Национализмот и шовинизмот не може да бидат патриотизам

  • Балканските политичари мора да разберат дека иднината не се гради со митови, маршови и празни реторики, туку со работа, визија и одговорност. Историјата може да биде потсетник, но не може да биде замена за планови за иднината. Ако не се признаат грешките и не се исправат, насочувајќи ги силите кон вистински реформи, општества ќе останат заробени во кругот на минатото и неуспехот, граѓаните ќе продолжат да живеат во сиромаштија, а младите ќе ја гледаат Европа како единствена врата кон достоинствен живот. Балканот не заслужува да биде вечна сцена на националшовинистички спектакли, каде што со знамињата и паролите се покриваат визијата и стратегијата. Балканот заслужува да биде простор на развој, соработка и надеж – простор каде што економијата ќе расте, каде што правната држава ќе биде темел на довербата и каде што образованието и иновацијата ќе станат двигатели на иднината

Политичките елити од Југоисточна Европа, како што Брисел милува да го именува Балканот, повторно некако посегаат по национализмот. Како да се вртат кон својата вечна сенка и се обидуваат да ја следат, наместо да се завртат кон светлината, кон иднината и натаму да чекорат, впрочем кон посветла иднина… Наместо визија за развој, некои од балканските политички елити повторно нудат митови и симболи, продавајќи им ветер и магла на сопствените граѓани, како иднината да може да се гради врз празни зборови и ритуали. Деновиве сме сведоци на барања за прогласување на македонскиот јазик за „бугарски дијалект“, што е обид за бришење на културната меморија и идентитет… Сведоци сме и на масовни собири како оној во Косово во саботата, изминатиов викенд, каде што на настан именуван како „Марш за слобода“ во Приштина доминираа шовинистички скандирања, пароли, знамиња и симболи на УЧК, пораки во одбрана на нејзините поранешни лидери, сето тоа проследено со директни заканувачки пораки до Хаг. Сите овие настани не се ништо друго освен обид да се манипулира со граѓаните, да се прикрие суштинската празнина на политиката и да се создаде илузија дека национализмот може да биде замена за патриотизам и замена економски и општествен напредок…
Оваа магла на митови и симболи е само маска што не може да ја скрие суровата реалност во која одредени партиско-политички елити пливаат како риба во вода. Па, тие ја генерираа корупцијата што ги разјадуваше и сѐ уште постои во системот и институциите, тие уживаа како бубрег во лој во нефункционирање на правниот систем што ја сруши довербата во државата, тие ја креираа економската стагнација што ги држи граѓаните во сиромаштија, а нив ги става(ше) во привилегирана позиција и, следствено на тоа, настана масовен одлив на млади, кои заминуваат во потрага по достоинствен живот. Балканот денес е како театар во кој некои од политичките елити режираат спектакли на националистички митови, додека зад сцената се одвиваше трагедијата на секојдневниот живот. Ако не се прекине оваа илузија, регионот ќе остане заробен во сопствената историја, неспособен да ја гради иднината.
Зад оваа националистичка реторика стои сурова и непобитна реалност. Оваа реалност е огледало во кое одредени политички елити не сакаат да погледнат. А токму тоа огледало ја покажува вистината. Тие се без визија, без програмски реформи и без искрена посветеност на економски развој, не сакаат правна држава и борба против корупцијата… Со нив, Балканот ќе остане заробен во сопствената стагнација, а неговите граѓани ќе продолжат да живеат во сенка на празни ветувања.

Овие манифестации на национализам не се доказ за сила, туку огледало на слабостите на политичките елити. Кога една власт нема визија, нема програма за развој, нема економска стратегија и нема институционална стабилност, таа се крие зад знамиња и митови. Национализмот станува параван што треба ја покрива празнината, симболична маска што треба да ја скрие неспособноста да се понуди подобар живот.
Во суштина, секој марш, секоја реторика за „одбрана на нацијата“ и секој обид за ревизија на јазикот или историјата е признание дека политичарите немаат што друго да понудат. Тоа е како огледало во кое се гледа нивната немоќ – немоќ да создадат работни места, да изградат функционален правен систем, да привлечат инвестиции и да ја задржат младоста дома. Национализмот, во овој контекст, е само сенка што се протега врз општеството, сенка што ја открива вистинската слабост: неспособноста да се гради иднина.
Балканските политичари мора да разберат дека иднината не се гради со митови, маршови и празни реторики, туку со работа, визија и одговорност. Историјата може да биде потсетник, но не може да биде замена за планови за иднината. Ако не ги признаат своите грешки и не се насочат кон вистински реформи, нивните општества ќе останат заробени во кругот на неуспехот, граѓаните ќе продолжат да живеат во сиромаштија, а младите ќе ја гледаат Европа како единствена врата кон достоинствен живот. Балканот не заслужува да биде вечна сцена на националистички спектакли, каде што знамињата и паролите ја заменуваат визијата.

Балканот заслужува да биде простор на развој, соработка и надеж – простор каде што економијата ќе расте, каде што правната држава ќе биде темел на довербата, а каде што образованието и иновацијата ќе станат двигатели на иднината.
Само преку искрена посветеност на реформи, преку борба против корупцијата и преку создавање институции што ќе им служат на граѓаните, Балканот може да ја смени својата судбина. Наместо да биде познат по поделби и конфликти, тој може да стане симбол на нов почеток – регион што ја надминал сопствената историја и ја претворил во сила за иднината. Балканот заслужува да биде мост, а не ѕид; поле на надеж, а не театар на митови. Тоа е единствениот пат кон иднината што ќе ја задржи младоста дома и ќе ја претвори маглата на национализмот во светлина на развој и соработка.