Среќни вести
Како дел од дополнителната програма на 14. Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“, минатиот четврток во „Јуроп хаус“ во Тетово се случи промоција на сликовниците „Другарко“, „Другарка, другарко и две маченца“ и „Големиот сон“ на авторот Денис Јанкуловски, познат како Космонаутко.
На промоцијата учествуваа локални детски изведувачи и хорот „Крешендо“, со цел литературата за најмладите да добие директен инклузивен израз пред публиката.
Издавачката куќа „Прозарт“ од Скопје стои зад трите нови изданија: „Големиот сон“, „Другарко“ и „Другарка, другарко и две маченца“. Сите три сликовници се визуелно оформени со илустрации на Наташа Костовска и Алексеј Костовски. Текстовите се фокусираат на теми поврзани со меѓусебното разбирање и поддршката. Јанкуловски преку своите раскази ги воведува ликовите на Тина, опишана како ѕвезда со големи соништа, потоа Другарко, Другарка, како и мачињата Рони и Бони, градејќи универзум во кој различностите претставуваат основа за дружба наместо пречка.
– Понекогаш некои работи не можеш да ги опишеш накратко со неколку збора. Тоа е затоа што доживувањето е преполно со преубави емоции, со возбуда што се случило токму така како што се случило, со радост што си запознал многу другарковци и сакаш сѐ да опишеш. Едноставно, тоа доживување те исполнило. Е, токму така беше вчера во Тетово, импресии што остануваат засекогаш – рече авторот Јанкуловски по промоцијата.































