Фото: ЕПА

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, повика на зајакнување на мултилатерализмот, оценувајќи дека ниту една земја, без разлика колку е моќна, не може сама да се справи со глобалните предизвици.

Во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации, Кошта рече дека мултилатерализмот „не е идеал од минатото, туку единствениот реален начин да се одговори на проблемите на денешницата“.

Тој посочи дека прашањата како трајниот мир, спречувањето пандемии, климатските промени, стабилноста на синџирите на снабдување, регулирањето на вештачката интелигенција, финансиската стабилност и одржливиот развој бараат меѓународна соработка.

Кошта повика на зајакнување на мултилатералниот систем, со фокус на заштитата на човековите права, демократијата и родовата еднаквост. Во однос на вештачката интелигенција, тој рече дека неколку глобални компании не можат сами да ја регулираат технологијата и дека Обединетите нации треба да придонесат кон воспоставување глобални стандарди преку Глобалниот дигитален договор.

 – Одговорот не е повлекување – порача Кошта, повикувајќи ги државите да ги реформираат и зајакнат меѓународните институции и повторно да инвестираат во нив.

Тој ги осуди заканите и нападите врз Меѓународниот кривичен суд и неговите вработени, нагласувајќи дека одговорноста не смее да зависи од политичките интереси.

 – Меѓународното право важи насекаде – рече Кошта.

Осврнувајќи се на вооружените конфликти, Кошта предупреди дека нивните последици не остануваат ограничени на една земја или регион, туку влијаат врз безбедноста на храната, енергетските пазари, миграцијата и глобалната стабилност.

Во однос на војната во Украина, тој повика меѓународната заедница да ги искористи сите расположливи средства за нејзино завршување. Тој истовремено се осврна и на ситуацијата во Газа и страдањето на цивилното население.

Кошта ги поддржа дипломатските напори за решавање на ситуацијата со Иран, нагласувајќи дека прекинот на огнот мора да се почитува и дека треба да се зачува слободата на пловидба низ Ормуската Теснина.

 – Иран никогаш не смее да добие нуклеарно оружје – порача Кошта, изразувајќи надеж дека иранскиот народ ќе може да живее во мир и безбедност.