Ретко (прво) интервју со архиепископот Доситеј, направено неколку дена по прогласувањето на самостојноста на МПЦ во1967 година. Во пресрет на 2027 година, кога се навршуваат 260 години од укинувањето на Охридската архиепископија и 60 години од прогласувањето на самостојноста на Македонската православна црква, овој текст добива дополнителна историска и симболична тежина.
Во јули 1967 година, во Охрид, се случи настан што засекогаш го обележа текот на македонската црковна историја. На Црковно-народниот собор, одржан од 17 до 19 јули, беше прогласена самостојноста на Македонската православна црква – одлука што за многумина значеше духовно заокружување на националната еманципација, речиси два века по укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година.
Само неколку дена по оваа историска одлука, додека таа сè уште беше свежа, отворена и предмет на внимателно следење во земјата и пошироко, за српски дневен весник е направено интервјуто со архиепископот Доситеј – првиот поглавар на обновената Македонска православна црква. Денес, токму таа временска блискост му ја дава најголемата вредност на овој текст. Ова не е последователно толкување, туку сведоштво од самото време на настанот, од мигот кога никој не можел со сигурност да каже како ќе се развиваат понатамошните односи.
Во разговорот, архиепископот Доситеј зборува смирено и одмерено, без нагласена реторика или победнички тон. Тој истакнува дека прогласувањето на самостојноста не е ниту избрзана одлука ниту чин насочен против која било друга црква. Напротив, станува збор за резултат на долг и сложен процес, обележан со години разговори, обиди за договор и неуспешни или половични решенија, особено во односите со Српската православна црква.
Од неговите зборови јасно се чувствува логиката што ја водела тогашната црковна управа: народ што веќе се има оформено како државно-политички субјект не може трајно да остане без сопствен духовен дом. Македонската православна црква, според Доситеј, не се создава за да му се спротивстави некому, туку за да одговори на духовните потреби на македонскиот народ и да го воспостави природниот историски континуитет со Охридската архиепископија како темел на македонската црковна традиција.
Особено е впечатлива отвореноста со која архиепископот зборува и за ризиците. Во текстот нема еуфорија, туку свест за тежината на одлуката и за неизвесноста што ја носи таа. Се чувствува разбирливата грижа околу односите со другите православни цркви и можните последици, но и длабокото уверување дека направениот чекор е неизбежен и историски оправдан. Времето, а не моменталните реакции, според него, ќе ја покаже исправноста на одлуката. Речиси децении подоцна, овој новинарски запис се чита со поинакви очи. Тој повеќе не е само интервју туку вреден документ од прва рака. Преку него може да се почувствува атмосферата на едно чувствително време, јазикот со кој се објаснувале крупните одлуки и визијата за иднината на Македонската православна црква – и во татковината и меѓу иселениците.

Дополнителна, речиси интимна вредност на овој текст му дава и фактот што со децении е чуван и зачуван како личен хроничарски ексклузивитет. Не како случаен исечок од весник, туку како свесно зачуван сведок на еден пресвртен историски миг. Неговото повторно појавување во јавноста отвора и пошироко прашање: како ги чуваме и како ги вреднуваме документите што ја раскажуваат нашата понова историја.
Оттука произлегува и намерата овој редок новинарско-црковен егземплар, преку симболичен и свечен чин, еден ден да ѝ биде доверен на градската библиотека што го носи името на македонскиот книжевен бард Петре М. Андреевски или на Одделението на Државниот архив во Битола (доколку не постои интерес кај библиотеката). Со тоа, таа културно-библиотечна институција би добила дополнителна историска димензија – не само како дом на книгата туку и како чувар на живата документарна меморија на македонската духовна и државна самосвест. Таквиот документ би ѝ дал посебна „тежина“ и препознатливост, не само по името што го носи туку и по поседувањето на редок, можеби и единствен, новинарско-црковен примерок од едно клучно време.
Но засега, ова сведоштво останува објавено како потсетник дека историјата не секогаш доаѓа со голема временска дистанца и архивски печат. Понекогаш таа ни се обраќа тивко – преку пожолтени печатени колумни, на туѓ јазик и со перо на новинарски авторитети од друга националност, напишани во мигот кога нивните автори и соговорници не знаеле дека токму тие зборови ќе станат дел од историјата.
Автор: Благоја Шундовски
































