Анализа: Трамп помеѓу Си Џинпинг и Ким Џонг Ун со новата американска игра за Азија и светот
- Американскиот претседател Доналд Трамп најави две средби, кои, секоја на свој начин, можат да ја определат идната архитектура на меѓународните односи: со кинескиот претседател Си Џинпинг во Вашингтон и со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. На тој начин Вашингтон повторно го става Далечниот Исток во центарот на светската политика
Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе престојува во САД од денес до петок (од 23 до 25 септември), а средбата со американскиот колега Доналд Трамп е планирана за утре. Кинескиот лидер нема да присуствува на Генералното собрание на Обединетите нации што се одржува неделава во Њујорк, туку посетата ќе биде концентрирана на билатералниот однос на Кина со Вашингтон. Официјалната церемонија на пристигнување на кинескиот претседател во Вашингтон ќе биде обележана со масовна воена демонстрација, со учество на 479 припадници од сите родови на вооружените сили на САД и со прелет на бомбардер „Б-2 спирит“, заедно со четири авиони „Ф-22 раптор“.
По најавите за новата фаза во односите на Вашингтон со Пекинг, американскиот претседател Трамп неодамна соопшти дека сака уште една средба со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун до крајот на годинава. Тој дури зборуваше за можноста разговорот да се одржи наесен, иако од Пјонгјанг стигнаа сигнали дека нема потврдена комуникација на највисоко ниво.
На прв поглед, станува збор за две различни приказни. Едната е глобалното ривалство меѓу Америка и Кина, а другата е нуклеарната криза на Корејскиот Полуостров. Но, всушност, двете се дел од истото прашање: Каква улога на САД во Азија планира Трамп?
Кинескиот претседател Си Џинпинг, пак, истакна дека односите меѓу Кина и САД се најважните билатерални односи во денешниот свет.
– Мораме да обезбедиме тие да функционираат и во никој случај да не ги нарушиме – рече Си, додавајќи дека и Кина и САД имаат корист од соработката, а губат од конфронтацијата, како што пренесуваат кинеските медиуми.
Од „Америка ја брани Азија“ до „Азија мора да се брани сама“
Според повеќе наши соговорници на ова прашање, дипломати од кариера и политички аналитичари, „најголемата промена на Вашингтон можеби не е во односот кон Кина, туку во односот кон американските сојузници“. Имено, според нив, администрацијата на Трамп повеќе не ја претставува американската моќ само како гаранција за безбедноста на Јапонија, Јужна Кореја, Филипините или други партнери. Наместо тоа, Вашингтон бара тие држави „да плаќаат повеќе, да вооружуваат повеќе и да преземаат поголем дел од одбранбениот товар…“ Во тој контекст, американскиот потсекретар за одбрана Елбриџ Колби неодамна во Манила порача дека САД не се повлекуваат од Азија, туку сакаат „партнери, а не протекторати“. Тој ја опиша американската стратегија како обид да се изгради одвраќање по должината на таканаречениот „Прв островски синџир“ – од Јапонија, преку Тајван и Филипините, до Борнео. Тоа е важна формулација. Вашингтон, според неа, не сака да ја напушти Азија. Сака да ја преуреди американската улога во Азија.
Во таа стратегија на Вашингтон, тие сѐ уште ја декларираат Кина како централен противник. Но се чувствува сенка во ривалството, САД повеќе не го ставаат тежиштето на военото прашање во врска со Тајван. Сега во поголема мера станува збор за технологијата, вештачката интелигенција, трговијата, критичните минерали, индустриските синџири и контролата врз поморските комуникации. Не е случајно што разговорите меѓу Вашингтон и Пекинг го вклучуваат и прашањето на вештачката интелигенција (ВИ). Реномираниот „Ројтерс“ во своите извештаи тврди дека „двете страни подготвуваат официјални разговори за ВИ, вклучувајќи ги ризиците од воена употреба, сајбер-заканите и ширењето на најнапредните модели“. Тоа покажува, според нашите соговорници, дека „новата студена војна“, ако воопшто е соодветно така да се нарече, „нема да се води само со носачи на авиони и ракети туку и со чипови, алгоритми, податоци, минерали и трговски правила“…
Што би значела посетата на Си Џинпинг на Вашингтон?
