- Повод: Промоција на стихозбирката „Раскинување на договорот”
Има книги што како додадена вредност на книжевната, отвораат простор за едно многу потешко прашање за тоа што се случува со човекот, со неговото име, со неговиот јазик и со неговото достоинство кога некој друг ќе се обиде да му ја одреди мерката на постоењето? „Раскинување на договорот“ на Сотирис Минас е токму таква книга
Необичноста на поетската книга „Раскинување на договорот“ на Сотирис Минас не произлегува само од нејзиниот наслов, туку пред сè од фактот што нејзиниот автор е грчки поет кој сам го научил македонскиот јазик, а својата дебитантска стихозбирка ја објавува двојазично, на грчки и на македонски. Македонската верзија на песните е негов сопствен препев. Тоа значи дека македонскиот овде не е технички јазик на преводот, туку свесно избран јазик на поетско и човечко обраќање. Токму затоа оваа книга заслужува да се чита внимателно, и во она што го кажува во стиховите, и во она што го отвора како прашање.
Преспанскиот договор како метафора
На прв поглед, насловот „Раскинување на договорот“ речиси неизбежно ја активира македонската политичка меморија за Преспанскиот договор. Во македонскиот јавен простор зборот „договор“, особено во контекстот на односите со Грција, има силна политичка конотација. Но авторот Минас самиот вели дека Преспанскиот договор не бил непосредната инспирација за насловот. Тој зборува за друг „договор“ – личен, метафоричен, наметнат во детството, договор на молчење, страв и потчинетост, кој според неговото сведоштво го принудувал сопственото „јас“ да биде потиснато за да се задоволат туѓите очекувања. И токму тука насловот добива многу подлабоко и пошироко значење. Добива континуитет на постоечка репресија на посилниот кон послабиот за која и самиот лично бил сведок. Зашто ако постои право на човекот да биде слободен, да се чувстува она што е и таков да се декларира, тогаш има право да го раскине договорот што никогаш слободно не го потпишал… Тогаш природно се отвора и прашањето дали и еден колектив има право да се спротивстави на сите оние наративи, политички формули и историски толкувања што ги доживува како наметнати врз неговиот идентитет. Тоа е точката во која личното и колективното се допираат.
Од личната повреда до колективната меморија
Минас не ја започнува оваа книга како политички памфлет. Напротив, нејзината првична енергија е интимна. Имено, болката, љубовта, загубата, ранливоста, стравот и потребата човекот повторно да си го присвои сопствениот глас. Но токму затоа поетската порака може да стане поширока од политичката порака. Во неговото читање на сопственото искуство постои една суштинска идеја, а тоа е дека идентитетот не смее да биде цена за мирот со другиот!
И тука се појавува она што е можеби најважниот човечки квалитет на оваа книга – нејзиниот однос кон другиот.
Авторот Минас не го избира македонскиот јазик за да го негира грчкиот. Го избира македонскиот јазик токму за да покаже дека постоењето на едниот не мора да значи исчезнување на другиот. Во неговата авторска концепција, двојазичноста е практичен чин на признавање и солидарност, а помирувањето го поврзува со прифаќањето на постоењето на другиот. Тоа е важна порака во простор во кој идентитетските прашања премногу често се поставуваат како игра со нулта сума.
Името не е административна формула
Оттука може да се разбере и зошто книгата толку силно е “во резонанција со македонскиот читател”.
За Македонците, спорот околу името на државата не беше само спор околу од административен карактер. Напротив. Промената на уставното име во „Република Северна Македонија“ по Преспанскиот договор беше проследена со серија чувствителни прашања за идентитетот, јазикот, историјата и употребата на симболите. Самото тоа што денес еден грчки автор пишува на македонски и објавува книга на македонски во Македонија создава необичен културен контрапункт на тие политички процеси. Но литературата има една особина што политиката често ја нема, а тоа е дека таа, ( литературата, поезијата и генерално уметноста) може да го врати човекот во центарот на прашањето.
