Петтото издание на фестивалот на „Џез, ворлд и современа музика“ ќе се одржи од 25 до 27 септември во Велес. Фестивалот одбележува мини-јубилеј – пет години исполнети со музика, уметност, ентузијазам, нови средби и со културна размена.
– Фестивалот започна со едноставна, но важна идеја – уметноста да не биде концентрирана само во метрополите и големите градски центри, туку да се создаваат услови различни уметнички изрази да патуваат, да се среќаваат со нова публика и да се развиваат и во други градови и локални средини. Од таа идеја, фестивалот постепено ја гради својата приказна и денес претставува простор во кој публиката има можност да слушне и да види уметници од различни делови на светот – велат организаторите.
Иако во својата основа е музички фестивал, неговата програма од самиот почеток не се ограничува само на музиката. Во различни изданија фестивалот вклучува изложби, работилници, видеопроекции и мапирање, визуелни и сценски перформанси, како и други уметнички форми, кои на различни начини комуницираат со музиката.
Од втората година, фестивалот добива интернационален карактер, отворајќи простор за средба на домашната сцена со уметници од различни земји и културни средини.
– Идејата е преку музиката да се запознаваат различни култури, но и преку тие средби да се отвораат нови прашања и можности за домашната сцена. Како звучи џезот од Грац во Велес? Што носат со себе уметниците од Финска? Какви се нивните искуства и пристапи? Што можеме да научиме од уметниците што доаѓаат од различни културни средини, а што можеме ние да им понудиме ним?
Токму таа двонасочна размена е една од важните карактеристики на фестивалот. Интернационалната програма не е само можност велешката публика да слушне странски уметници туку и можност македонските уметници да се сретнат со колеги од други земји, да разменат искуства, идеи и можности за идни соработки – додаваат организаторите
Во самото име на фестивалот – „Џез, ворлд и современа музика“ – се препознава неговата отвореност кон различни жанрови и музички јазици. Фестивалот не поставува строги граници меѓу музичките форми, туку се обидува да понуди поширока перцепција на современата музика и нејзините различни изрази.
Фестивалот е основан од Општина Велес, а негов организатор е здружението за култура, уметност и млади „Арт-генератор“ – Велес.
– Годинашното издание се реализира без поддршка од Министерството за култура и туризам, но фестивалот успева да ги задржи својот интернационален карактер, разновидната програма и повеќелокацискиот формат. Годинава фестивалот повторно ќе се одвива на повеќе локации низ Велес – на платото и на големата сцена на театарот „ЈХК Џинот“ – Велес, во Градскиот парк и во просторот на Спомен-костурницата, со што различните содржини повторно ќе добијат различни амбиенти и контексти – додаваат од „Арт-генератор“. С.Ј.
