– Посетата на претседателот на Кина во Вашингтон е симболично силна. Кинескиот лидер оди во САД во време кога двете најголеми економски сили на светот се натпреваруваат за влијание врз глобалниот поредок. Но самиот факт што Трамп и Си Џинпинг повторно седнуваат на иста маса не значи дека стратегиското ривалство исчезнува. Напротив. Да ги споменеме анализите на ЦСИС што укажуваат дека принципот „Америка прво“ („America First“) ја претвори трговската политика (и самата трговија) во „составен дел од американската стратегија за национална безбедност“, при што Вашингтон преку билатерални договори се обидува да ги намали дефицитите и да ја зголеми американската економска отпорност – велат нашите соговорници, дипломати со големо искуство.
Тие додаваат дека Трамп може истовремено да разговара со Си Џинпинг, но и да води своевидна „политика на притисок врз Кина“.
– Тоа во матрицата на Трамп не е контрадикција. Тоа е суштината на неговата дипломатија. Но тука се наоѓа најопасното прашање. Вашингтон сака да ја спречи Кина да стане доминантна сила во Западниот Пацифик, но истовремено не сака да влезе во директна војна со Пекинг. Затоа американската стратегија се потпира на мрежа од сојузници и партнери. Јапонија се вооружува, Филипините стануваат сè поважна американска воена точка, Австралија ја продлабочува безбедносната соработка, а Индија останува клучен партнер во поширокото балансирање на Кина. Особено се значајни Филипините. Новите американски распоредувања и пристапот до девет филипински бази создаваат мрежа што би била од огромно значење во евентуална криза околу Тајван или Јужнокинеско Море. Со други зборови, Америка не мора да биде насекаде. Таа сака да има доволно точки од кои може брзо да дејствува таму каде што ќе биде потребно – анализираат нашите соговорници.
Зошто тогаш Трамп испраќа и спротивни сигнали?
– Интересно прашање. Тука се појавува најголемата дилема на неговата азиска политика. Од една страна, Вашингтон го зајакнува безбедносното партнерство со Филипините и бара поголеми воени капацитети од сојузниците. Од друга страна, Трамп неодамна нареди значително намалување на заедничките воени вежби со Јужна Кореја. Воените вежби „Улчи штит на слободата“ беа скратени по барање од американската страна, во момент кога Трамп повторно зборуваше позитивно за својот однос со Ким Џонг Ун. За Сеул тоа е многу чувствителен сигнал. Затоа што сојузништвото не се мери само со договори на хартија туку и со прашањето дали сојузникот верува дека Америка ќе остане таму кога ќе стане опасно – велат дипломатите, обидувајќи се да ја објаснат меѓународната политика на Трамп, која е во стилот на „доктор Џекил и мистер Хајд“.
Ким Џонг Ун како тест за „трампизмот“
Евентуалната средба со Ким ќе биде многу повеќе од дипломатско шоу. Трамп очигледно верува дека личната дипломатија може да произведе резултат таму каде што традиционалната дипломатија не успеала. Но проблемот е што Северна Кореја денес е поинаква отколку во 2018 година. Нејзиниот нуклеарен арсенал е поголем, односите со Русија се продлабочени, а Пјонгјанг има поголем простор за маневрирање. Јужнокорејскиот министер за одбрана неодамна процени дека Северна Кореја може да има меѓу 80 и 120 нуклеарни боеви глави – значително повеќе од бројката од 57 што претходно ја спомена Трамп. Тоа значи дека Трамп повеќе не преговара со Ким од позиција на надеж дека Северна Кореја може едноставно да се откаже од програмата. Тој преговара со држава што фактички се консолидира како нуклеарна сила.
Дали Вашингтон постепено ја прифаќа реалноста?
Ова е можеби најважното прашање. Доколку новата средба меѓу Трамп и Ким се сведе на намалување на воените тензии, замрзнување одредени активности и контрола на ризикот, тоа би било многу различно од американското барање за целосна денуклеаризација. И токму тука се гледа еден од најголемите пресврти. Ако Вашингтон започне да го третира севернокорејското нуклеарно оружје како траен факт, без формално да го признае Пјонгјанг како нуклеарна држава, тој би можел да отвори простор за нов модел на контрола на вооружувањето. Но тоа би испратило и порака до Јапонија и Јужна Кореја дека американските гаранции не се доволни.
Корејскиот Полуостров како огледало на американската политика
Да се вратиме на Сеул. Одлуката за скратување на воените вежби предизвика загриженост меѓу американските сојузници, а аналитичарите предупредуваат дека непредвидливоста може постепено да ја поткопа довербата во американските безбедносни гаранции. Затоа во Јужна Кореја повторно се засилува дебатата за стратешката автономија. А тоа е токму спротивно од она што Вашингтон традиционално го сака: сојузници што зависат од американскиот нуклеарен чадор. Ако Јапонија и Јужна Кореја почнат да размислуваат дека мораат сами да создаваат капацитет за одвраќање, американската стратегија може да произведе последица што никој во Вашингтон не ја посакува – нуклеарно помножена Азија.
