Среќни вести
На 12 септември во галеријата „Ранко Струмениковски“ во Битола беше отворена првата интернационална младинска ликовна колонија. По претходно распишаниот конкурс на „Каранфилова арт студио“, се пријавиле 524 млади уметници на возраст од 4 до 21 година, од десет земји, со 571 уметничко дело. Од нив, 305 учесници беа избрани за изложбата што се случи во Битола.
– „Каранфилова арт студио“ годинава за првпат ги објави истоимениот интернационален младински ликовен конкурс и изложба. Создадени од млади раце со искрени мисли, пристигнаа дела што го оставија жирито без зборови. Сите учесници од Македонија, Бугарија, Хонгконг, Индија, Индонезија, Латвија, Литванија, Молдавија, Полска и Словачка ги претставија своите држави на свој уникатен начин, но на еден јазик разбирлив за цел свет – уметноста. Со задоволство ги споделуваме нивните креации, а веруваме дека тоа ќе стане и традиција на нашето студио- рече на отворањето на изложбата Ангела Каранфилова.































