Фото: Град Скопје

Градскиот воз во Скопје за само три дена од почетокот на сообраќањето превезел околу 1.500 патници, а првичните анализи покажуваат добар интерес кај граѓаните, изјави вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, пренесе МИА.

Тој очекува бројот на патници значително да расте во периодот што следи, посочувајќи дека проценките се оти со првата линија се опфатени околу 200.000 жители.

-Јас очекувам дека таа бројка ќе расте, дека за многу брзо време ќе надминеме и 100.000 патници – рече Николоски во гостување на телевизија Сител.

Во меѓувреме, веќе се работи на проектирањето на уште две линии со кои би се проширил опфатот на градскиот железнички сообраќај и би се поврзале повеќе приградски населби со Новата железничка станица во Скопје.

Првата планирана траса би се движела од Новата железничка станица преку Автокоманда, Маџари, Ченто и Илинден до Агино Село.

Втората линија би го опфаќала северозападниот дел од Скопје и би се движела од Новата железничка станица преку Бутел, Скопје Север, Волково и Ѓорче Петров до Сарај.

Со реализацијата на двете нови линии, според Николоски, би се создала поширока железничка мрежа која ќе ги поврзе различните делови на градот и приградските населби со Новата железничка станица.

Министерот очекува проектирањето да заврши до крајот на октомври, по што би следувало тендерирање. Почетокот на градежните работи е планиран за декември или јануари, во зависност од временските услови, додека оперативноста на двете нови линии се очекува на почетокот на 2028 година.

Николоски посочи дека со градскиот воз граѓаните ќе можат полесно да ја избегнуваат сообраќајната гужва и да го планираат времето според однапред утврдени интервали на пристигнување.

Во однос на поврзувањето со Скопскиот аеродром, тој објасни дека во моментов до аеродромот нема железничка пруга, но таа врска е предвидена во рамки на проектот „Брза пруга“.

Според плановите, со брзина од 160 километри на час би се овозможило патување од центарот на Скопје до аеродромот за значително пократко време. Николоски најави дека делницата до аеродромот е планирана како прва отсечка што би се градела во рамки на проектот.