Кои се показателите дека Германија и Европа влегуваат во нова политичка епоха
- Европа можеби влегува во најголемата политичка трансформација по создавањето на ЕУ. Не станува збор само за подемот на АфД во Германија или, пак, за можноста Марин Ле Пен да влезе во Елисејската палата во Франција. Има низа показатели дека промените во Европа ќе бидат многу подлабоки. Во најголемите европски држави се отвора конфликт околу самата архитектура на ЕУ, односно власта. Каде завршува наднационалната власт, а каде почнува демократскиот суверенитет на националните држави
- Ако трендот од Саксонија-Анхалт продолжи, ако АфД го задржи или го зголеми своето влијание до сојузните избори во 2029 година, а Франција во 2027 година добие претседателка од редовите на Националниот собир, тогаш Европа би можела да се разликува од денешната ЕУ повеќе отколку што денес можеме да замислиме. Не затоа што ЕУ нужно ќе исчезне. Туку затоа што би можела да престане да биде истата политичка конструкција
- Македонија не треба да се брза. Новата политичка поделба на Европа не е левица против десница, туку глобализам против суверенитет, технократија против политичка одговорност… со противење кон неолибералниот начин за глобализација, кон глобалистичката хегемонија и транснационалната доминација…
Новиот тренд во подем е реакција на неоколонијализмот, на економскиот империјализам и експанзија. И, се разбира, реакција на либералната доктрина, која ја деконструира нацијата, прави деконструкција на регулаторната држава и оди во насока на дерегулирање на пазарот, во маркетизација и комерцијализација, каде што големите корпорации доминираат, а се здружуваат во наднационални центри на управување… Тоа е новата европска политичка еволуција. Сепак,
иако овие процеси нѐ тангираат, тежиштето треба да биде онаму каде што треба да се забрза, а тоа се – внатрешните реформи
Изборниот резултатот во Саксонија-Анхалт не е само уште една покраинска изборна статистика во Германија. АфД освои околу 44 проценти – повеќе од двојно повеќе од својот резултат од 2021 година, додека ЦДУ доживеа драматичен пад. Тоа е политички сигнал со национална тежина. Особено затоа што АфД веќе не може да биде објаснета само како протестна партија на маргините. Таа станува сила што може да освои речиси половина од електоратот во една германска покраина. И токму тука се појавува најголемиот проблем за германскиот политички центар. Досегашната стратегија беше речиси едноставна, и тоа АфД може да биде силна, но не смее да биде дел од власта. Тоа е таканаречениот политички ѕид или т.н. firewall. Но колку повеќе расте АфД, толку поскапо станува одржувањето на тој ѕид. Зашто демократскиот парадокс станува сè поочигледен. Сега, една партија добива сè повеќе гласови, а системот истовремено стануваше сè поодлучен никогаш да не ѝ дозволи политички да ги употреби тие гласови? Тоа прашање нема бесконечно одложување. И се случи пробивот на АфД во Саксонија-Анхалт.
Избори на 20 септември и во Берлин: Политички тест за Германија
На 20 септември, Берлин ќе гласа за новиот состав на Пратеничкиот дом (Abgeordnetenhaus) за Берлин, а истиот ден гласа и Мекленбург-Западна Померанија. Берлин е особено важен затоа што е спротивност на Саксонија-Анхалт. Таму АфД не се соочува со истиот социјален и демографски амбиент. Берлин е космополитски, млад, мултикултурен и силно поврзан со европските институции. Но токму затоа изборниот резултат таму ќе биде политички тест. Ако партијата АфД продолжи да расте и во Берлин, тоа ќе значи дека нејзиниот феномен повеќе не може да се објаснува само со источногерманското незадоволство. Ако, пак, резултатот биде послаб, тоа нема да го поништи трендот. Ќе покаже дека Германија се дели на различни политички простори, а тоа можеби е уште поважна промена. Зашто германската политичка карта постепено престанува да биде карта на една доминантна политичка култура. Се појавуваат повеќе Германии. А се дели и Европа.
Во 2029 година ќе биде вистинскиот испит
Сѐ уште е прерано да се каже дека АфД ќе победи на сојузните избори во 2029 година. Но веќе не е сериозно да се тврди дека тоа е невозможно. Во актуелното мерење на „АРД – Дојчланд тренд“ (ARD-DeutschlandTREND), АфД има 27 проценти и е пред ЦДУ/ЦСУ со 21 процент, додека незадоволството од работата на владата е исклучително високо. Тоа не е прогноза за 2029 година. Но е предупредување за 2029 година. Ако АфД остане над 25 проценти со години, ако продолжи да освојува покраински избори и ако традиционалните партии не успеат да ги решат прашањата што го движат нејзиниот раст (прашањата за миграцијата, безбедноста, економската стагнација, цената на енергијата, индустриската политика, довербата во институциите итн.), тогаш германскиот политички центар ќе се најде пред дилема што денес сè уште се обидува да ја избегне. Не дали да ја сака АфД, туку дали може да продолжи да ја игнорира.
На ред доаѓа и Франција
Марин Ле Пен веќе објави дека ќе се кандидира на претседателските избори во 2027 година, откако Апелациониот суд ѝ овозможи да се кандидира и покрај пресудата поврзана со случајот за проневера. Ако таа победи, европската политичка рамнотежа би била фундаментално променета. Зошто? Затоа што Франција не е само уште една членка на ЕУ. Франција е една од двете клучни политички оски на Унијата. Ако во Германија во подем е политичка сила што бара враќање на националната контрола врз миграцијата, енергијата, индустриската политика и односот кон Брисел, а во Париз дојде власт со слична визија за националниот суверенитет, тогаш политичкиот центар на Европа повеќе нема да биде ист. Ќе се појави нешто што досега беше речиси незамисливо: германско-француски притисок за преработување на европскиот договор! Не нужно за распуштање на ЕУ, туку за нејзино реструктурирање по идеолошка матрица, различна од досегашната.
