Присуство на бугарски лекари во Мала Преспа во Албанија демаскира асимилаторски политики на Софија

  • Фондацијата „Бугарска памет“, предводена од д-р Милен Врабевски, четврта година по ред организира бесплатни медицински прегледи во
    областа Мала Преспа каде што живее македонско население. Акцијата е поддржана од Министерството за надворешни работи на Бугарија, кое покрива дел од трошоците, што ја нагласува официјалната вклученост на државата во вакви иницијативи. На прв поглед, акцијата изгледа чисто хуманитарна, но самите организатори признаваат дека таа има двоен карактер – медицински и културно-политички
  • Во пошироката рамка, овие активности не можат да се гледаат како изолирани хуманитарни гестови, туку се дел од континуитетот на бугарската политика кон Македонија, која под превезот на хуманитарна и културна соработка настојува да го пренасочи идентитетскиот дискурс. Наместо да се гради мост на доверба и рамноправност, се создава впечаток дека македонската културна и историска меморија е само дел од поширок „бугарски цивилизациски простор“. Аналитичарите предупредуваат дека оваа стратегија е систематска и долгорочна

Бугарската политика кон Македонија и Македонците во регионот под превезот на хуманитарна и културна соработка настојува да го промени идентитетскиот дискурс и да го оспори постоењето на македонскиот народ како самостоен субјект, а континуитетот на нејзините активности се забележува според активноста на лекари од Бугарија во областите во Албанија каде што живее македонската заедница.
Фондацијата „Бугарска памет“, предводена од д-р Милен Врабевски, четврта година по ред организира бесплатни медицински прегледи во областа Мала Преспа каде што живее македонско население. Акцијата е поддржана од Министерството за надворешни работи на Бугарија, кое покрива дел од трошоците, што ја нагласува официјалната вклученост на државата во вакви иницијативи. Во делегацијата учествуваа 18 специјалисти, меѓу кои кардиологот проф. Иво Петров и ревматологот проф. Златимир Коларов. За околу ден и половина биле прегледани околу 500 лица, од кои 280 подложени на кардиограм. На прв поглед, акцијата изгледа дека е чисто хуманитарна, но самите организатори признаваат дека таа има двоен карактер – медицински и културно-политички. „Ова е национална кауза“, нагласи Врабевски, додавајќи дека присуството на Бугарија преку нејзиното Министерство за надворешни работи е доказ за единство меѓу владините и невладините структури.
Аналитичарите предупредуваат дека ваквата реторика отвора прашања за пошироката агенда, бидејќи кога се зборува за „национална кауза“, тоа не е само медицинска грижа. Напротив, тоа е порака дека Бугарија има трајна улога во регионот и дека македонскиот идентитет е под постојан притисок. Секако дека медицинските прегледи се добредојдени за локалното население, но зад нив стои симболика на присвојување. Кога државата директно учествува, тоа е демонстрација на сила – културна дипломатија што се претвора во политичка стратегија.

