- Во моментот кога светската економија повторно ја открива геополитичката вредност на минералите, еден стар рудник во Кривопаланечко одеднаш доби значење што го надминува класичниот рударски контекст. Станува збор за антимонот од локалитетот Крстов Дол, кај селото Луке. Во тој контекст, премиерот Христијан Мицкоски излезе со тврдење дека „првичните извештаи покажуваат потенцијални резерви што би можеле да бидат поголеми од збирните резерви на Кина и Русија“, денес најголемите производители на антимон. Што значи тоа за нашата
земја и концептот на оваа идеја презентиран при посетата на САД?
Во Македонија една интересна приказна повторно излегува на површина. Станува збор за антимонот, металоидот со симбол Сб, минерал што со децении бил релативно мал сегмент од светското рударство, но денес повторно добива стратешко значење. Причината е едноставна. Светот сфати дека современата индустрија може да зависи од релативно мал број минерали што ги произведуваат само неколку земји. Антимонот е еден од нив. Европската Унија го има на својата листа на критични суровини, односно материјали со висока економска важност и ризик во снабдувањето. А токму во Македонија постојат повеќе познати локалитети на антимон. Меѓу нив се Алшар, Лојане и Крстов Дол.
Во моментов најактуелна е приказната за Крстов Дол кај Крива Паланка, каде што се подготвуваат повторно активирање на историскиот рудник и ново геолошко истражување. Американската Меѓународна финансиска развојна корпорација (ДФЦ) во април годинава објави дека склучила договор со „Пела глобал“ за развој на проектот за обновување на рудникот и постројката за преработка. Договорот предвидува до пет милиони долари проектно-развојно финансирање. Но токму тука почнува вистинската приказна, бидејќи едно е Македонија да има антимон, друго е да има милиони тони руда, а сосема трето е да има економски исплатлива резерва од која може со децении да се произведува концентрат или метал. И токму разликата меѓу овие три работи е клучот за разбирањето на целата тема.
Светот повторно се натпреварува за антимон
Антимонот не е нов елемент. Човештвото го користело уште од античко време. Но современата индустрија му дала сосема нова вредност. Антимонот се користи во легури, батерии, стакло, керамика, пластика, гумени производи, сопирачки и системи за заштита од пожар. Геолошкиот топографски институт на САД (УСГС) го опишува како металоид што се користи во батерии, огноотпорни материјали, легури, керамика, стакло, пластика и облоги на сопирачки. Една од неговите најважни особини е тоа што и релативно мало количество може значително да подобри одредени својства на материјалите. Во легурите додава цврстина и тврдост. Во оловните акумулатори може да ги подобри механичките карактеристики на електродите. Во противпожарните материјали неговите соединенија, особено антимоновиот триоксид, имаат важна улога. УСГС наведува дека антимоновиот триоксид во комбинација со халогенирани соединенија се користи како огноотпорен материјал во пластика, текстил и други производи. Тоа значи дека антимон може да има во работи што граѓанинот воопшто не ги поврзува со рударството. На пример, во автомобил, во кабел, во пластичен производ, во електронска опрема, во акумулатор, во стакло, како и во материјали што мора да издржат високи температури. А постојат и поспецијализирани примени. Високопрочистен антимон се користи во полупроводничката технологија, вклучувајќи ги и материјалите за инфрацрвени детектори. Оттука произлегува првата голема заблуда. Антимонот не е само „воен метал“. Тој има воена и одбранбена важност, но има и широка цивилна индустриска употреба.
Антимон, оружје и национална безбедност
Зошто тогаш антимонот толку често се поврзува со воената индустрија? Затоа што одредени негови својства се важни за одбранбениот сектор. Антимон се користи во одредени легури, муниција, батерии, кабелски системи, специјализирани материјали и други производи поврзани со одбранбената индустрија. Американската владина ДФЦ токму затоа проектот за Крстов Дол го опишува како дел од диверзификацијата на глобалните синџири на снабдување со критичен минерал за САД и нивните сојузници. Тоа е многу важен сигнал. Не значи дека Македонија ќе стане „воена сила“ затоа што има антимон. Но значи дека земјата може да добие ресурс што има вредност во услови кога големите сили се обидуваат да ги намалат ризиците од зависност од ограничен број доставувачи. Токму тоа е геополитичкиот контекст во кој денес треба да се гледа Крстов Дол.
Кина, Русија и проблемот со зависноста
Најголемиот проблем со антимонот не е само неговата употреба. Проблем е концентрацијата на производството. Според Резимето на минерални ресурси на УСГС за 2026 година, светското рударско производство на антимон во 2025 година било проценето на околу 110.000 тони. Кина е наведена со околу 40.000 тони, а Русија со околу 32.000 тони. Тоа се околу две третини од светското производство само од овие две земји. Ако ги погледнеме бројките на резерви, УСГС за 2026 година наведува дека околу 830.000 тони има резерви во Кина и 350.000 тони во Русија. Заедно – околу 1,18 милион тони.
