Доколку безбедносни експерти предупредат за краткорочна егзистенцијална закана за човештвото од страна на терористи, американската влада би се мобилизирала во непосреден и неограничен напор за соодветна реакција. Сепак, низа предупредувања од лидерите на компаниите за вештачка интелигенција дека нивниот пронајдок наскоро може да го надмине капацитетот на луѓето да го контролираат, досега наиде на неодобрување од страна на политичарите што одлучуваат во Вашингтон.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека „негативните сили“ привикуваат „нешта што нема да се случат“. Претседателот на претставничкиот дом, Мајк Џонсон, го отфрли повикот за носење вонредно законодавство, велејќи му на Џејк Тапер од „Си-ен-ен“ дека лидерите на вештачката интелигенција „што ја поместуваат границата“ би можеле да забават со дејностите ако сакаат, но Конгресот не треба да брза со дејствување.
Двајцата политичари предупредија дека забавувањето на американската индустрија за вештачка интелигенција ќе ѝ ја предаде предноста во трката за суперинтелигенција на Кина – насочувајќи ја дебатата од прашање за општа безбедност кон прашање за национална безбедност.

Политичка пресвртница

Загриженоста е дотолку позначајна бидејќи доаѓа од титаните на самата индустрија за вештачка интелигенција, а се чувствува како политичка пресвртница. Вештачката интелигенција е сè поакутно прашање на среднорочните избори во САД. Кандидатите од двете партии го искористија сомнежот во јавноста поради инфраструктурата на вештачката интелигенција, повикувајќи на мораториуми за изградба на огромните центри за податоци, кои се гладни за струја и вода.
Но непријателството кон вештачката интелигенција исто така се развива во севкупен проблем што кристализира момент на јавен гнев и вознемиреност поради различни прашања. Додека сè поголем број Американци ја користат технологијата, анкетата на „Ен-би-си њуз“ месецов покажа дека 70 отсто од испитаниците биле повеќе загрижени отколку возбудени поради вештачката интелигенција.
Вештачката интелигенција ги поттикнува стравувањата од масовни загуби на работни места во момент кога анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани ја изгубиле довербата во економијата. Повисоките сметки за комунални услуги и перцепцијата дека центрите за податоци се виновни ја продлабочуваат кризата со прифатливоста – најголемиот проблем во тековниот изборен циклус. Застрашувачките сценарија со вештачката интелигенција би можеле да ги засилат грижите на Американците за моќта што ја имаат неколкумина милијардери, технолошки олигарси што ризикуваат да создадат опасни нови општествени тензии. И можноста странски актери да го искористат напредокот на вештачката интелигенција за да го загрозат приматот на САД, всушност, се смета за вистинска загатка за националната безбедност, со важни политички импликации во годините што доаѓаат.
Оваа брзо менувачка политичка средина може да ја направи вештачката интелигенција уште побитно прашање на среднорочните избори, како и на претседателските избори во САД во 2028 година. Демократите се надеваат дека ќе ја поттикнат политичката енергија што би можела да поттикне расположение за промени, а републиканците, плашејќи се од негативни реакции на вториот мандат на Трамп, тешко дека имаат потреба од друго прашање каде што тој изгледа рамнодушно кон перцепциите на јавноста.

