ДСМ е проект што ги поврзува сликарството и психологијата преку серијата слики и публикацијата „Симптоми“. Од 11 до 14 септември ќе се одржи промоција на публикацијата и изложбата на Иван Ивановски. Изложбата опфаќа 32 дела – двострани принтови: портрети од едната и текст-шифра, дијагноза, опис и манифестација од другата страна. Инспириран од дијагностичките прирачници, проектот ја презема нивната структура, но ја користи во поинаков контекст – наместо за клиничка категоризација, како субјективен визуелен регистар. ДСМ го разгледува односот помеѓу системот и индивидуата и ја отвора темата за тоа дали симптомот е отстапување од нормата или составен дел од современото човечко искуство.
Иван Ивановски е уметник што работи во областа на скулптурата, цртежот, сликарството, инсталацијата, анимацијата и филмот. Дипломира вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, ги завршува Академската програма за филмска режија на ФАМУ во Прага и постдипломските културолошки студии на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Досега има реализирано 29 самостојни изложби и учествувано на голем број групни изложби и меѓународни проекти во Македонија и во странство. Автор е на повеќе уметнички книги и публикации, анимирани филмови и дела во јавен простор. Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Центар.































