Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја отвори петтата Годишна соларна конференција во организација на Македонската соларна асоцијација – „Солар Македонија“, која ги обединува компаниите, инвеститорите и експертите од секторот на обновливите извори на енергија.

Во своето обраќање, Божиновска порача дека соларната енергија повеќе не е иднина, туку сегашност на македонската енергетика, но нагласи дека следната фаза мора да донесе повеќе ред, планирање и предвидливост.

– Не можеме да градиме обновливи капацитети побрзо од она што мрежата може безбедно да го прими. Со новата регулатива и годишните планови, Македонија создава предвидлив амбиент за инвестиции и сигурен енергетски систем. Планираме однапред, ја подготвуваме мрежата и создаваме услови новите инвестиции навистина да бидат функционални и одржливи – порача Божиновска.

Таа посочи дека новата законска рамка за енергетика и обновливи извори поставува правила за пофер и попредвидлив инвестициски амбиент, но истовремено обезбедува и поголема заштита на енергетскиот систем. Особено значаен нов механизам, како што истакна министерката, се годишните планови за развој на енергетската инфраструктура, преку кои однапред ќе се утврдува каде, кога и какви нови капацитети може да се развиваат, во согласност со реалните можности на мрежата.

– Сакаме да ставиме крај на пристапот ‘прво да изградиме, па потоа да бараме решение за мрежата’. Паралелно со новите соларни и ветерни капацитети, Министерството работи на зајакнување и дигитализација на преносната и дистрибутивната мрежа, како и на развојот на батериското складирање. Иднината на обновливите извори не е само во тоа колку произведуваме, туку колку паметно ја користиме и ја складираме енергијата – истакна министерката.

Божиновска додаде дека земјата се подготвува и за следната генерација енергетски технологии. Со првата сеопфатна Водородна студија и новата енергетска инфраструктура се планира со поглед кон идните технологии, посочувајќи го како пример гасниот интерконектор со Грција, кој е проектиран со можност за иден транспорт на зелен водород.

Министерката упати и јасна порака до инвеститорите дека државата останува отворена за нови инвестиции во енергетиката, но дека тие мора да се развиваат во рамки на јасни и еднакви правила.

– Вратата е отворена, но правилата мора да бидат јасни и еднакви за сите. Нашата задача е да создадеме систем во кој добрата инвестиција има сигурност, државата има контрола врз својот енергетски систем, а граѓаните добиваат сигурна и достапна енергија. Да ја градиме енергетиката на Македонија – со повеќе сонце, повеќе инвестиции, посилна мрежа и јасен план за иднината – заклучи Божиновска.