Квазихуманитарна акција со политичка заднина

Во областа Мала Преспа беше организирана акција од тим врвни бугарски лекари, претставена како чин на солидарност и медицинска грижа за локалното население. Иако настанот на прв поглед носи позитивна порака, критичарите предупредуваат дека зад него се крие поширока политичка димензија.
– Ова не е само медицинска мисија. Кога државата станува главен спонзор, тоа значи дека културната дипломатија се претвора во официјална политика. Се испраќа порака дека Бугарија има трајна улога во регионот и дека македонскиот идентитет е под постојан притисок – вели наш соговорник од Албанија.
Анонимни извори предупредуваат дека ваквите активности не се невини медицински мисии, туку дел од парадипломатскиот арсенал на Софија – културни и хуманитарни акции што изгледаат позитивно, но суштински имаат цел да се легитимира тезата за постоење „бугарска заедница“ со посебен статус во Македонија.
– Суштината е во симболиката. Кога државата и невладиниот сектор настапуваат заедно, тоа е демонстрација на сила. Медицинската мисија претставува и институционален потпис на Бугарија врз територија каде што живеат Македонци. Тоа е чин на присвојување, а не на рамноправен дијалог. Наместо да се гради мост на доверба, се испраќа порака дека македонскиот простор е поле за бугарско влијание – вели друг соговорник.
Особено е впечатлив употребениот термин национална кауза од д-р Врабевски.
– Кога Врабевски зборува за национална кауза, тоа е код за идентитетска мобилизација. Зад ваквата реторика се крие стратегија што не е само хуманитарна туку и политичка. Таа настојува да создаде впечаток дека македонското население е органски поврзано со Бугарија, дека постои некаква генетска меморија што ги врзува луѓето со соседната држава. Тоа е реторика што ја заменува историјата со биологија, ја претвора културната припадност во биолошка предодреденост и ја поткопува самостојноста на македонскиот народ – објаснува аналитичар со кого зборувавме на оваа тема.
Во пошироката рамка, овие активности не можат да се гледаат како изолирани хуманитарни гестови, туку се дел од континуитетот на бугарската политика кон Македонија, која под превезот на хуманитарна и културна соработка настојува да го пренасочи идентитетскиот дискурс. Наместо да се гради мост на доверба и рамноправност, се создава впечаток дека македонската културна и историска меморија е само дел од поширок „бугарски цивилизациски простор“. Аналитичарите предупредуваат дека оваа стратегија е систематска и долгорочна.
– Секоја акција, секој симболичен чин е дел од мозаикот што треба да ја наметне тезата дека македонскиот народ е само варијанта на бугарскиот. Тоа е политика на идентитетско оспорување – под маската на културна дипломатија се води борба за историска интерпретација, за јазична класификација и за политичка доминација – вели наш соговорник.
Во суштина, ваквите активности ја продолжуваат линијата на негирање на македонскиот народ – од оспорување на јазикот и историјата, до инсистирање на посебен статус за „бугарска заедница“ во државата. Тоа е политика што не гради доверба, туку создава нови линии на поделба, со што Македонците се во состојба на постојана одбрана на сопствениот идентитет.

„Генетска меморија“ – реторика со политичка тежина

Аналитичарите предупредуваат дека ваквиот дискурс не е случаен.
– Кога се зборува за генетска меморија, тоа е обид да се создаде впечаток дека луѓето во Мала Преспа и пошироко носат во себе вродена врска со Бугарија. Со тоа се поткопува идејата дека македонскиот народ е самостоен субјект, бидејќи се претставува како генетски поврзан со бугарскиот – вели наш соговорник упатен во оваа тематика.
Со ваквиот дискурс се засилува националната самодоверба во Бугарија. Државата се претставува како носител на „генетски врски“ со заедници надвор од нејзините граници, што создава впечаток дека бугарската нација има историска и биолошка мисија да ги „заштити“ тие заедници. Анонимни извори нагласуваат дека оваа реторика е насочена кон јавноста во Бугарија.
– Кога се зборува за генетска врска, тоа е порака за единство и национална гордост. Таа служи за мобилизација на граѓаните околу идејата дека Бугарија има природно право да биде присутна во регионот – вели аналитичар со кого се консултиравме за мислење за оваа тема.
Истовремено, реториката создава симболичка рамка во која македонскиот идентитет се прикажува како „вештачки“ или „наметнат“, а бугарскиот како „природен“ и „наследен“.
– Ова е стратегија на делегитимација. Со тоа се испраќа порака дека македонската самостојност е историски неприродна, а бугарската е единствено автентична. Тоа е начин да се поткопа меѓународната позиција на Македонија и да се создаде сомнеж околу нејзиниот идентитет – заклучува друг аналитичар.


