Изложбата „Дијалог на форми“ во Македонскиот КИЦ во Софија

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија е отворена ликовната изложба „Дијалог на форми“, која обединува значајни имиња од македонскиот ликовен живот преку дела настанати по време на одбележувањето на православниот празник Свети Трифун во Кавадарци. Изложбата ги обединува делата создадени по повод празникот Свети Трифун во последните три година, отворајќи простор во кој различните уметнички искуства, техники, материјали и пристапи се среќаваат, се спротивставуваат и се надополнуваат. Секое дело носи сопствена структура, ритам, материјалност и начин на гледање. Различните ликовни техники и уметнички постапки не се поставени како одделни светови, туку како делови од поширок разговор во кој формата станува средство за комуникација.
– Секое дело функционира како визуелен есеј – како самостојна мисла преточена во боја, линија, површина, материјал и простор. Но неговото значење не завршува во сопствените граници. Во непосредната близина на другите дела, секоја слика добива нови релации и нови можности за читање. Меѓу нив се воспоставуваат тивки кореспонденции, но и видливи тензии: меѓу светлото и темното, органското и геометриското, спонтаното и контролираното, материјалот и идејата. Токму во тие односи се создава динамиката на изложбата. Во „Дијалог на форми“ традицијата не е директно илустрирана, ниту пак е претворена во буквален мотив. Таа постои како културен контекст, како тивка основа врз која се среќаваат различни индивидуални уметнички гласови. Не се појавува нужно како препознатлив визуелен знак, туку како повод, како меморија и како простор на културно препознавање.

Токму затоа односот кон празникот е ненаметлив. Уметничките дела не ја раскажуваат традицијата – тие влегуваат во дијалог со неа. Во тој дијалог традицијата останува отворена, способна да се пренесува од една генерација на друга, но и да се преиспитува низ современи уметнички јазици – се наведува во најавата.
„Дијалогот“ во насловот не означува само комуникација меѓу формите. Тој означува можност различностите да постојат заедно без да ја изгубат својата индивидуалност.
– Во таа отвореност лежи и суштината на изложбата: различни уметнички јазици да не се обидуваат да се усогласат, туку преку своите разлики да создадат нова целина. Претставена во Софија, изложбата продолжува да ја проширува оваа средба. Од локалниот повод кон поширок културен простор, од традиционалниот контекст кон современиот визуелен јазик, „Дијалог на форми“ ја отвора можноста Свети Трифун да се доживее не само како празник што се повторува туку и како жив културен импулс – момент на средба, преиспитување и обновување. Во таа смисла, изложбата не нуди една порака. Таа нуди простор за разговор. А формите, поставени една до друга, го започнуваат тој разговор – велат Трајче Цветков и Зорица Ташова Илова, историчари на уметност. В.Д.