Тоа е бројка со која секоја македонска споредба мора внимателно да се прави бидејќи во јавноста се појави тврдење дека потенцијалните македонски резерви би можеле да бидат поголеми од резервите на двата водечки производитела. Но достапните историски податоци за Крстов Дол не го потврдуваат таквото количество. И ова е можеби најважната корекција што треба да ја направи сериозното новинарство. Не треба ниту да се потценува потенцијалот, но од друга страна не треба ниту историскиот ресурс да се претвора во докажана национална резерва.

Колку антимон навистина има кај Крива Паланка?
Крстов Дол е стар рударски локалитет. Рудникот историски произведувал антимонска руда, но бил затворен во 1981 година поради ниските цени на антимонот. Во 1984 година во поранешна Југославија бил одобрен документ за пресметка на рудните резерви. Според податоците што денес ги објавува „Пела глобал“, тогаш биле класифицирани: 83.971 тон руда во категоријата Б со 4,62 отсто Сб; 51.188 тони руда во категоријата Ц1 со 4,62 отсто Сб; вкупно 135.159 тони во Б+Ц1, со околу 6.099 тони содржан антимон; 38.845 тони руда во категоријата Ц2 со 1,59 отсто Сб, односно околу 618 тони антимон; 2.916.000 тони во категоријата Д1 со просечни 0,5 отсто Сб, односно околу 14.580 тони содржан антимон. Ако се соберат овие историски количества, се доаѓа до околу 21.300 тони содржан антимон.
На прв поглед тоа звучи огромно. И за Македонија навистина е значајно. Но тука мора да стои голема ѕвездичка. Ова се историски податоци според старата ГКЗ-класификација. Тие не се современа ЈОРЦ минерална резерва. Самата „Пела глобал“ наведува дека историските количества се концептуални од аспект на современото известување и дека се потребни нови истражувања за да се утврди современ минерален ресурс. Токму затоа новото дупчење е толку важно.
Дали 21.300 тони се големо или мало количество?
Од македонска перспектива оваа резерва е потенцијално многу значајна. Од светска перспектива – не е количество што сама по себе ја менува глобалната рамнотежа. Да го земеме само како илустрација. Ако историските податоци од околу 21.300 тони се покажат како економски експлоатирачки, тоа би претставувало приближно 1,8 отсто од денес наведените резерви на Кина и Русија заедно. Но оваа пресметка е само споредба на големини. Не е процена на економската вредност. Уште помалку е доказ дека 21.300 тони може целосно да се ископаат. Зашто меѓу геолошкото количество и продадениот производ постојат: рударски загуби, металуршки загуби, трошоци, енергија, капитални инвестиции, јаловина, транспорт, даноци, концесии, финансирање, еколошка санација, затворање на рудникот.
И затоа е опасно некој едноставно да каже: „Има 21.300 тони, значи Македонија има богатство од толку и толку милијарди долари“. Тоа не е рударска економија.
Новото дупчење е најважната вест
Во април 2026 година „Пела глобал“ објави дека започнала првата фаза од програмата за дупчење во Крстов Дол. Планираната прва фаза е околу 3.000 метри, во рамките на поширока програма за валидација на историските податоци. Крајната цел е изработка на современа процена на минерални ресурси според ЈОРЦ 2012. Целокупната програма за валидација е многу поголема и е планирана на околу 25.000 метри дијамантско дупчење. Тоа значи дека најголемиот дел од приказната допрва треба да се измери. И тоа е добро. Зашто модерната геологија може да покаже нешто што старата технологија не можела да го види. Но може да го покаже и спротивното. Може да покаже дека дел од историскиот ресурс не е економски исплатлив. Може да покаже дека концентрацијата варира. Може да покаже дека рудната структура е помала од очекуваното. Или, пак, да покаже дека е многу поголема. Токму затоа дупчалката е денес поважна од политичкиот говор.
Македонија има повеќе „антимонски точки“
Крстов Дол не е единствената македонска приказна. Научната литература го наведува присуството на стибнит во повеќе македонски локалитети, меѓу кои Алшар, Лојане и Крстов Дол. И тука Македонија има нешто што е многу важно за идната минерална стратегија. Не само едно наоѓалиште. Туку геолошка историја на антимонска минерализација. Тоа не значи дека сите локалитети треба повторно да се отвораат. Не значи ни дека сите имаат економски потенцијал. Но значи дека државата има причина да направи современа национална геолошка карта на критичните минерали. Антимонот може да биде само една компонента.
