Централниот плоштад во Кожани го нуди она што веројатно би го очекувале од мал град во Грција. Таму има православна црква, канцеларија на градоначалникот и низа таверни и кафулиња. Малку нешта укажуваат на тоа дека градот се наоѓа во срцето на трансформација од која значително зависи иднината на земјата.
На местото каде што некогаш се трупаше лигнит за потребите на термоцентралата во близина на Кожани, компанијата за снабдување со електрична енергија „Паблик пауер корпорејшн“ – ППЦ (Public Power Corporation SA – PPC) планира да изгради еден од најголемите центри за податоци (т.н. дата-центри) во Европа. Ова е дел од инвестиција вредна 5,8 милијарди евра, чија цел е поранешната област за ископ на лигнит да се претвори во центар за технологија и чиста енергија.
Станува збор за проект сличен на оние што поттикнаа протестни движења, од САД до Шкотска, поради тврдењата дека таквите центри трошат огромни количества енергија, вода и земјиште. Сепак, во Кожани овој проект се доживува како потенцијален спас, односно како тест за способноста на Европа да реализира голем проект на локација што всушност би го поздравила центарот за податоци, но и како тест за довербата во грчката влада пред изборите што се очекуваат следната пролет.
Премиерот Киријакос Мицотакис целосно се вложи во регионалната ревитализација на Кожани. Овој потег не само што ги носи надежите на еден од најсиромашните региони во Грција туку го одразува и заживувањето на компанијата ППЦ. Компанијата, чиј најголем акционер е грчката држава, учествува со околу 40 отсто во економското производство од регионот на Западна Македонија, а целта е поголемиот дел од тоа производство да се замени со нови економски активности.
– Најважно е да му се дадат перспективи на регионот. Досега тоа не беше случај – изјави Теодорос Пилалидис, пензионер од Кожани што 33 години работел во рудниците за лигнит на ППЦ.
Локалното население се жали дека, откако владата во 2019 година најави крај на употребата на термоцентрали на лигнит, сè уште не се отворени работни места неопходни за ублажување на последиците од таа одлука. При посетата на регионот минатиот месец, Мицотакис изјави дека ќе бидат отворени повеќе и подобри работни места, ветувајќи дека „ќе ги мобилизира сите достапни европски ресурси за да му се помогне на грчкиот регион Западна Македонија во оваа навистина тешка транзиција“.
Во меѓувреме, термоцентралата на лигнит „Агиос Димитриос“, лоцирана на 18 километри од Кожани, престана со работа по постепеното затворање на погоните. Од ППЦ соопштија дека таму останале 58 работници, во споредба со 420 на почетокот на годинава. Оттогаш ископувањето лигнит е речиси целосно завршено, а преостанатиот јаглен се користи за снабдување на другата голема централа на ППЦ во областа, „Птолемаида 5“. Тој капацитет ќе престане да користи лигнит до крајот на годинава.
Градоначалникот на Кожани, Јанис Кокалиарис, ги поздрави проектите за центар за податоци и енергетските проекти планирани за неговиот регион. Но сепак изрази сомнеж дали тие ќе бидат доволни за да се надомести загубата на работните места.
– Никој не вели дека единиците не треба да се затворат, но треба точно да ни кажат што ќе се случува следниот ден во нашиот регион. Кога би постоел сличен бизнис, кој би бил подобар од еколошки аспект, со 3.000 вработени и исти или слични плати, тогаш не би имало проблем – изјави 49-годишниот градоначалник во интервју во својата канцеларија во јули, пред посетата на Мицотакис.
Кожани е град зависен од една компанија. Таму секој познава некого што работи во ППЦ или е поврзан со компанијата. Во екот на работењето, во 2010 година, ППЦ вработуваше околу 5.500 луѓе во грчкиот регион Западна Македонија. Регионот е познат и по шафранот, иако таа индустрија ангажира само мал дел од тамошните жители.
– Подготвени сме за следниот чекор. Досега ППЦ не покажа дека нè напуштила, дека не е на наша страна или дека ќе нè остави со неизвесна иднина – рече 50-годишната Параскеви Георгиу, која работи во термоцентралата „Птолемаида“.