Остри реакции на македонските организации „Илинден“ – Тирана и МАЕИ

Пустец не е Бугарија, Македонците не се мамка

Настанот, претставен како хуманитарна акција, предизвика остри реакции кај македонските организации во Албанија, кои предупредуваат дека зад медицинската фасада се крие политичка агенда.
– И на Македонците низ цела Република Албанија им е јасно дека акцијата за бесплатни прегледи треба да биде дополнителна мамка за населението во областа Преспа за негово изјаснување како Бугари. Жално е што највисоките претставници на албанската држава и Општина Пустец дозволуваат да бидат уценувани од бугарските политички лица на штета на Македонците во Република Албанија. Цената на уцените од Софија ја плаќа македонското национално малцинство – нагласува македонското друштво „Илинден“ – Тирана во своето соопштение.
Организацијата ги повикува албанските и европските институции да реагираат на „суровото и бескрупулозно нафрлање на бугарските емисари врз Македонците во Република Албанија“, предупредувајќи дека нереагирањето на државните институции доведува до асимилација на македонското малцинство.
Исто така, Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) најостро ги осудува најновите активности на бугарските власти во Пустец.
– На 11 и 12 септември, Бугарија испрати медицинска екипа од Софија во Пустец со воен транспортен авион. Во операцијата беа вклучени бугарските министерства за надворешни работи, здравство и одбрана, а заедно со медицинските екипи пристигнаа и бугарски пратеници од различни политички партии. Токму нивните изјави ја откриваат вистинската политичка димензија – тие јавно порачаа дека кога станува збор за Бугарите во Албанија, бугарските политички партии се обединети – се вели во нивното соопштение.
МАЕИ додава: „Ова повеќе не личи на обична медицинска хуманитарна активност. Пустец личи на воена зона, со засилено полициско присуство, бугарски емисари што демонстративно се движат низ општината и се однесуваат како освојувачи. Но Пустец не е Бугарија. Пустец е во Република Албанија, а неговите жители се Македонци. Ниту една медицинска услуга не може да биде оправдување за негирање на идентитетот на македонската заедница. Здравјето на луѓето не смее да биде инструмент за асимилација и политичка пропаганда“. Д.Ст.


Истата идентитетска стратегија се наметнува и преку културна дипломатија во Скопје

Неодамнешна средба меѓу претставници на Бугарскиот културно-информативен центар и студенти од Дипломатскиот клуб при Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, одржана во Скопје, беше промовирана како дел од програмата за запознавање на младите со практичната страна на дипломатската работа, со цел да се доближи дипломатската професија до идната генерација. Но зад формалната рамка на културна размена се отворија прашања за пошироките импликации врз македонско-бугарските односи и за континуитетот на политиката на Софија кон Македонија.
На средбата било нагласено дека „Бугарите во Македонија се соочуваат со тешкотии“, а културата беше претставена како мост за создавање доверба и партнерства. Оваа реторика, иако на прв поглед носи позитивна порака за дијалог и соработка, во себе содржи подлабоки политички значења.
– Ова не е само културна средба, туку дел од стратегија за идентитетско влијание. Кога се зборува за „тешкотиите на Бугарите во Македонија“, тоа е дипломатски код за оправдување на политичките условувања кон Скопје. Се гради слика дека македонската држава е проблематична, а решението е во прифаќање на бугарскиот наратив – вели наш соговорник, додавајќи дека преку вакви активности се нормализира наративот за „заедничка историја“ и се создава впечаток дека македонскиот културен простор е дел од бугарскиот цивилизациски круг.
Аналитичарите сметаат дека ваквите средби не се обични културни настани, туку дел од поширокиот парадипломатски арсенал на Софија – активности што на површина изгледаат како културна размена, но во суштина имаат јасна политичка цел: да се легитимира тезата за постоење „бугарска заедница“ со посебен статус во Македонија. Оваа стратегија, велат тие, е внимателно осмислена за да создаде впечаток дека македонското општество е недоволно инклузивно и дека единствено преку признавање на бугарскиот наратив може да се постигне европска интеграција.
– Културниот центар во Скопје не е само простор за културни активности, тој се позиционира како бугарска институција на македонска територија, со што се испраќа порака дека бугарското присуство е трајно и легитимно. Тоа е чин на присвојување – објаснува наш соговорник.
Други соговорници додаваат дека ваквите активности се дел од стратегијата на меко влијание на Бугарија, за градење паралелна инфраструктура на идентитетска припадност преку култура, образование и младински програми. Аналитичарите предупредуваат дека оваа стратегија е долгорочна и систематска: преку културни центри, студентски размени и јавни настани се гради паралелна инфраструктура на влијание, која постепено ја поткопува самостојноста на македонскиот идентитет.
– Кога младите луѓе од Софија доаѓаат во Скопје и се претставуваат како „дипломати во учење“, тоа не е само симбол на иднината туку и порака дека бугарската перспектива е таа што треба да доминира во регионалниот дискурс. Се работи за тивка, но упорна политика. Секоја средба, секој симболичен чин е дел од мозаикот што треба да ја наметне тезата дека македонскиот народ е само варијанта на бугарскиот – вели еден аналитичар.
Во суштина, ваквите активности ја продолжуваат линијата на негирање на македонскиот народ – од оспорување на јазикот и историјата, до инсистирање на посебен статус за бугарската заедница во државава, со што се продлабочуваат поделбите помеѓу Македонија и Бугарија.