Зошто вештачката интелигенција е толку раздорно политичко прашање

Дарио Амодеј, извршен директор на „Антропик“, напиша дека индустријата за вештачка интелигенција треба да забави. Во ексклузивно интервју со Андерсон Купер од „Си-ен-ен“, тој ги повика лидерите од индустријата на вештачката интелигенција да работат заедно за да спречат технологијата да му наштети на човештвото.
Во саботата Сем Алтман, извршниот директор на „ОпенАИ“, објави на Икс дека се согласува со Амодеј и повика на „независни евалуатори“ вградени во фирмите за вештачка интелигенција. Илон Маск, чија компанија „Екс еј-ај“ го напојува четботот Грок, напиша „Дарио е во право“ на Икс. Претседателот на „Дипмајнд“ на „Гугл“, Демис Хасабис, исто така го истакна своето мислење. Сето ова следуваше по зачудувачкото предупредување од истражувачот на вештачката интелигенција Џејкоб Коксон дека „луѓето што ја градат вештачката интелигенција искрено веруваат оти таа би можела да нè убие сите до крајот на деценијата“.
Значително различните реакции на вонредната низа аларми одразуваат повеќе од поларизацијата на Вашингтон; тие откриваат поделен консензус за тоа дали вештачката интелигенција навистина претставува закана за човештвото. Критичарите се загрижени дека компјутеризираните агенти би можеле да станат толку моќни што би можеле да се здружат за да го уништат светот. Скептиците ги отфрлаат предупредувањата за пропаст. Тие ги обвинуваат технолошките могули дека ги рекламираат сопствените производи. А ширењето страв ги придружува технолошките откритија уште од Индустриската револуција.
Постои и идеолошки агол на контроверзноста поради инстинктот на администрацијата на Трамп за минимална регулација, кој не прави разлика помеѓу традиционалните индустрии и многу помоќниот сектор на вештачка интелигенција. Трамп, исто така, има силни лични и политички стимулации да се спротивстави на забавувањето на вештачката интелигенција.
Вештачката интелигенција е огромен мотор за раст и тој не може да си дозволи „балонот да пукне“ и да ја влоши неговата политичка позиција. А критичарите на претседателот на САД ќе се прашуваат дали личните инвестиции во дигиталната економија од страна на службениците на претседателската администрација ќе се мешаат во нивниот капацитет за праведно надгледување на индустријата за вештачка интелигенција.

Брзиот развој го надминува капацитетот за регулација

Брзите пробиви во сектор што е сложен и недоволно јасен значат дека вештачката интелигенција го следи историскиот модел на нова технологија што го надминува капацитетот на владите за регулирање. Не е јасно дали лидерите што би биле потребни да дејствуваат дури и целосно ги разбираат својствата на ВИ и можните закани. Трамп изнесува валиден аргумент кога предупредува дека САД би ја изгубиле воената предност пред ривалските суперсили доколку заостанат во областа на вештачката интелигенција (ВИ).
– Водиме пред Кина во областа на ВИ. Ние сме најнапредната земја во светот и, искрено, сакам така и да остане – им рече тој на новинарите.
Други претставници на администрацијата предупредуваат против еднострано разоружување на САД во однос на ВИ. Кевин Хасет, директор на Националниот економски совет, изјави дека „далеку поголем ризик“ претставува можноста некој „злонамерен актер“ со намери за користење биолошко оружје да употреби „вештачка интелигенција што е подобра од онаа на САД“.
Ограничувањето на ВИ за доброто на човештвото би барало меѓународен договор. Но тоа би подразбирало вид на здружување на суверенитетот што Трамп го отфрла и би било во спротивност со принципот на администрацијата дека секој аспект од моќта на Америка мора да се искористи за зајакнување на едностраната доминација. Ставот на Трамп кон катастрофичните предупредувања за неконтролираното ширење на ВИ сугерира дека тој не направил длабоко филозофско преиспитување во овој клучен момент за човечкиот род.
– Не го потценувам проблемот, но, знаете, придобивките ќе бидат многу поголеми од штетите. Сè ќе биде во ред. Секогаш ќе имаме начин да ги запреме штетите, ќе имаме соодветна опрема. – им рече Трамп на новинарите.
Дејвид Сакс, копретседавач на претседателскиот совет на советници за наука и технологија, во саботата на платформата Икс напиша дека лидерите во областа на вештачката интелигенција (ВИ) треба да преземат одговорност за својата индустрија.
Сепак, постои значителна загриженост и кај двете партии. Републиканскиот сенатор од Тексас, Тед Круз, во интервју за „Политико“ минатата недела изјави дека „ни е потребна значително поголема регулатива кога станува збор за вештачката интелигенција“. Независниот сенатор од Вермонт, Берни Сандерс, предложи закон за трајна забрана на суперпаметна вештачка интелигенција и за привремено запирање на развојот на напредна вештачка интелигенција до донесување федерална регулатива. Но високи претставници на Демократската партија бараат многу побрза реакција од владата, додека се подготвуваат за ноемвриските избори.
Можеби ова нема да му се допадне на претседателот Трамп, но тековното прашање сега изгледа клучно за среднорочните избори и за американската политика: кој управува со вештачката интелигенција – човештвото или машините?