Фото: Пиксабеј

Научниците истражуваат интересна теорија

Научници од Универзитетот во Делавер истражуваат дали ајкулите можат да служат како подвижни набљудувачи на океанот што пренесуваат податоци речиси во реално време. Тие поставуваат на нив т.н. ЦТД-ознаки – мали електронски уреди што ги мерат електричната спроводливост на морската вода, температурата и длабочината.
– Сензорите прикачени на животни со години успешно се користат во океанографијата, особено кај слон-фоките во поларните региони, каде што има малку научни набљудувања – изјави Арон Карлајл, професор на Универзитетот во Делавер.
Ајкулите нудат нова можност бидејќи се многубројни, широко распространети и подостапни од многу заштитени морски цицачи. Досега нивното означување главно се користеше за следење на движењата и живеалиштата. Научниците избираат видови што можат да собираат корисни податоци за истражување на ураганите и кои доволно често излегуваат на површината за уредите за следење да можат да испраќаат податоци до сателитите. Меѓу кандидатите се мако-ајкулата со кратки перки, сината ајкула, ајкулата чекан и младите единки од видот голема бела ајкула.
– Најмногу нè интересира количеството на топлина во горниот слој на океанот, познат како мешан слој. Потопол мешан слој значи посилен ураган, бидејќи тој ја содржи топлината што ги потхранува ураганите – изјави Карлајл.
Обележувањето се спроведуваат во почетокот на мај, кога миграциските видови се приближуваат кон брегот по презимувањето во отворените води на Атлантикот. Научниците излегуваат со брод на оддалеченост од 50 до 65 километри од брегот, ја поставуваат мамката и обично чекаат два-три часа ајкулата да ја гризне.
– Ознаките се прикачуваат на грбната перка. Секогаш кога ајкулата плива блиску до површината, ознаката може да испраќа податоци до мрежа од сателитски приемници – изјави Карлајл.
Самиот процес на обележување обично трае помалку од пет минути. Означувањето се врши под надзор на институција за заштита на животните со цел да се минимизира влијанието врз ајкулите. Ознаките се прикачени со материјали што кородираат и паѓаат со текот на времето. Пред да биде ослободена, секоја ајкула се подложува на здравствена проверка бидејќи стресот или повредата може да влијаат на нејзиното однесување и со тоа да ги нарушат податоците. Доколку проектот е успешен, податоците би можеле да ги подобрат прогнозите за силата на ураганите што се приближуваат кон источниот брег на САД. Тоа би можело да им овозможи на властите од Северна Каролина до Масачусетс подобро да се подготват за сè помоќните бури.