• Обединетото Кралство повторно се соочува со прашањето што долго време се сметаше за затворено. Имено, во јавноста сѐ поактуелно е прашањето дали британската држава може да остане единствен политички простор

Сѐ поочигледно станува дека прашањето дали британската држава може да остане единствен политички простор повеќе не е само шкотско прашање. Имено, Шкотска, Велс и Северна Ирска влегуваат во нова фаза на координација на своите политички барања кон Вестминстер, а лидерите на трите земји во септември 2026 година заеднички го отворија прашањето за идното уставно уредување на Унијата.

Брегзит беше чист суверенизам, апсолутен антипод на неолиберализмот

Парадоксот на брегзит е историски многу интересен. Но земјата што му даде политичка форма на модерниот суверенизам преку брегзит денес се соочува со суверенистички барања од сопствените составни нации. Брегзит не создаде сè од почеток. Тој само ослободи политичка енергија што веќе постоеше. Во неговото јадро беше идејата дека демократската власт треба да биде вратена „дома“, дека националниот парламент треба да биде над наднационалните институции и дека британскиот народ треба повторно да ја преземе контролата врз сопствената држава. Тоа беше еден вид „востание против логиката на наднационалното управување“. Но токму тука се појави и политичкиот бумеранг. Ако „народот“ има право на суверенитет, тогаш неизбежно се поставува прашањето: Кој народ? Дали британскиот или англискиот? Можеби шкотскиот? Велшкиот? Народот од Северна Ирска..?. Токму оваа конкуренција на суверенитети ја опишуваат и современите истражувања за односот меѓу брегзит и шкотското самоопределување. Оттука, сегашната криза на Обединетото Кралство не може едноставно да се објасни со „национализам“.
– Станува збор за судир меѓу две концепции на демократијата, односно демократија на единствена држава и, второ, демократија на политички заедници. И токму тука се гледа ограничувањето на неолибералниот модел.
Со децении европската политика се движеше кон поголема економска интеграција, слободно движење на капиталот, наднационални институции и слабеење на класичната граница меѓу внатрешната и надворешната политика. Но економската интеграција не произведува автоматски политичка лојалност. Напротив, кога луѓето ќе почувствуваат дека одлуките се носат далеку од нив, повторно се враќаат кон територијата, заедницата, јазикот и политичката одговорност – брифираат дипломати, наши постојани соработници и соговорници на теми од областа на меѓународната политика и односи.

Прерано да се прогласи „крах“ на неолиберализмот

Според нашите ценети соговорници, дипломати од кариера, сепак, прерано да се прогласи „крах“ на неолиберализмот, но веќе може да се зборува за негова сериозна политичка корекција и почеток на идеолошкиот залез.
– Идеолошкиот тренд во пораст, а тоа е суверенизмот, не е само десничарски феномен. Тој може да биде и левичарски, регионалистички, национален или дури европеистички. Шкотскиот суверенизам, на пример, во голема мера ја комбинира идејата за национална самостојност со европска ориентација.Тука лежи најголемиот парадокс! Па некои од противниците на Вестминстер не бараат помалку Европа, туку друга Европа!
Затоа денешниот британски проблем не е само дали Шкотска ќе се отцепи. Прашањето е дали Обединетото Кралство може да ја преобликува својата унија така што различните идентитети повторно ќе почувствуваат дека имаат политички дом. Ако не може, суверенизмот ќе продолжи да го јаде сопствениот извор – образложуваат нашите соговорници.
Тие додаваат дека „брегзит беше победа на идејата дека суверенитетот не смее да биде апстрактна категорија“.
– За волја на вистината, истиот принцип сега се враќа кон Вестминстер со ново прашање. Имено, ако суверенитетот е добар за Британија, зошто да не биде добар и за нејзините составни нации? Тоа е вистинскиот британски бумеранг – истакнуваат нашите ценети соговорници. Р.С.


Новинарска опсервација со компаративен приод за распадот на СССР и СФРЈ со актуелните состојби во Обединетото Кралство

2. Во кој момент сложената држава престанува да биде доволна?

Споредбата меѓу денешните процеси во Обединетото Кралство и распадот на СССР и СФРЈ е аналитички примамлива. Но таа мора да се прави внимателно. Британската држава е демократска и уставна монархија, додека Советскиот Сојуз и Југославија беа еднопартиски социјалистички федерации (сложени држави). Сепак, и покрај видните разлики на политичкото уредување и управување (различни системи), постои една важна заедничка точка, а тоа е прашањето што се случува кога различни политички заедници престануваат иднината да ја замислуваат во рамките на истата државна рамка.

СССР и СФРЈ не се распаднаа затоа што едноставно биле „федерации“

Научната литература предупредува токму против ваквото поедноставување на работите, како што е констатацијата во меѓунасловот. И двете држави, меѓутоа, создадоа републики што истовремено беа административни единици и национални политички простори. Во СССР тоа беа сојузните републики, а во СФРЈ републиките и покраините. Тие со текот на времето создадоа институции, политички елити, културни структури и чувство дека секоја единица поседува сопствена политичка легитимност.
– Институционалното признавање на различноста може да стабилизира една држава, но може и да создаде инфраструктура за нејзино идно раздружување. Кога центарот е силен, таа инфраструктура изгледа како механизам на единство. Кога центарот ослабува, истата инфраструктура може да стане механизам на суверенизација. Но распадот не би бил автоматски. Потребни би биле економска криза, политичка делегитимација, слабеење на централната власт и мобилизација на националните политички елити – велат нашите соговорници, универзитетски професори, анализирајќи го прашањето за распадот на сложените системи на државните ентитети.

