НОВИОТ ИЗБОРЕН УДАР ДОПОЛНИТЕЛНО ЈА ЗАГРОЗУВА ПОЗИЦИЈАТА НА ГЕРМАНСКИОТ КАНЦЕЛАР
- Германскиот канцелар брзо се обиде да ги стивне шпекулациите дека би можел да се повлече по овој последен изборен пораз. Тој се појави пред камерите само неколку минути по затворањето на гласачките места во неделата, изјавувајќи дека „ќе продолжи да ја спроведува својата реформска агенда и да дејствува како столб на стабилноста во овие бурни времиња“
- Лидерите на AфД ја поздравија својата победа, со што националниот колидер на партијата, Тино Крупала, го нарече резултатот во Мекленбург-Западна Померанија „сензација“ – истовремено вршејќи притисок врз значително ослабениот Мерц да се повлече и да се откаже од партиската политика на одржување „заштитен ѕид“ кон десницата
Германскиот канцелар Фридрих Мерц и неговите конзервативци претрпеа втор голем пораз од Алтернатива за Германија (АфД) на регионалните избори во Мекленбург-Западна Померанија одржани во неделата. АфД претходно оствари историска победа пред партијата на Мерц, ЦДУ, во Саксонија-Анхалт. Мерц, кој се соочува со сериозни политички предизвици, го нарече новиот изборен пораз „катастрофа“. Изборите во неделата беа сметани за „референдум за политичката одржливост на германскиот канцелар“, додека сè погласно се поставува прашањето дали тој може да ја задржи политичката контрола над сопствената партија. Мерц уште претходно го откажа учеството на Генералното собрание на Обединетите нации што неделава се одржува во Њујорк.
Според прелиминарните резултати, AфД освои околу 38 отсто од гласовите во североисточната покраина Мекленбург-Западна Померанија, што е втор најдобар резултат во историјата на партијата, со што ја надмина централнолевичарската Социјалдемократска партија (СПД), која освои 35 отсто. Конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на Мерц го забележа својот најлош резултат на покраински или на национални избори од крајот на Втората светска војна; според прелиминарното броење, на крајот од изборната ноќ партијата освои 4,9 отсто од гласовите, што е под изборниот праг потребен за влез во покраинскиот парламент.
Поддршката за ЦДУ исто така опадна на посебните регионални избори во Берлин, каде што партијата заврши на второто место со околу 19 отсто (според прелиминарните резултати), зад партијата Левица, која освои 25,5 отсто и сега е подготвена да ја преземе функцијата градоначалник на главниот град од конзервативците на Мерц, во коалиција со партии од левиот центар.
Мерц прави сѐ за да ги стивне најавите за негово повлекување
Германскиот канцелар брзо се обиде за да ги стивне шпекулациите дека би можел да се повлече по овој последен изборен пораз. Тој се појави пред камерите само неколку минути по затворањето на гласачките места во неделата, изјавувајќи дека „ќе продолжи да ја спроведува својата реформска агенда и да дејствува како столб на стабилноста во овие бурни времиња“.
– Не можеме да ја разубавуваме сликата за резултатите во Мекленбург-Западна Померанија“. Тоа е катастрофа. Она што треба да се направи сега бара цврстина, постојаност и трпение. Јас ќе ги покажам овие квалитети како претседател на ЦДУ и, пред сè, како канцелар на нашата земја – кажа Мерц по изборниот пораз.
Неуспехот на ЦДУ со недостигнување на изборниот праг претставува уште поболен удар за канцеларот, кој веќе се соочува со тешкотии во одржувањето на поддршката меѓу членството на својата партија.
Мерц презеде необичен чекор да ги свика лидерите на ЦДУ во партиското седиште во Берлин во неделата навечер, во обид да ја обезбеди нивната поддршка пред она што знаеше дека ќе биде уште еден понижувачки изборен пораз. Рејтингот на Мерц е меѓу најниските некогаш забележани за германски канцелар во оваа фаза од мандатот, што поттикна внатрешни дискусии во ЦДУ за можна промена на врвот, односно за замена на канцеларот. Пред изборите, еден функционер на ЦДУ изјави за „Политико“ дека „ќе настане хаос“ во партијата доколку конзервативците не успеат да влезат во покраинскиот парламент на Мекленбург-Западна Померанија.
Затоа се поставува прашањето дали ЦДУ ќе го поддржи Мерц. Осумте покраински премиери од редовите на партијата јавно го поддржаа канцеларот пред изборите што се одржаа во неделата. Сепак, самите изјави на Мерц ја истакнаа ерозијата на неговиот авторитет во изминатите недели, па останува да се види дали поддршката од влијателните регионални лидери и пратеници ќе опстои. Единствена олеснителна околност за Мерц е што моментно не постои ниту еден очигледен наследник што е подготвен да ја преземе неговата лидерска функција во партијата.
АфД врши дополнителен притисок врз канцеларот
Лидерите на AфД ја поздравија својата победа, со што националниот колидер на партијата, Тино Крупала, го нарече резултатот во Мекленбург-Западна Померанија „сензација“ – истовремено вршејќи притисок врз значително ослабениот Мерц да се повлече и да се откаже од партиската политика на одржување „заштитен ѕид“ кон десницата.
– Фридрих Мерц е погрешниот канцелар за ЦДУ и ја повлекува ЦДУ надолу со себе. Затоа, ЦДУ мора пред сè да се запраша дали сака да продолжи со овој канцелар и со овие левичарски политики? – изјави националната колидерка Алис Вајдел за германската јавна телевизија.
И покрај победата на АфД во Мекленбург-Западна Померанија, се смета дека партијата нема шанси да ја преземе власта во покраината, делумно поради ненадејниот подем во финишот на кампањата на СПД под водство на покраинската премиерка Мануела Швезиг. Таа се претстави како брана против десницата, користејќи го слоганот „Жена против синото“ (алузија на партиската боја на AфД). Сега е веројатно дека Швезиг ќе предводи нова коалициска влада во покраината, во соработка со левичарски партии.
Реформската агенда како обид на Мерц за спас
Мерц ја поврза својата канцеларска амбиција со реформска агенда за која тврди дека ќе ја зајакне конкурентноста на Германија и ќе го врати растот на најголемата економија во ЕУ, притоа повикувајќи ги гласачите на трпение додека реформите почнуваат да даваат резултати.
Агендата на канцеларот вклучува зголемување на старосната граница за пензионирање за да се зајакне пензискиот систем, намалување на одредени бенефиции од здравственото осигурување за да се ограничат растечките премии, како и отежнување на процедурата за земање боледување за работниците, сето тоа во обид да се поттикне економскиот раст.
Многу од овие реформи носат јасни трошоци за гласачите, што на политичките ривали на Мерц им дава можност да го искористат незадоволството на јавноста. Р.С.