И нејзиниот татко бил вработен во ППЦ, а таа работи во компанијата од 2010 година.
Ако се оддалечите малку од раздвижениот централен плоштад на Кожани, затворените и заковани излози на продавниците сведочат за некои подобри времиња. Затворени се околу 650 продавници од вкупно 1.500, како што посочи Атанасиос Драгацикас, претседател на трговското здружение на Кожани и сопственик на стоковна куќа во центарот на градот. А младите масовно ја напуштаат областа.
– Најлошото нешто што можете да им го направите на луѓето е да предизвикате чувство на очај кај нив. Тие со години не виделе ништо, дури ни трошка надеж – рече Драгацикас од последниот кат на својата стоковна куќа.
Грчката влада и ППЦ велат дека тоа ќе се промени додека Грција ги зголемува капацитетите за да одговори на побарувачката за вештачка интелигенција. Компанијата чија иднина беше неизвесна кога Грција одлучи постепено да се откаже од лигнитот, планира да изгради центар за податоци со капацитет од 300 мегавати во Кожани до крајот на 2028 година, покрај проектите за зелена енергија во тој регион. Центарот ќе биде дизајниран со можност за проширување до еден гигават до 2031 година.
ППЦ моментално преговара со т.н. „хиперскалери“ (големи даватели на клауд-услуги) за да најде компанија што би го изнајмила центарот за податоци. Една од клучните предности е тоа што снабдувањето со енергија ќе се врши преку регионалната енергетска мрежа на ППЦ, врз основа на долгорочен договор за купување електрична енергија, без притоа да се оптоварува грчката електроенергетска мрежа. Се очекува центарот за податоци да троши околу 0,6 отсто од количеството вода што го бараа операциите за ископ на лигнит, како што соопштија од ППЦ.
Побарувачката за центри за податоци во Европа продолжува забрзано да расте, поттикната од вештачката интелигенција. Сепак, растот сè повеќе е ограничен од достапноста на енергија и подготвеноста на електричната мрежа, според Европската асоцијација за центри за податоци. Бројот на центри за податоци низ светот пораснал од 500.000 во 2021 година на околу осум милиони денес, при што потрошувачката на електрична енергија речиси ќе се удвои во периодот од 2022 до 2026 година.
– Економските ефекти и придобивки што произлегуваат од изградбата на еден центар за податоци се огромни – изјави Александрос Сумелидис, поранешен раководител на еден од погоните во близина на Кожани, кој сега ги надгледува развојните проекти на ППЦ во регионот.
Локалното население е загрижено дали ќе има работни места што можат да го запрат иселувањето кон Атина или Солун или кон странство.
– Ја поздравуваме секоја инвестиција што доаѓа овде, таа значи работни места – изјави Јанис Фасидис, претседател на синдикатот на работниците во ППЦ.
Единствениот услов за кој не се преговара, според него, е тоа што секој проект мора да биде реализиран од вработените во ППЦ. Во моментов ППЦ има околу 1.250 вработени во регионот. За време на шпицот на градежните работи ќе бидат потребни околу 7.500 работници, според Сумелидис, кој наведува дека проектите ќе создадат најмалку 2.200 постојани работни места, од кои 1.500 луѓе ќе бидат потребни за работењето на центарот за податоци откако тој ќе достигне капацитет од еден гигават.
Транзицијата е исто така замислена за да го насочи фокусот на локалната економија кон стартапи и ИТ-компании. ППЦ соработува со Универзитетот на Западна Македонија во Кожани за креирање образовни програми што ќе им помогнат на студентите да станат специјалисти за потребите на новите проекти. Како што компанијата претходно создаде придружна економија околу ископувањето лигнит и производството на електрична енергија, така и следната економска фаза ќе се развива околу новиот центар за податоци, како што информира Теодорос Теодоулидис, ректорот на универзитетот.
– Она што му недостига на регионот е голема инвестиција што ќе го промени начинот на размислување. Затоа мораме да ја прифатиме оваа голема инвестиција – заклучи Теодоулидис, чиј татко бил рудар.
































