По повод Денот на независноста – 8 Септември, Министерството за спорт денеска, на пригодна свеченост во Собранието, ги додели државните награди „8 Септември“ за високи остварувања во областа на спортот.
Државната награда „8 Септември“ претставува признание што Република Македонија им го доделува на спортисти, тренери и спортски работници кои со своите резултати, посветеност и долгогодишна работа оставиле трајна трага во македонскиот спорт. Наградата годинава се доделува по четиринаесетти пат.
Добитници на еднократната награда за остварувања во областа на спортот се Димче Ангелов за борење, Ацо Крстов за борење, Дејан Ангеловски за атлетика и Ангел Мицевски-Скакар за борење.
Наградата за животно дело, која има траен карактер, му припадна на Трајче Димков, човек чиј живот и професионална кариера се нераскинливо поврзани со македонското борење – како спортист, тренер, селектор и спортски работник.
Министерот за спорт Борко Ристовски им честиташе на добитниците и истакна дека државната награда што го носи името на Денот на независноста има посебна симболика, бидејќи со неа државата им оддава почит на луѓето чии спортски достигнувања станале дел од нејзината историја.
– Постојат спортски резултати што остануваат запишани во статистиката, но постојат и луѓе чии резултати, карактер и дело стануваат дел од колективната меморија на една држава. Денеска сме тука токму поради такви луѓе. Луѓе кои победувале, создавале шампиони, граделе спортски генерации и го носеле името на Македонија тогаш кога зад нив стоеле само нивниот труд, нивната дисциплина и вербата дека можат да успеат – истакна Ристовски.
Тој нагласи дека спортот има вредност многу поголема од освоените медали, пехари и рекорди, бидејќи големите спортски успеси создаваат моменти во кои целата држава се препознава во успехот на еден спортист или на една репрезентација.
– Спортот има една исклучителна моќ – во неколку секунди да обедини цел народ. Кога македонски спортист стои на победнички подиум, кога се крева македонското знаме или кога нашите спортисти се борат со најдобрите во светот, тогаш нивниот успех престанува да биде само личен. Тој станува успех на Македонија. Токму затоа државата има обврска да ги памети луѓето кои ги создавале тие моменти – порача Ристовски.
Министерот им честиташе на годинашните добитници, посочувајќи дека зад секое признание стојат децении работа, тренинзи, натпревари, откажувања, победи и порази, но и значаен придонес во создавањето нови генерации македонски спортисти.
Посебно признание му беше оддадено на добитникот на наградата за животно дело, Трајче Димков, за повеќе од четири децении посветеност на македонското борење.
Во неговата долгогодишна спортска кариера особено се издвојува 1995 година, кога со БК „Бучим“ од Радовиш станал европски клупски првак. Како селектор, Димков ја предводел македонската репрезентација и на Олимписките игри во Пекинг во 2008 година, а во неговата тренерска кариера македонски борачи освојувале медали на европски првенства, Медитерански игри и други големи меѓународни натпреварувања.
– Животно дело не се создава со една победа, една сезона или еден медал. Тоа се создава со децении во кои човекот останува верен на спортот, го пренесува своето знаење и зад себе остава луѓе кои продолжуваат таму каде што тој започнал. Тоа е наследство кое не може да се измери само со бројот на освоени медали – истакна Ристовски.
Државната награда „8 Септември“ е востановена во 2012 година, а годинава се доделува по четиринаесетти пат.
На конкурсот за 2026 година биле поднесени девет кандидатури за државната награда и шест кандидатури за наградата за животно дело.
Изборот на добитниците го спроведува Одборот за доделување на државната награда, составен од 13 истакнати спортски работници и професори од областа на спортот.

