Алшар – многу повеќе од антимон
Алшар е особено интересен. Научните истражувања покажуваат комплексна минерализација во која се појавуваат антимон, арсен, талиум и злато. Една студија ја опишува минерализацијата како зона долга речиси три километри и широка 200–300 метри. Во централниот дел доминираат антимонот и златото, со присуство и на арсен и талиум. Ова отвора друга тема. Македонските критични минерали можеби не треба да се гледаат секој поединечно. Треба да се гледаат како дел од пошироки полиметалични системи. Но токму кај Алшар се гледа колку рударската приказна може да биде сложена. Антимонот и златото звучат атрактивно. Но арсенот и талиумот значат дека еколошката и технолошката страна стануваат многу посложени.
Лојане – македонското предупредување
Ако Крстов Дол е можноста, Лојане е предупредувањето. Лојане било експлоатирано до 1979 година. Современите научни истражувања го опишуваат локалитетот како значаен извор на загадување со арсен и антимон. Научна студија од 2023 година го опишува Лојане како наоѓалиште со средна големина од аспект на историските антимонски резерви и наведува дека биле експлоатирани антимонско-арсенски руди со 2,5–4 отсто Сб и 5–7,3 отсто Ас. Ова е исклучително важен факт бидејќи Македонија нема право новото рударство да го гради според старите стандарди. Антимонот може да биде економски ресурс, но антимонот и арсенот може да бидат и сериозен еколошки проблем ако рударскиот отпад не се контролира. Затоа секој нов проект мора да има: мониторинг на води, мониторинг на почви, контрола на јаловина, контрола на киселинска дренажа, затворен систем на отпад каде што е технички возможно, финансиска гаранција за санација, долгорочен план по затворањето на рудникот.
Најголемата вредност не е во рудата, туку во синџирот
Македонија може да направи две сосема различни работи со антимонот. Првата е: ископај – концентрирај – извези. Втората е: ископај – концентрирај – преработи – произведи материјал – создај индустриски синџир.
Разликата е огромна. Ако земјата извезува концентрат, најголемиот дел од додадената вредност се создава надвор. Ако се развива преработката, се создаваат: инженерски работни места, хемиска индустрија, лаборатории, металургија, машинско одржување, логистика, истражување, нови доставувачи. Ако некогаш се развијат и специјализирани производи, додадената вредност може да биде уште поголема.
Најголемиот македонски капитал може да биде знаењето
Ако Македонија сака долгорочна корист, не треба само да продава руда. Треба да создава геолози, рударски инженери, металурзи, хемичари, еколошки експерти, лаборатории, компании за автоматизација, инженери за процесна контрола. Тоа е знаење што потоа може да се извезува. Е.Р.
Каде сè може да се користи антимонот?
Мапата на неговата употреба е поширока отколку што изгледа.
1. Батерии
Антимонот традиционално има важна улога во оловно-киселинските акумулатори. Ова е особено важно за автомобилската индустрија и за системите за резервно напојување. Но тука има една важна нијанса. Дел од антимонот во батерискиот сектор може да се рециклира преку затворени циклуси. Токму затоа УСГС во својата процена на критичноста за САД го издвојува антимонот во оловно-киселинските батерии како употреба што во голема мера може да се снабдува преку рециклирање. Една од најважните употреби е во противпожарната заштита. Антимоновиот триоксид се користи во системи за намалување на запаливоста на пластика, текстил, гума и други материјали.
2. Металургија
Антимонот ги зголемува тврдоста и јачината на одредени легури. Се користи со олово, калај и други метали. Антимоновите соединенија се користат и во стакларството и керамиката.
3. Електроника
Високочист антимон може да се користи во полупроводнички материјали, како и во инфрацрвена технологија. Имено, соединенија како индиев антимонид имаат специјализирани примени во инфрацрвени детектори.
4. Автомобилска индустрија
Антимонот се појавува во одредени легури и материјали, вклучувајќи ги и компонентите поврзани со сопирачките.
5. Одбранбена индустрија
Се користи во одредени легури, муниција, батериски системи и други материјали.
6. Нови технологии
Истражувањата го разгледуваат антимонот и за нови типови електродни материјали, складирање енергија и напредни електронски материјали. Е.Р.
Европската Унија има причина да гледа кон Балканот
Европа има проблем со критичните суровини. Европската комисија отворено признава дека европската индустрија е изложена на ризик кога снабдувањето со клучни суровини зависи од мал број надворешни производители. Со Актот за критични суровини (Critical Raw Materials Act), ЕУ постави цели за 2030 година, а тоа се:
1. најмалку 10 отсто од годишната потрошувачка на стратешки суровини да доаѓаат од екстракција во ЕУ;
2. најмалку 40 отсто од преработката да се реализираат во ЕУ;
3. најмалку 25 отсто од потребите да се покриваат преку рециклирање;
4. зависноста од една трета земја да не надминува 65 отсто за одредени фази на синџирот.
