Фото: МВР /илустрација

Помошник-директор на Секторот за административно-технички работи во Царинската управа е лишен од слобода во акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР.

Акцијата е спроведена по пријава од граѓанин, а според Обвинителството, врз основа на досега прибраните докази постои основано сомнение дека службеното лице сторило кривични дела „Примање поткуп“ и „Примање награда за противзаконито влијание“.

Од ОЈО ГОКК информираат дека во периодот од април/мај до септември 2026 година, осомничениот, користејќи ја службената положба, во повеќе наврати побарал и примил вкупно 17.500 евра.

Од нив, 7.500 евра, според Обвинителството, биле побарани и примени во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа. Целта била договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од раскинување.

Дополнително, во врска со друга јавна набавка која била предмет на жалбена постапка, осомничениот побарал уште 10.000 евра, при што се повикал на свое претпоставено влијание врз натамошниот тек на постапката.

Според прибраните докази, за возврат тој требало да влијае врз постапувањето во жалбената постапка, како и во однос на условите и техничката спецификација.

По проценка дека се исполнети законските услови, надлежниот јавен обвинител доставил предлог до судија на претходна постапка за определување мерка притвор за осомничениот.

Од ОЈО ГОКК посочуваат дека ова е втор случај во период од неполна седмица во кој, постапувајќи по пријава од граѓанин, презеле дејствија што резултирале со успешна реализација на случај.

Од Обвинителството ја нагласуваат важноста на соработката со граѓаните во откривањето и гонењето на коруптивните кривични дела и ги повикуваат сите лица кои имаат сознанија за можни коруптивни дејствија да ги пријават до надлежните институции.