Телевизиските мрежи Си-ен-ен (CNN) и Ем-ес нау (MS NOW), како и порталот „Политико“, поднесоа заедничка тужба против администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп поради одлуката да им биде забранет пристап во Белата куќа.
Медиумите тврдат дека со одземањето на новинарските акредитации се прекршени нивните права загарантирани со Првиот амандман на Уставот на САД и дека биле казнети поради начинот на кој известуваат за претседателот и неговата администрација.
Тужбата е поднесена пред Окружниот суд на САД за Дистрикт Колумбија, а од судот е побарано итно рочиште и привремено враќање на пристапот на нивните новинари во Белата куќа додека трае постапката.
Трамп на 18 септември преку социјалната мрежа „Трут соушл“ објави дека забраната веднаш стапува во сила, обвинувајќи ги трите медиуми дека континуирано објавуваат „лажни вести“. Тој најави дека пристапот би можел да им биде забранет и на други медиуми за кои смета дека шират неточни информации.
Новинарите на Си-ен-ен, Ем-ес нау и „Политико“ во текот на викендот биле вратени од влезот во Белата куќа, откако нивните акредитации биле деактивирани. Одлуката ја осуди и Здружението на дописниците од Белата куќа, предупредувајќи дека исклучувањето медиуми поради нивното известување претставува опасен преседан за слободата на печатот.