Кина внимателна
За Пекинг, секое разнишување на американско-јужнокорејскиот сојуз е потенцијално корисно. Но, истовремено, Кина не сака хаос на Корејскиот Полуостров. Пекинг сака стабилност во која американското влијание е ограничено. Не е случајно што кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји токму минатиот месец отпатува во Сеул, каде што разговараше за Корејскиот Полуостров и регионалната стабилност. Со други зборови, додека Трамп се обидува да го врати Ким на маса, Кина се обидува да ја зачува својата позиција како незаменлив фактор во секое решение за Кореја.
Новата американска калкулација
Од сите овие потези се појавува една поинаква американска математика. Која е таа калкулација образложуваат нашите соговорници со едноставни зборови.
– Вашингтон сака Кина да биде доволно силна за да не се претвори во хаотичен противник, но не и толку силна што ќе стане доминантна сила во Азија. Сака Северна Кореја да не започне војна, но не сака да троши неограничени ресурси за нејзино одвраќање. Сака Јапонија и Јужна Кореја да останат американски сојузници, но сака тие да плаќаат повеќе за сопствената безбедност. И сака Филипините, Австралија и Индија да бидат дел од системот што ќе го ограничи кинеското влијание. Тоа е многу повеќе мрежеста отколку хиерархиска Америка – тврдат дипломатите анализирајќи ги новите сигнали и трендови на политиките на Вашингтон за Азија.
„Америка прва“, но Америка сепак останува во Азија
Интересно е што некои од најновите анализи зборуваат за можен американски „повлекувачки“ момент во Индопацификот. На пример, „Азија сосаети“ (Asia Society) предупредува дека првата година од вториот мандат на Трамп донела серија мешани сигнали кон американските партнери, додека анализа на „Азија-Пацифик лидершип нетворк“ (Asia-Pacific Leadership Network) констатира дека „довербата во американските безбедносни гаранции во Источна Азија е – намалена!“
Од друга страна, паралелно со тоа, Пентагон тврди дека „Америка не се повлекува“! Всушност, Колби вели дека Вашингтон „се вкопува“ во азискиот регион, но сака неговите партнери да преземат поголем товар. Тука е клучот за разбирање на постапките на Трамп.

– Неговата политика не е класичен изолационизам. Повеќе личи на селективен интервенционизам со висока цена за сојузниците. Затоа средбата меѓу Трамп и Си треба да се толкува многу пошироко од евентуалните трговски договори. На маса ќе бидат трговијата и тарифите, како и технологијата, ВИ, минералите, военото присуство, глобалните сфери на влијание, но и Тајван нема да биде заобиколен – тврдат нашите соговорници.
Кинескиот претседател оди во Вашингтон затоа што и Кина има интерес да го стабилизира односот со Америка. Но Пекинг нема да прифати „американска Азија“. Токму затоа најверојатниот резултат нема да биде „договор на векот“, туку привремено управување со ривалството.
– Најголемата промена што се случува пред нашите очи е тоа што американската надворешна политика сè повеќе се организира околу принципот на трансакција. Сојузниците мора да платат. Партнерите мора да дадат нешто за возврат. Кина може да преговара ако прифати одредени граници. Ким може да разговара ако Вашингтон понуди нешто што му е важно. Тоа е дипломатија во која личниот однос на лидерите станува инструмент на големата стратегија. И токму затоа средбите на Трамп со Си и Ким му се толку важни. Доколку Трамп успее истовремено да ја ограничи кинеската експанзија, да ја стабилизира Кореја и да ги натера сојузниците да преземат поголем дел од безбедносниот товар, неговата политика би можела да создаде за американските сфаќања еден „нов азиски баланс“. Но доколку во обидот да ја намали американската цена на глобалното лидерство ги принуди сојузниците да се почувствуваат напуштено, последицата може да биде спротивна. Јапонија, Јужна Кореја, Индија и другите регионални сили ќе почнат сè повеќе да се потпираат на сопствената сила. А тогаш Америка можеби нема формално да ја напушти Азија. Но тој дел од Азија постепено ќе престане да ја чека Америка. И тоа е, можеби, најважното прашање што сметаме дека ќе го отвораат најавените средби на Трамп со Си Џинпинг и Ким Џонг Ун – велат нашите соговорници, дипломати и политички аналитичари. Р.С.































