автомобилот му бил погоден од ударниот бран, а прозорците се искршиле.
– Бев во автомобилот и токму кога поминував овде се случи експлозијата. Воопшто не сфатив што се случува. Автомобилот се тресеше, а сè околу мене почна да се распаѓа. Слушнав само многу силна експлозија. Едно „бам!“. Автомобилот се крена во воздух. Се скрши стаклото. Се обидов да излезам, но вратата не се отвораше. Автомобилот се изгасна, бидејќи е електричен. Излегов низ прозорецот и веднаш почнав да трчам – раскажа Абдул.
Веднаш по експлозијата, три лица со лесни повреди биле евакуирани – двајца од соседната зграда и еден случаен минувач.
Несреќата се случи во Плака, една од најпознатите и најфреквентни атински населби, во непосредна близина на Акропол и на едно од најпосетуваните туристички подрачја во грчката престолнина.
































