Фото: ЕПА

Германскиот канцелар и лидер на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, изјави дека партијата е „потресена до срж“ по убедливата победа на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) на покраинските избори во Саксонија-Анхалт.

Мерц изјавата ја дал на затворена седница на претседателството на ЦДУ, објави германскиот весник „Билд“ (Bild).

– Овој исход ја потресе ЦДУ до срж и не можеме само да продолжиме како ништо да не се случило. Тоа важи и за сојузната влада – рекол Мерц.

Тој повторно исклучил каква било соработка со АфД.

– Тоа е партија што сака да ја уништи ЦДУ и затоа секаков облик на соработка со неа е невозможен – нагласил германскиот канцелар.

Мерц оценил дека Германија има силен устав и инструменти за одбрана на уставниот поредок од крајнодесничарска покраинска влада, но дека изборната победа на АфД претставува „тектонски потрес за германскиот партиски систем“.

Според него, ЦДУ не успеала да воспостави емотивен контакт со гласачите, додека АфД успешно мобилизирала голем број граѓани што претходно не гласале.

АфД освои 43,8 проценти од гласовите, што е нејзин најдобар резултат на покраински избори и прва победа на крајнодесничарска партија во една германска покраина по Втората светска војна.

Партијата освои 39 од вкупно 83 пратенички места, три помалку од потребното апсолутно мнозинство. ЦДУ го забележа својот најлош резултат во Саксонија-Анхалт во последните децении, освојувајќи 17,2 проценти од гласовите.