Разлики и идентичности

Во СССР реформите на Горбачов ја ослабеа централната контрола и отворија простор националните движења да станат политички актери. Во Југославија економската криза, уставната сложеност и конфликтот меѓу републичките политички проекти се споија со националистичка мобилизација. Тука се наоѓа и најголемата разлика. СССР се распадна релативно мирно во споредба со Југославија. Југославија се распадна во војни.
Една од причините е различниот однос на централните национални политички сили кон државното наследство и границите. Во Русија демократските сили на Елцин го надвладеаја проектот за зачувување на советската империјална конструкција; во Србија режимот на Милошевиќ мобилизираше дел од српското население во други републики во име на државно-национален проект. Затоа најопасната заблуда е дека федерациите се распаѓаат само поради „старите национализми“. Тие се распаѓаат кога националното прашање се спојува со економска несигурност, институционална криза и борба за политичка власт.
– Суверенизмот станува силен кога централната политичка конструкција престанува да убедува дека обезбедува фер иднина. Тогаш идентитетот повторно станува политичка валута. Тоа не значи дека Обединетото Кралство оди по патот на СССР или СФРЈ. Да бидеме фер во анализата. Тоа не оди. Не е исто. Но предупредувачка аналогија постои. Ниту една државна конструкција не е вечна само затоа што некогаш била успешна. Државите преживуваат кога политичката заедница има чувство дека заедничката држава е и заедничка иднина. Кога тоа чувство исчезнува, уставите стануваат премногу тесни за политичките амбиции што се создаваат во нив. И тогаш започнува распадот – нагласуваат нашите соговорници. Р.С.


Македонија – држава што мора да ги чува корените

3. Како да се постави македонското прашање?

  • Во секоја сериозна политика кон нацијата постои едно едноставно прашање: Што прави државата со своите корени? Македонското прашање
    денес не треба да се поставува како територијално прашање. Тоа треба да се поставува како прашање на идентитет, култура, јазик, образование, духовна поврзаност и човекови права

Македонија не може да си дозволи своите длабоки корени, па макар биле и милениумски, да ги гледа како историски товар. Тие се дел од нејзиниот генерички капитал. Но македонското прашање денес не треба да се поставува како територијално прашање. Тоа треба да се поставува како прашање на идентитет, култура, јазик, образование, духовна поврзаност и човекови права. Тоа е еден современ, безболен, неанахрон пристап, што ќе создаде повеќе приврзаници отколку непријатели.
– Македонската држава има право, но и интерес, да го негува чувството на културна припадност кај Македонците што живеат надвор од нејзините граници. Тоа не значи мешање во внатрешните работи на соседните држави, а далеку од тоа да значи територијални претензии. Истото тоа не значи ниту создавање паралелни држави. Но значи нешто многу посуптилно, а тоа е да не се дозволи историското, јазичното и културното ткиво да се прекине! Токму тука Македонија во изминатите децении често дејствуваше како држава без долгорочна доктрина. Имаше периоди на силна грижа за дијаспората, па периоди на дистанца!? Македонија немаше секогаш институционален континуитет. А нацијата не се одржува со кампањи, туку се одржува со институции. Затоа е потребна политика што ќе го поврзува македонското ткиво без да го преполитизира секој негов сегмент – велат нашите соговорници.

Македонскиот јазик, книгата, весниците, историјата, културното наследство, фолклорот, архивите, образованието и духовната традиција можат да бидат
мостови

Дијаспората треба да биде партнер, а не само некакво гласачко тело. Македонците во соседството треба да знаат дека матичната држава не ги заборава. Но, истовремено, политиката мора да биде внимателна. Националното поврзување е најсилно кога се темели врз самосвест, патриотски чувства и припадност, грижа од матицата, доброволност, демократски принципи и, секако, почитување на законите на државите во кои луѓето живеат.
Тоа е многу посилна политика од декларативниот национализам, кој агресивно го практикува во државите од регионот една наша соседна држава. И токму затоа вреди да се размислува за обновување на една модернизирана верзија на старите политики на духовно и културно поврзување. Не како враќање во минатото, туку како враќање кон една заборавена стратегиска логика. Државата не завршува на границата кога станува збор за националниот супстрат.

Денешната македонска државна политика веќе оди во таа насока

Националната стратегија за соработка со дијаспората 2025–2030 експлицитно ги опфаќа дијаспората, иселениците и припадниците на македонското национално малцинство. Но стратегијата мора да стане повеќе од документ. Потребни се културни центри, дигитални архиви, поддршка за изучување на јазикот, весници, книги, наставни програми, културни фестивали и систематска соработка со организации на Македонците во соседството.
Потребна е и политика на паметење. Не за да се произведуваат нови конфликти, туку за да не се произведува ново заборавање. Зашто нацијата што ги заборава своите луѓе надвор од границите постепено го заборава и сопственото историско ткиво.
– Македонското стебло не треба да се шири преку туѓи територии. Треба да расте преку сопствените корени. А корените се јазикот, културата, сеќавањето, семејните врски, духовното наследство и чувството на припадност. Во време кога големите држави повторно се враќаат кон политиката на идентитетот, Македонија не смее да биде единствената што ќе верува дека идентитетот е нешто што може да се остави без грижа. Малите држави не преживуваат со тоа што забораваат кои се. Преживуваат така што знаат кои се и умеат тоа сознание да го претворат во култура, институции и европска политика. Затоа грижата за корените не е носталгија. Тоа е државна стратегија – поентираат за крај нашите ценети соговорници. Р.С.