ОДБОЈКА – ЧЕЛИНЏ-КУП
Македонската клупска одбојка во новата сезона од европските клупски купови, покрај шампионот Штип УГД во машката Лига на шампионите (ЛШ), има уште тројца претставници во Челинџ-купот. Познато е кога тие ќе ги играат првите мечеви во рамките на ЦЕВ-сезонава. Во машка конкуренција, Струмица 47/72 во првата рунда во Челинџ-купот се соочува со финска Састамина. Првиот дуел го игра на гости на 12 ноември (17.30 ч.) по македонско време во арената „Вексве“ во Састамина. Реваншот е на домашен терен на 18 ноември (18 ч.), во салата „Парк“ во Струмица.
Шампионот во женска конкуренција Работнички Скопје, исто така ќе игра во Челинџ-купот, а за ривал го има грчки Заон Кифисиа. Македонскиот првак го игра првиот меч на гости, на 27 октомври (17 ч.) по македонско време, во спортската сала „Зиринио“ во Кифисија, предградие на Атина, а реваншот е на 3 ноември (19 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Вториот женски претставник во овој куп, Јанта Волеј КВ, кој ќе се соочи со чешка Прага, го игра првиот натпревар пред своите навивачи на 27 октомври (19.30 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, а реваншот е на 4 ноември (18 ч.) во арената УНИП во Прага. Г.И.
































