Фото: Собрание

Државноста не се постигнува само со политички акт, референдум или прогласување независност, туку се гради секој ден со функционални институции, закони, одговорност и доверба, порача претседателот на Собранието Африм Гаши на приемот по повод 8 Септември – Денот на независноста.

– Вистина е дека 35 години за животот на една држава не се многу, но тие се доволни за да разбереме дека државноста не се постигнува само со еден политички акт, со референдум или со прогласување независност. Државата се гради секој ден – со институции, закони, одговорност, економија, образование и правда, но пред сè со луѓе што веруваат дека нивната лична иднина е поврзана со заедничката иднина на државата – истакна Гаши.

Тој рече дека 35-годишнината е можност да се направи осврт на патот што го поминала државата, но и да се размисли каква земја ќе им биде оставена на идните генерации.

– Кога му се навраќаме на 8 Септември 1991 година, секогаш го имаме предвид фактот дека независноста дојде во исклучително тешко и деликатно време. Тоа беше период на распаѓање на Југославија, политички и економски неизвесности и големи промени во Европа. Пред оние што ја создаваа независна Македонија стоеше предизвикот дали независноста може да се оствари и дали тоа може да се постигне без војна – рече Гаши.

Без оглед на политичката припадност и на различните оценки за одлуките од тоа време, според него, мора да се признае дека Македонија станала независна и суверена држава на мирен начин, за разлика од другите републики што се одвоиле од поранешна Југославија.

Гаши оцени дека референдумот од 1991 година претставува мирен роденден на државата, сонувана од многу генерации, и круна на повеќедецениските заложби за независност.

– Додека славиме, не треба да заборавиме дека патот во изминатите 35 години не беше лесен. Имаше периоди на успех, но и кризи, моменти на стабилност, но и политички и економски потреси. Доживеавме уставни и институционални промени и поминавме низ тежок економски транзициски процес и трансформација на општеството, додека многу наши граѓани ја напуштија земјата во потрага по подобар живот – рече претседателот на Собранието.

Тој порача дека годишнината треба да се одбележи со поглед кон она што е изградено и со оптимистичка визија за иднината.

– Секој што ја сака оваа држава знае дека во нејзините темели лежи рамнотежата на еднаквоста и дека колку повеќе се зачувува таа рамнотежа, толку поуспешна е државата. Северна Македонија е дом на граѓани со различна етничка, јазична, верска и културна припадност. Тоа не е пречка во градењето на државата, туку реалност што треба да ја претвориме во извор на успех – нагласи Гаши.

Парафразирајќи ја познатата мисла на американскиот претседател Џон Кенеди, Гаши повика граѓаните да се запрашаат каква држава сакаат да имаат во следните 35 години.

– Државата на иднината треба да биде држава на функционални институции, во која администрацијата не го гледа граѓанинот како товар, туку како причина за своето постоење, законот се применува еднакво без оглед на партиската припадност, а корупцијата се смета за порок. Можеме да имаме различни јазици, култури, традиции и политички убедувања, но имаме само една заедничка држава – порача тој.

Според Гаши, Собранието има посебна одговорност бидејќи е место во кое се отсликува и се претставува општеството.

– Во секое плуралистичко собрание парламентарната дебата е неопходна, несогласувањето е нормално, а критиката е потребна. Но, над секоја политичка разлика треба да постои поголема одговорност – одговорноста кон државата и граѓаните. Можеби нема да се согласуваме за начинот на кој треба да постигнеме одредена цел, но мора да се согласиме кои се основните државни цели – истакна Гаши.

Тој порача дека треба да се создадат услови младите да не го гледаат заминувањето од земјата како единствена можност за подобар живот, како и да се промени односот кон дијаспората. Се осврна и на потребата од заштита и афирмирање на традиционалното семејство, но нагласи дека демографската политика не треба да се разгледува само преку наталитетот.

– Демографската политика треба да биде поврзана со квалитетот на животот, вработувањето, квалитетното образование и здравство, правдата, животната средина и можностите за домување. Младите треба да веруваат дека и овде можат да изградат добар живот. Ако сакаме да останат, постојано треба да создаваме причини и можности за нив. Тоа е патриотизмот што се очекува од нас – порача Гаши.

Тој изрази уверување дека суштината на 35-годишнината треба да биде отворена дебата за тоа како државата да стане пофункционална и секој граѓанин еднакво да се ангажира за нејзиниот успех.

– Да ја градиме иднината со повеќе одговорност, повеќе доверба и повеќе работа. Среќен 8 Септември и честита 35-годишнина на Републиката – порача Гаши.