Збирката поезија “Раскинување на договорот“ на Сотирис Минас како да прашува Може ли мирот меѓу два народа да биде вистински ако едниот човек мора да се откаже од дел од себе за да биде прифатен од другиот? Тоа се прашања на човековото достоинство, а не само на политиката. Токму затоа „Раскинување на договорот“ може да се чита и како своевиден книжевен лак над едно многу пошироко прашање. Имено, што останува кога политиката ќе се обиде да го регулира идентитетот? Одговорот на поезијата е едноставен и многу јасен. Останува човекот! Останува неговото сеќавање. Останува јазикот. Останува песната. Останува потребата да се каже она што било премолчувано. И токму затоа е особено значајно што во книгата се појавуваат македонски топоними како Преспа, Вардар, Дојран, Воден, Лерин, Вичо, Негуш и Кајмакчалан. Тие не функционираат само како географски точки, туку како места на колективна меморија, историска болка и припадност.
Вистината како последна линија на одбрана
Најдлабоката вредност на „Раскинување на договорот“ можеби не е во тоа дали книгата ќе биде прочитана како политичка книга. Таа е во прашањето зошто човекот чувствува потреба да ја каже вистината кога вистината е непријатна за моќните, за мнозинствата, за институциите или за воспоставените наративи. Вистината во оваа книга не би требало да се разбере како оружје против другиот. Таа е право на сопствено постоење. Затоа и највисоката вредност на авторскиот гест на Минас не е во тоа што еден Грк „застанал на македонска страна“. Таквото читање би било премногу едноставно и, на некој начин, би ја намалило вредноста на неговиот потфат. Многу поважно е што тој покажува дека можеш да го почитуваш другиот без да бараш тој да престане да биде тоа што е. Можеш да го сакаш својот јазик без да го негираш туѓиот. Можеш да ја почитуваш сопствената историја без да бараш туѓата да исчезне. Можеш да бидеш Грк и со почит да зборуваш македонски. Можеш да бидеш Македонец и да го почитуваш грчкиот народ. Тоа не е слабост на идентитетот. Тоа е неговата зрелост.Во таа смисла, „Раскинување на договорот“ може да се чита како книга против секое бришење – индивидуално и колективно. Против бришењето на човекот од самиот себе. Против бришењето на јазикот од неговите говорители. Против бришењето на меморијата од историјата. Против идејата дека некој друг може да ти каже кое име смееш да го носиш, кој јазик смееш да го зборуваш и која приказна смееш да ја паметиш. Но токму затоа оваа книга не треба да биде претворена во нова поделба. Нејзината најсилна порака е спротивна на тоа. Таа не бара еден идентитет да го победи другиот. Бара секој идентитет да има право да постои. И тука доаѓаме до суштината на човекољубивиот и правдољубивиот мотив што ја прави книгата толку интересна. Правдата не е кога едниот ќе му го одземе местото на другиот, туку кога никој нема да биде принуден да исчезне за другиот да се чувствува сигурен. Затоа можеби најдлабокиот „договор“ што Минас го раскинува не е договор меѓу две држави. Тоа е договорот со молкот. Договорот со стравот. Договорот со наметнатата вистина. Договорот според кој човекот треба да се откаже од дел од себе за да биде прифатен. А кога човек ќе го раскине таквиот договор, останува само едно нешто што не може да биде потпишано од никој друг а тоа е, неговата вистина.
И можеби токму затоа е толку симболично што таа вистина, во случајот на Сотирис Минас, е кажана на два јазика. На грчки – јазикот на неговото потекло. И на македонски – јазикот што тој самиот го избрал да го научи. Меѓу тие два јазика нема нужно ѕид. Може да има мост. А највредните мостови се градат со почит, со слободен избор и со храброст вистината да се каже без страв и без омраза. Затоа „Раскинување на договорот“ не мора да се чита како повик против некого. Може да се чита како повик за човекот. За неговото право на име, за неговото право на јазик, за неговото право на сеќавање, за неговото право на различност. И, над сè, за неговото право да ја каже вистината дури и тогаш кога таа вистина не му одговара на никого.