ОД „СÈ ПОТЕСНА УНИЈА“ (EVER CLOSER UNION) КОН „ЕВРОПА НА НАЦИИТЕ“ (EUROPE OF NATIONS)
Во горниот меѓунаслов се наоѓа суштината на суверенистичката теза. Европската интеграција долго време се движеше во една насока. Имено, повеќе заеднички правила, повеќе заеднички политики, повеќе наднационални институции. Но политичкиот отпор расте токму таму каде што граѓаните чувствуваат дека трансферот на надлежности оди побрзо од демократската легитимација. Суверенистичката Европа би тргнала во спротивен правец. Не нужно помалку Европа, туку поинаква Европа. Европа во која националните парламенти повторно имаат поголема тежина. Европа во која Брисел поставува правила таму каде што заедничкото дејствување е навистина неопходно, но не се обидува да го регулира секој сегмент од националниот живот. Европа во која миграцијата повторно станува прашање на границите и националната безбедност. Европа во која енергетската и индустриската политика се гледаат низ призмата на европската конкурентност, а не само низ климатските цели. Европа што повторно зборува за стратешка автономија, но преку националните држави, а не само преку европската бирократија. Тоа би била суштински различна Унија.
Грешка би било трендот да се објаснува само како „победа на десницата“
Најголемата грешка би била оваа промена да се објасни само како „победа на десницата“. Тоа е премногу едноставно. Вистинскиот процес е криза на стариот политички центар. Еден дел од европското незадоволство повеќе не може да се смести во традиционалната поделба лево-десно. Работник што се плаши за својата индустрија може да биде економски левичар, но истовремено да биде строг противник на масовната миграција. Гласачот што сака силна социјална држава може да биде против глобализацијата. Човекот што бара поголема национална демократија може да биде и за силна европска соработка. Новиот тренд во подем е реакција на неоколонијализмот, на економскиот империјализам и експанзија. И, се разбира, реакција на либералната доктрина што ја деконструира нацијата, прави деконструкција на регулаторната држава, и оди во насока на дерегулирање на пазарот, во маркетизација и комерцијализација, каде што големите корпорации доминираат, а се здружуваат во наднационални центри на управување… Тоа е новата европска политичка еволуција, односно новата европска политичка географија. Р.С.
Што би се случило со Брисел во блиска иднина
Доколку Ле Пен победи во Франција, а АфД до 2029 година стане најсилна или една од двете најсилни германски политички сили, Брисел ќе се најде пред избор. Првиот пат е конфронтација. Институциите можат да се обидат да го бранат постојниот модел, да ги ограничуваат националните влади и да го засилат политичкиот карантин околу суверенистичките партии. Но тоа може да произведе спротивен ефект.
Вториот пат е адаптација. Европската Унија би можела да започне голема институционална реконструкција и тоа во насока на повеќе национални овластувања, помалку микроменаџмент, построга контрола на надворешните граници, поинаква миграциска политика и пофлексибилен пристап кон зелената транзиција. Тоа би било многу поголема промена од обична промена на влади. Тоа би било промена на европската политичка филозофија.
ЕВРОПА МОЖЕ ДА СЕ СПАСУВА СО ПОМАЛКУ ЦЕНТРАЛИЗАМ
Тука лежи можеби најважната суверенистичка теза: Европската идеја можеби нема да биде спасена со повеќе Европа, туку со поинаква Европа. Ако граѓаните чувствуваат дека европската интеграција им ја одзема политичката контрола, тогаш секој нов чекор кон централизација може да го засилува антибриселското расположение.
Ако, напротив, ЕУ покаже дека може да врати дел од одлучувањето назад кон државите без да ги напушти заедничкиот пазар, слободното движење и заедничката безбедност, тогаш суверенизмот може да стане коректив, а не разорна сила. Тоа е клучната разлика. Суверенизмот не мора да значи распад на Европа. Може да значи Европа на суверени демократии што соработуваат таму каде што имаат заеднички интерес.
ПРЕД ЕВРОПА Е НОВОТО ПРАШАЊЕ: КАКВА ЕУ САКАМЕ?
Досега главното европско прашање беше: Колку ја сакаме Европа? Во новата политичка епоха прашањето ќе биде поинакво: Каква Европа сакаме?… Имено, Европа на една централна политичка визија? Или Европа на различни демократски нации? Европа во која Брисел постепено презема нови надлежности? Или Европа во која Брисел ги координира само оние работи што националните држави навистина не можат сами? Европа што ќе се обидува да ги преобликува државите, нациите, народите или граѓаните?
Саксонија-Анхалт можеби е само почеток. Берлин ќе биде следниот тест. Франција во 2027 година може да биде пресвртницата. А 2029 година можеби ќе биде годината во која Европа конечно ќе мора да одговори на прашањето што со години го одложува: Дали Европската Унија постои за да управува со европските народи и да ги моделира како што сака некој бриселски центар на моќ или, пак, за да им служи на нациите, на државите членки и на своите граѓани?
Ако одговорот почне да се менува, тогаш нема да се смени само политичката карта на Германија. Ќе се промени самата идеја за Европа. И можеби токму тоа е процесот што веќе започна. Р.С.

