Ако се покаже дека Крстов Дол може да произведува конкурентен концентрат, Македонија може да стане дел од процена, еколошка и социјална студија и напредување кон физибилити-фаза од европската стратегија за диверзификација.
Америка веќе влегува во приказната
Ова не е повеќе само европска перспектива. Американската ДФЦ (DFC) во април 2026 година го опиша Крстов Дол како проект што треба да помогне во диверзификација на снабдувањето со антимон. Финансирањето до пет милиони долари е наменето за развојната фаза. Тоа вклучува подготовка на минерална ресурсна процена, еколошка и социјална студија и напредување кон физибилити-фаза. Ова е многу важно. Но не треба погрешно да се толкува. Американското финансирање не е доказ дека рудникот има милиони тони економски резерви. Тоа е доказ дека американската страна смета дека проектот е доволно стратешки интересен за да заслужи развојно финансирање. И тоа е голема разлика. Е.Р.
Економски пресметки
УСГС за 2025 година проценува светско производство од околу 110.000 тони антимон и светски резерви над два милиони тони. Цената во последните години доживеа огромни промени. Во 2024 година реномираниот „Ројтерс“ известуваше за нагло зголемување на цените поради ограничено снабдување, намалено производство и растечка побарувачка, вклучувајќи и од соларниот сектор и одбранбената индустрија. Но токму поради нестабилноста на пазарот, никој сериозен инвеститор не може да направи долгорочна економска пресметка само врз основа на една берзанска или спот цена.
Треба да се знае: колкава е содржината на антимон, колкав е степенот на минерално збогатување (recovery rate), колку концентрат може да се произведува годишно, каква е неговата чистота, колку чини ископувањето, колку чини преработката, колку чини транспортот, колкави се капиталните трошоци, колкава е цената по која концентратот може да се продава и колкав дел од приходот останува во Македонија. Дури тогаш имаме економија.
А што ако навистина има многу повеќе?
– Ако новото дупчење покаже дека историската минерализација е многу поширока од досега дефинираниот систем, тогаш приказната навистина може да стане голема. Но таквиот резултат треба да се покаже во бројки. Колку милиони тони руда? Со колкав просечен процент антимон? Колку милиони или стотици илјади тони содржан метал? Колкава е искористеноста? Колкав дел е измерен? Колкав дел се индицираните ресурси? Колкав дел се претпоставените ресурси? Колкав дел може да станат економски експлоатабилни резерви? Тоа се бројките што треба да ги очекува јавноста. Но најважната реченица што инвеститорот и државата можат да ја објават би била: „Објавена е независна ЈОРЦ 2012 процена на минералниот ресурс на Крстов Дол“. Тогаш дебатата ќе се префрли од амбиција кон проверливи податоци. Ќе знаеме што има. Ќе знаеме колку има. Ќе знаеме на која длабочина. Ќе знаеме со каква концентрација. Ќе знаеме каква е геометријата. И потоа ќе можеме да зборуваме за економија – велат наши соговорници, упатени во рударско-геолошките состојби.
Според нив, државата може да има приходи од: концесиски надоместоци, данок на добивка, персонален данок, социјални придонеси, царински и други давачки, локални економски активности, инфраструктурни инвестиции, индиректни даночни приходи.
– Но уште поважно е што може да создаде цел екосистем. Во Крива Паланка и регионот може да се развијат: машински сервиси, транспортни компании, геолошки услуги, лаборатории, градежни компании, инженерски фирми, ИТ-системи за рударство, безбедносни услуги, обука на работници – објаснуваат соговорниците.
Тие не запираат тука, туку се осврнуваат и на аспектот на развивање цел синџир на производство и пласман.
– Македонија може да направи и нешто многу поголемо. Замислете го следниот синџир. Антимонот се ископува во Крива Паланка. Се произведува концентрат. Концентратот се преработува во Македонија или во регионален партнерски капацитет. Од него се добиваат антимонови соединенија или метал. Потоа материјалот оди во европска индустрија. Од него се произведуваат компоненти за батерии, огноотпорни материјали, легури или специјализирана електроника. Во таков случај Македонија не е само рударска земја. Таа е дел од индустрискиот синџир. Тоа е сосема поинаква економска приказна – констатираат нашите соговорници. Е.Р.































