Осумнаесет ликовни уметници од девет држави и од три континенти твореа во рамки на првата Меѓународна ликовна колонија „Лихнидос-Охрид“ која од први до осми септември се одржа во Охрид.
Добредојде на уметниците им посака градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, под чие покровителство се одржува колонијата.
– Ке започнеме се надевам една долга традиција и не само традиција, туку и наследство на Охрид и Општината Охрид со оригинални дела кои што ќе бидат инспирирани од природното и културното наследство кое што Охрид и тоа како го поседува-рече Пецаков.
За кураторскиот дел и селекцијата на учесниците на колононијата беше задолжена м-р Славица Танеска.
– Името на оваа колонија е „Лихнид – Охрид“ – спојување на минатото со сегашноста. Меѓутоа сметам дека нам на новите генерации ни` припаѓа одговорноста да продолжиме да го чекориме патот што во минатото го чекореле нашите предци. Да не останеме подолу, туку да отидеме понапред во тоа што го правиме. Како охриѓанка за мене претставува голема одговорност и чест да бидам куратор. Им се заблагодарувам на сите големи уметнички кои се одзваа на мојата покана и зедоа учество на колонијата-истакна Танеска.
Колонијата се затвори со изложба на делата изработени за време на одржување на истата, која се одржа во Лапидариумот на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, а ја отвори заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска.
Од Општина Охрид најавуваат дека колонијата треба да добие и свое трајно место. Градоначалникот информираше дека при крај е идејниот проект за младински културен центар во рамки на поранешната касарна каде покрај просторот за концерти и разни културни настани, предвидено е и уметничко катче за творење. Според најавите токму овој простор би можел да стане централно место за одржување на ликовната колонија во иднина.
Ф.Д.



































