Фото: Принтскрин

Македонија од денеска и официјално станува дел од Вертикалниот гасен коридор, заедно со Грција, Србија, Бугарија, Романија, Унгарија, Словачка, Молдавија и Украина, најави министерката за енергетика Сања Божиновска пред обраќањето на шестиот „Thessaloniki Metropolitan Summit“ во Солун.

Божиновска информираше дека денеска ќе биде потпишан Меморандум за разбирање со кој Македонија и Србија се вклучуваат во овој регионален енергетски проект.

 – Конечно нема да бидеме изоставени од енергетската мапа и ќе бидеме приклучени кон Вертикалниот коридор – рече Божиновска.

Таа посочи дека интензивно се работи на изградбата на интерконекторот со Грција, како и на поврзувањето со Србија. Според најавите, до крајот на следната година земјата би требало да биде подготвена за транзит на гас и за обезбедување дополнителни количини преку повеќе правци.

 – Интензивно работиме на интерконекторот со Грција, како и на поврзувањето со Србија. Тоа значи дека до крајот на следната година би требало да бидеме подготвени за транзит на гас низ земјава и за зголемени количини, односно да немаме само едно поврзување – истакна министерката.

Со приклучувањето кон коридорот, Македонија ќе добие можност за алтернативно снабдување со природен гас. Божиновска посочи дека досега земјата имала само едно поврзување со Бугарија, чии капацитети, според неа, во голем дел се долгорочно закупени од „Газпром“.

 – Сега ќе имаме втора можност – да се поврземе со Александруполи и Ревитуса. Тоа значи дека и ние можеме да станеме центар кој ќе ја снабдува Југоисточна Европа со гас – порача Божиновска.

Покрај шестиот „Thessaloniki Metropolitan Summit“, министерката денеска ќе учествува и на јубилејниот десетти Енергетски форум на Југоисточна Европа.